Јункер му даде последен рок на Пападимос
22 ноември 2011На средбата во Луксембург, грчкиот премиер Лукас Пападимос денеска (22.11.) го убедуваше претседателот на Еврогрупата Жан -Клод Јункер дека неговата влада ќе продолжи со консолидација на буџетот и спроведување реформи. Сепак, без писмена гаранција од страна на Грција дека ќе спроведува реформи, нема да се одлучува за натамошната транша помош. Гаранцијата би требало да ја потпишат Пападимос, министерот за финансии, шефот на централната банка на Грција и шефовите на двете големи партии. Ваквиот услов Еврогрупата го постави пред две недели, а лидерот на грчката Неа Демократија, Антонис Самарас, досега одбива да стави потпис на писмена гаранција од грчка страна. Доколку Грција не ја добие наредната транша помош од осум милијарди евра, земјата, како што се вели во Атина, ќе банкротира пред Божик.
Главните грчки синдикати денеска повикаа на генерален штрајк на 1 декември против „суровите и неправедни“ мерки за штедење, планирани од новата влада. „Владата се смени, но неправедното и неефективното управување не се променило воопшто“, се посочува во изјавата на синдикатот, кој го претставува грчкиот приватен сектор. Вториот најголем синдикат, што ги претставува правата на вработените во државниот сектор, потврди дека ќе се придружи на штрајкот, кој е шести по ред генерален штрајк во Грција од почетокот на годината.
Автор: ЕМФ/дапд/макфакс
Редактор: Г.Чутаноски