80 години по Аушвиц: Културата на сеќавање во Германија
27 јануари 2025Знамињата се на половина копје, а во Бундестагот се положени венци пред говорницата. Многу пратеници и гости се облечени во црно. Се држат говори и се аплаудира во знак на почит, и така од година в година. Во Германија 27 јануари е денот на комеморација на жртвите на националсоцијализмот (НС), меѓународно познат и како Ден за сеќавање на холокаустот. Станува збор за годишнината од ослободувањето на концентрационите и логори за истребување во Аушвиц на 27 јануари 1945 година - пред точно 80 години. Комеморацијата е централен елемент на германската меморијална култура. Во Германија постојат над 300 спомен-локалитети и центри за документирање на националсоцијализмот, учениците учат за него на часовите по историја. Некои ги посетуваат спомениците на поранешните концентрациони логори во Германија. Децата се просветлуваат за ѕверствата што биле извршени таму. Имаше големи судења за воени злосторства, како што се судењата за Аушвиц, а компаниите ја расплеткуваа нивната вмешаност во нацистичките злосторства. До денес пред суд се изведуваат веќе многу стари чувари и чуварки од нацистичките логори за истребување. Сето тоа е потсетник на најтемното поглавје во германската историја. Националсоцијалистичка Германија ја предизвика Втората светска војна, што резултираше со милиони загинати и убиени и беше одговорна за систематското убиство на шест милиони европски Евреи. Покрај нив, имаше уште стотици илјади други жртви на нацистичкиот терор: Синти и Роми, како и политички противници на нацистите, хомосексуалци и лица со попреченост.
Што е германската култура на сеќавање?
Ако се прашува политикологот и публицист Саба-Нур Чема, тоа звучи едноставно. „Меморијалната култура е колективно знаење и сеќавање на минатото. Конкретно во однос на Германија, од централно значење е Холокаустот и третирањето на националсоцијализмот“, вели Чема и додава дека во последниве години и сеќавањата на источногерманската диктатура и периодот на колонијализмот се сѐ повеќе присутни. Помладите можеби мислат дека Германија отсекогаш негувала култура на сеќавање. Притоа Фриц Бауер, јавниот обвинител кој ги изведе злосторствата во Аушвиц пред лицето на правдата во Франкфурт наспроти најголем отпор, во 1960-тите наводно рекол дека „кога ја напуштам мојата канцеларија, почнува непријателската територија“. Бауер, и самиот Евреин, ја преживеал нацистичката ера само благодарение на бегството во Шведска. Дури во 1996 година во Германија е воведено одбележувањето на Денот на комеморација на жртвите на националсоцијализмот, кој никогаш не стана официјален празник.
Сеќавањето и комеморацијата: загрозени од десницата
До денес, комеморацијата за нацистичките злосторства е мета, особено на десничарски екстремисти и на десничарските популисти. Директорот на споменикот Бухенвалд и Мителбау-Дора, Јенс Кристијан Вагнер, во Тирингија јасно се позиционираше против во делови десно екстремната партија Алтернатива за Германија (АфД) - и од тогаш му се закануваат, како што пишува на X. „Речиси сите спомен-локалитети се соочуваат со вандализам и негирање на холокаустот. Но, може да се забележи и дека дебатите на теран се заоструваат“, вели Вероника Хагер од Фондацијата Сеќавање, одговорност, иднина (ЕВЗ). „Изјави што ние како општество до пред десет години ќе ги отфрлевме како релативно екстремни, сега добиваат многу поголема поддршка“, вели таа.
Неодамна ко-претседателката на АфД, Алис Вајдел,во ТВ интервју рече дека „нема оти Адолф Хитлер бил антисемитски социјалист и дека антисемитизмот е првенствено лев“. Изјавата е во согласност со претходни тврдења од нејзините сопартијци, дека на пример нацистичката ера била „птичји одмет на историјата“. „Целта е да се ублажат работите за на крајот веќе да не се зборува за она што се случи - со ризикот заканата од десничарски националистички групи веќе да не е опиплива и конкретна“, вели Чема.
Дали културата на сеќавање потфрла?
Мишел Фридман е еден од публицистите кои го обрнуваат вниманието на јавноста кон растечкиот антисемитизам. Тој остро ја критикува меморијалната култура. „Да си ја завршевме нашата домашна задача, немаше сега да владее бесрамна и брутална омраза кон Евреите“, рече тој во интервју за неделникот „Шпигел“. За него – а, тоа често го потенцират и еврејски организации и здруженија - германската меморијална култура е премногу сведена на ритуали и премногу вкоренета во минатото. „Колку и да е важно да се занимаваме со мртвите Евреи, наша одговорност мора да бидат живите Евреи. А, за нив животот во Германија не е добар“, заклучува Фридман.
Нема општ лек за сите појави на антисемитизам
Бројот на антисемитски инциденти во Германија расте вртоглаво уште пред 7ми октомври 2023 година, денот на бруталниот терористички напад од страна на Хамас врз Израел со 1200 мртви. За некои ова е доказ дека меморијалната култура потфрлила. Меморијална култура и заштита на еврејскиот живот – двете често одат рака под рака во Германија. Лекциите од минатото треба да условат одговорност за денешницата. Иако делумно поврзаноста е точна, таа бара нешто од меморијалната култура што таа тешко може да го постигне, вели Јозеф Вилсон, стручен референт за „Делување против антисемитизам“ при Фондацијата ЕВЗ. „Меморијална култура не е исто што и спречување и борба против антисемитизам“, вели Вилсон. Сочувството што некој може да го почувствува при посета на еден споменик не се префрла автоматски во сегашноста и не ги наведува луѓето да препознаат антисемитски кодови и теории на заговор. „Наместо тоа, мора да признаеме дека нашите концепти за превенција на антисемитизам делумно пропаднаа“, вели Вилсон.