„Јужен поток“ може да биде катастрофа за Бугарија
4 јуни 2014Одлуката на Европската комисија да почне процедура против Бугарија поради изградбата на гасоводот „Јужен поток“ ги загрижува експертите во земјата. Тие сметаат дека проектот, т.е. зависноста од Русија ја води земјата во катастрофа.
Европската комисија одлучи да се прекинат работите на изградбата на „Јужен поток“ на територијата на ЕУ се‘ додека не се ревидираат билатералните договори кои Русија ги постигнала со земјите-членки, а за Бугарија постои ризик од тужба доколку не ја почитува одлуката, изјави вчера (3.06) Сабине Бергер, портпаролка на еврокомесарот за енергетика Гинтер Етингер.
Бугарскиот министер за економија и енергетика Драгомир Стојнев не очекува дека неговата земја ќе биде казнета од страна на ЕУ, но смета дека Бугарија останува заложник на конфликтот меѓу Украина и Русија. Ваквото мислење го дели и експертот за енергетска политика и поранешен амбасадор на Бугарија во Русија, Илијан Василев.
„Јужен поток е само една од картите кои ќе бидат одиграни во покерот меѓу Брисел и Москва. Во него има и повисоки влогови, на пример, реакцијата на ЕУ кон резултатите од истрагата монополистичко работењето на Гаспром на европскиот пазар или проектот за воведување исти цени за рускиот гас во сите земји од ЕУ“, смета Василев.
Заладување на односите со ЕУ
Економистот Красен Станчев не се сомнева во одлучноста на Русија да го истурка проектот за гасоводот и покрај противењето на ЕУ. „Москва добила гаранции од Софија за проектот. Во Гаспром не ги интересира дали секој од бугарските даночни обврзници ќе мора да плати казна од по 8 илјади евра поради нарушување на правилата на ЕУ. Но таа казна може да биде и поголема во зависност од причините. Според некои теории, Бугарија би можела да биде принудена и да ја напушти ЕУ“, тврди Станчев.
Илијан Василев не мисли дека може да дојде до толку голема радикализација во односите, но не исклучува проблеми. „Поверојатно е да очекуваме 'заладување' на односите меѓу Бугарија и Европската комисија, што ќе доведе до замрзнување на серија европски фондови и програми за земјата. Меѓу нив, и плановите за влез на Бугарија во Шенген зоната и во еврозоната ќе бидат одложени на неодредено време“, прогнозира Василев. Тој стравува дека влијанието на малубројната група политичари и бизнисмени кои инсистираат да продолжи изградбата на „Јужен поток“ е толку големо што тие нема да се поколебаат да влезат и во директен судир со ЕУ и со бугарското општество, само за да го одржат статус-квото.
Поткопана независност
Политологот Огњан Минчев ја споредува хиперактивноста на актуелната бугарска влада во поддршка на рускиот геополитички проект со активност на марионети во заштита на пазарен монополист. „Во цената за изградбата на тој гасовод нема елементарна бизнис логика. На пример, еден километар од трасата низ дунавската рамнина ќе биде двапати поскап од еден километар низ планинскиот релјеф во Србија и три пати поскап од еден километар гасовод низ непристапните алпски предели во Словенија. Бугарија во истовреме се наоѓа под отромен коруптивен притисок од Москва, и под апсолутно легитимен притисок од Брисел за да се спречи измамата каква е што е измислената ‘морска траса‘ од страна на пратениците на владејачката партија БСП, за која не би требало да важат правилата на ЕУ. А токму целта на ЕУ е да ги намали и израмни високите монополостички цени кои ги нуди сега Гаспром“, објаснува Минчев.
Според политикологот, во опасност не е само угледот, туку и иднината на Бугарија.
„Напорите на актуелната влада во Софија да им помогнат на руските монополисти имаат потенцијал да ја доведат државата во национална катастрофа. Во Јужен поток не само што нема ни трага од бугарски национален интерес, туку тој и директно ја поткопува независноста на државата“, вели Минчев.