Ќе има втор круг на претседателските избори во Бугарија
23 октомври 2006Според последните официјални податоци на Изборната комисија во Софија, тој освоил дури 64% од гласовите. Неговиот најсериозен конкурент, шефот на екстремно-националистичката партија Атака, Волен Сидеров, доби 22%. Двајцата ќе мора уште еднаш да ги одмерат силите во вториот круг на претседателските избори, што е неопходен поради слабиот одзив на бирачите од само 43%. Законот предвидува повеќе од половината од вкупно 6,4 милиони бугарски граѓани со право на глас да излезат пред бирачките кутии.
Иако актуелниот претседател Ѓорѓи Прванов освои речиси две третини од гласовите, оној кој постигна вистински изборен успех е шефот на ултранационалистите Волен Сидеров. По неверојатните 22 проценти од гласовите, тој во настапите за јавноста не излезе со еуфорични изјави, туку манифестираше умереност. 50-годишниот Волен Сидеров за време на изборната кампања нескриено повикуваше од Ромите во Бугарија да се прави сапун, а од расистички изјави не ја поштеди дури ни американската министерка за надворешни работи Кондолиза Рајс. Она што го изјави вчера вечер по објавувањето на првичните резултати имаше сосема поинаква политичка интонација – барем што се однесува до ромското малцинство:
“На оваа народна група мора да и‘ биде јасно дека единствениот пат води преку интеграцијата, преку испраќањето на децата на училиште и барањето работни места.“
Поостри десно популистички пароли не можеа да се чујат на прес-конференцијата на Сидеров. Дури на прашањето зошто странските новинари го споредуваат со францускиот десен екстремист Ле Пен, шефот на Атака внимателно порача:
“Бугарски Ле Пен нема. Ле Пен е француска појава, а Франција има поинакви проблеми од Бугарија. Сличност во ставовите сепак има, на пример кога е во прашање ЕУ. Таа треба да стане Унија на држави со еднакви права, без хиерархиски структури и држави кои на другите членки им диктираат што треба да прават, како што е тоа сега.“
Тоа што ваков “полнокрвен противник“ на европската интеграција освои толку многу гласови во Бугарија на само два месеца пред приемот во ЕУ предизвикува сериозна загриженост во Брисел.
Загрижен е и актуелниот бугарски претседател Прванов:
“Сметам оти е пробламатично што ваквото радикално изјаснување на граѓаните доби етничко – религиозен карактер. Во тоа се крие опасност, се‘ едно што мисли за тоа ЕУ!“