100 години пасош: Документ кој отвора и затвора врати
7 јуни 2025Биометриски фотографии, баркодови, холограми, микрочипови: денешниот пасош е несомнено пример за модерната технологија. На некои им отвора порти кон светот, додека за луѓето без соодветен пасош светот е затворен. Но, какви биле почетоците и како е настаната оваа важна книшка?
Венеција во време на чумата
Уште во 14 век постоело нешто слично на патна исправа. Во тоа време во Европа беснеела чума, а градовите како Венеција барале начин да ја сузбијат болеста. Така е настанато т.н. „писмо за чума“ – потврда што секој патник морал да ја покаже кога влегувал во градот. Доколку доаѓал од област зафатена од чума, не му било дозволено да влезе во Венеција. Во тоа време патната исправа сè уште не била поврзана со државјанството, туку со местото на престој. Поврзувањето на националноста со пасошот е воведено многу подоцна, во 20 век.
Воведување единствени пасоши
Веднаш по Првата светска војна се појави идејата за воведување глобални стандарди за пасоши. Таквата задача ѝ беше доверена на новооснованата Лига на народите, претходник на денешните Обединети нации. Според Хермина Диболт, од архивите на ОН во Женева, пасошите какви што ги знаеме денес постојат само околу 100 години. Лигата на народите основана во 1920 година, имала задача да обезбеди мир по Првата светска војна. Во тој период пропаѓаа старите колонијални империи и настануваа нови национални држави. За време на војната, многумина биле протерувани и често имале само локални документи за докажување на нивниот идентитет.
Земјите како Германија, Франција, Обединетото Кралство и Италија уште за време на војната барале официјални документи за идентификација на лица од непријателски земји кои сакале да влезат на нивна територија за време на војната. По 1918 година, кога милиони луѓе биле во бегство, граничните службеници имале проблеми со проверката на многу различни патни документи. Тешко било да се препознае дали пасошот е автентичен или не. Затоа било потребно да се најде решение. Во 1920 година, Лигата на народите ги собрала светските лидери во Париз за да се договорат за униформни правила за патните документи. Било договорено пасошите насекаде да изгледаат исто и да ги содржат истите информации. Од тогаш пасошите мора да имаат димензии од 15,5 x 10,5 сантиметри, да содржат 32 страници и на насловната да го отпечатат името на државата и грбот. Тој формат се користи и денес.
Слобода за едни, пречка за други
Уште тогаш имало критичари на пасошот. Нивниот аргумент бил дека документот не служи за слобода на патниците, туку за нивна контрола. „Некои лидери сакале сè да остане како што било порано, кога луѓето можеле слободно да се движат без да носат документи. Пасошот не бил популарен ниту кај јавноста, ниту кај медиумите. Луѓето сметале дека пасошите им ја ограничуваат слободата и ја нарушуваат нивната приватност. Освен тоа, пасошот бил поврзан со многу бирократија и компликации“, објаснува Хермине Диболт. Во текст на Њујорк Тајмс од 1926 година стои: „Мора ли пасошот да остане постојан елемент во патувањето? Системот кој настана за време на војната е несмасен, досаден и го попречува слободното движење меѓу народите“. Меѓутоа веќе било предоцна да се запре таквиот развој. Членовите на Лигата на народите не можеле да се договорат околу тоа како би требало да изгледа свет без гранични контроли и пасоши. Така пасошот остана до денес.
Современиот пасош и глобалната нееднаквост
До денес, пасошот може значително да влијае врз животот на една личност. Државјанството одредува каде може едно лице да патува и каде да престојува. Во зависност од земјата на потекло, пасошот може да му донесе на носителот и големи права - или очај на сопственикот. Разни топ-листи на пасоши покажуваат колку земји може да се посетат со одреден пасош, без виза. А, што е со луѓето кои немаат државјанство или пасош? Околу десет милиони луѓе во светот се без државјанство. Една од причините може да биде дискриминација на етнички групи. Според Американскиот институт за дипломатија и човекови права, околу 70 отсто од Ромите и Синтите во Германија се без државјанство.
Златни пасоши и во ЕУ
Пасошите се меѓу најбараната стока - не само на црниот пазар. Неколку карипски земји нудат т.н. златни пасоши. До пред неколку години ваква програма имаа и неколку земји-членки на ЕУ, на пример Кипар, Бугарија и Португалија. Тие беа укинати по критиките од Брисел. Малта е позната по својата програма за инвеститори каде минималната инвестиција за стекнување државјанство е околу 690 илјади евра, но со дополнителни трошоци и донации вкупната сума може да надмине 1,15 милиони евра. Грција нуди дозвола за престој со инвестиција од најмалку 250 илјади евра во недвижен имот, а по седум години престој инвеститорите можат да аплицираат за грчко државјанство. Во некои популарни региони како Атина, Солун, Санторини и Миконос, минималната инвестиција е зголемена на 500 илјади евра.