Ако САД ја признаат анексијата на Крим- колку е тоа опасно?
25 април 2025САД наводно им испратиле на своите европски сојузници доверлив документ со предлози за прекин на огнот во руската војна против Украина. Наводно, една од најважните точки е признавањето на руската контрола над украинскиот полуостров Крим, кој беше анектиран од Москва во 2014 година. Ова првично беше објавено од новинската агенција Блумберг, американскиот информативен канал Си-Ен-Ен, влијателниот дневен весник „Вашингтон пост" и деловниот весник „Вол стрит журнал“.
Според предлогот, Американците очекуваа одговор од Украина до 23 април. Но претходно, краткорочно состанокот на највисоките дипломати во Лондон беше намален на консултативно ниво, откако претставниците од Германија, Велика Британија, Франција и Украина го откажаа учеството. Исто така откажа присуство и американскиот државен секретар Марко Рубио. Дотогаш, американскиот претседател Доналд Трамп не беше подготвен да ги потврди или негира извештаите за можното признавање на Крим како руска територија.
Како реагира Украина?
Во повеќе од единаесет години од незаконската анексија, кримското прашање беше тема која постојано се повторува во медиумите. Овој пат, меѓутоа, официјален Киев не побрза да ги коментира извештаите. Еден од првите што реагираше беше претставникот на Кримските Татари, Рефат Чубаров. Тој за Радио Либерти изјави дека администрацијата на Трамп само го тестира украинското раководство со своите пораки во врска со територијалните отстапки, без кои наводно војната не може да се заврши и не може да се постигне траен мир.
Малку подоцна реагираше и кабинетот на украинскиот претседател. Киев не разговарал за признавањето на Крим како дел од Русија во разговорите со САД и не се согласува со тоа, увери на украинската телевизија советникот на претседателот, Серхи Лешченко.
Претседателот Володимир Зеленски тогаш очигледно сакаше да стави крај на оваа дискусија. Како одговор на прашањата на новинарите вечерта на 22 април во Киев, тој нагласи дека Украина нема да ја признае руската окупација на Автономната Република Крим, бидејќи тоа ќе биде кршење на украинскиот Устав. „Крим не е предмет на дебата“, нагласи тој, повторувајќи дека полуостровот е украинска територија. Трамп изјавата на украинскиот претседател ја нарече „многу штетна за мировните преговори со Русија“. „Ако го сака Крим, зошто не се бореа за него пред 11 години кога ѝ беше предаден на Русија без испукан истрел?" напиша Трамп на својата платформа Truth Social на 23 април.
Ризици од признавање на анексијата на Крим
Американскиот институт за глобални закани и студии за демократии Роберт Ленсинг (РЛИ) во анализа наведе неколку ризици за меѓународниот поредок од признавање на анексијата на Крим. Тоа би претставувало „фундаментална промена во надворешната политика на САД и прекин со децениските правни принципи кои го бранат територијалниот интегритет“. Експертите на институтот нагласуваат:
Прво, признавањето на анексијата на Крим би било стратешки удар за меѓународните норми. Тоа би го поткопало принципот на територијален интегритет содржан во меѓународното право и ќе го ослабне правниот поредок воспоставен по Втората светска војна. Ова ќе ги поттикне другите авторитарни држави како Кина или Турција да се вклучат во територијален ревизионизам.
Второ, тоа би довело до отуѓување меѓу сојузниците во западниот табор. Украина би го сметала таквиот чекор како предавство, а пред сѐ источноевропските членки на НАТО и ЕУ би го сметале како капитулација пред руската агресија.
Трето, таквиот потег би имал импликации за внатрешната политика на САД. Тоа би предизвикало натпартиска контрареакција и би покренало прашања за вистинските мотиви на Трамп, особено со оглед на шпекулациите за неговите можни долгогодишни врски со Москва.
РЛИ предупредува и дека признавањето на анексијата на Крим сериозно ќе му наштети на кредибилитетот на американската поддршка за демократијата и владеењето на правото ширум светот. Особено во земјите кои се ранливи на авторитарен притисок.
„Екстремно опасен преседан“
Украинскиот политиколог Володимир Фесенко ја дели оваа оценка. Тој во интервју за ДВ рече дека Крим е „црвена линија“, а неговата загуба „апсолутно неприфатлива за Украина“. Правното признавање на анексијата на Крим ќе создаде „екстремно опасен преседан“. И ова важи не само за Украина, туку и за целиот свет, ако се земат предвид претензиите на Кина кон Тајван и на други места. Фесенко смета дека намалувањето на нивото на состанокот во Лондон покажува дека американските предлози објавени во медиумите се практично отфрлени и повеќе нема да се спроведуваат.
И Андраш Рач од Германското друштво за надворешна политика (ДГАП) во моментов не очекува брз пробив во дипломатијата. „Не е изненадувачки што украинската страна го отфрли американскиот предлог“, вели тој. Според политикологот, ова би барало од Киев официјално да ја признае анексијата на Крим и, всушност, да се откаже од украинската територија окупирана од Русија.
Откако средбата во Лондон очигледно тргна наопаку, набљудувачите сега шпекулираат за тоа каков курс ќе преземе Вашингтон. На 23 април, американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави дека и Украина и Русија мора да се откажат од дел од територијата што секоја страна моментално ја контролира.
САД дадоа „многу јасен предлог“ до Русија и Украина, Венс предупреди: „Сега е време или тие да кажат да, или САД да се повлечат од овој процес“.