25 држави бараат итен прекин на војната во Газа
22 јули 2025Министрите за надворешни работи на 25 земји во заедничка изјава бараат итно завршување на војната во Појасот Газа и истовремено го критикуваат постапувањето на Израел со хуманитарната помош наменета за крајбрежниот појас. „Војната во Газа мора да заврши. Натамошно крворолевање е бесцелно“, се вели, меѓу другото, во изјавата. Државите бараат и итно ослободување на заложниците кои и натаму се држат во Газа.
Декларацијата ја потпишаа министрите за надворешни работи на Велика Британија, Австралија, Австрија, Белгија, Канада, Данска, Естонија, Финска, Франција, Ирска, Исланд, Италија, Јапонија, Латвија, Литванија, Луксембург, Нов Зеланд, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Шведска, Швајцарија, Словенија и Шпанија. Како потписник е наведена и Хаџа Лахбиб, еврокомесарка за отпорност, хуманитарна помош и управување со кризи и за родова еднаквост.
Израел треба да ги исполни своите обврски според меѓународното право
Државите потписнички ја искажуваат својата подготвеност да преземат натамошни мерки за итен прекин на огнот. Тие го осудуваат она што го опишуваат како „снабдување со хуманитарна помош капка по капка“ и „нехумано убивање на цивили“ во потрага по храна.
Страдањето на цивилното население во Газа достигна ново ниво, а смртта на повеќе од 800 Палестинци „во потрага по помош“ е ужасна, се оценува во декларацијата. „Одбивањето на витална хуманитарна помош за цивилното население од страна на израелската влада е неприфатливо“, пишуваат државите потписнички. Израел, според нив, мора да ги исполни своите обврски според меѓународното хуманитарно право.
Се бара и ослободување на заложниците
Предлозите за преселба на палестинското население во „хуманитарен град“ се целосно неприфатливи. „Цврсто ги отфрламе сите чекори кон територијални или демографски промени на окупираните палестински територии“, се вели во изјавата. Трајното присилно раселување претставува кршење на меѓународното хуманитарно право.
Во изјавата, исто така, се повикува на „итно и безусловно ослободување“ на сите заложници што ги држи Хамас во Појасот Газа. Прекинот на огнот е најдобрата надеж за нивно враќање дома.
Израелското Министерство за надворешни работи ја отфрли декларацијата на 25-те држави „бидејќи е исклучена од реалноста и испраќа погрешна порака до Хамас“.
Германија не е наведена меѓу земјите потписнички. Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул на платформата Х напиша дека на својот израелски колега Гидеон Сар му ја изразил својата „најдлабока загриженост за катастрофалната хуманитарна ситуација“: „Итно го повикуваме Израел да ги спроведе договорите со ЕУ за да се овозможи хуманитарна помош“, пишува Вадефул. Шефот на германската дипломатија не се осврнува на декларацијата на 25-те држави.