Одложено гласањето за извештајот за Македонија во ЕП
4 јуни 2025Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) го одложи гласањето за предлог-извештајот за Северна Македонија за 24 јуни, откако тоа го побара известувачот Томас Вајц.
Тој во образложението на предлогот нагласи дека бил сведок на интензивни политички дебати околу извештајот, но дека апсолутно стои зад документот во кој биле вклучени сите пратенички групи во Европскиот парламент.
„Ова е извештај на Европскиот парламент и на Европската Унија. Овој извештај нема намера и нема за цел решавање на билатерални прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија. Сепак, знаеме дека се работи и за билатерални односи, но исто така, да речеме, за владеењето на правото, за третманот на малцинските заедници и така натаму. Затоа би сакал да побарам одлагање на гласањето по овој извештај за 24 јуни“, ја пренесува МИА изјавата на Вајц.
Според Вајц, целта на ова барање е да им даде можност на неговите колеги европратеници, особено оние од редовите на десничарските пратенички групи Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) и Европа на суверени нации (ЕСН) „да ги ажурираат своите лоби регистри“.
Предлог-извештајот за напредокот на Северна Македонија требаше да се најде на денешната седница на АФЕТ. Во документот се повикува на брз напредок во преговорите и спроведување на уставните измени. Во нацрт-документот постојат неколку референци за признавање на македонскиот јазик и идентитет