Што носи приватизацијата на медиумите во Србија?
28 ноември 2015Долго време само се зборуваше, последните години јавно се дебатираше, а потоа законите, далеку од очите на јавноста, набрзина беа изменети и изгласани. Во Србија е во тек приватизација на медиуми, кои се основани како јавни претпријатија на локалните самоуправи. Процесот не оди според планот, бидејќи многу од нив се’ уште не’ ја предале потребната документација, додека Министерството за култура и информирање води војна околу надлежноста со Агенцијата за приватизација. Во секој случај, до крајот на годината на овој или на оној начин ќе биде решено прашањето за 74 медиуми: или ќе се најдат приватни купувачи, или ќе ги преземат вработените, или ќе исчезнат. Медиумскиот пазар е шарен: дел од понудата беа локални радио-станици за неколку илјади евра, информативни портали за кои не е јасно ниту зошто работат ниту кому се потребни, но и големи риби, како „Танјуг“, новосадскиот „Дневник“ и „Студио Б“.
Промената на медиумскиот пејсаж отвора многу прашања: дали приватната сопственост, во досега буџетските медиуми, ќе значи и помала или поголема слобода во известувањето? Дали умира локалното новинарство за јавен интерес? Како ќе изгледа т.н. кофинансирање на проектот?
Влијание и врз приватни медиуми
Раде Вељановски, професор по радио новинарство на Факултет за политички науки, отсекогаш гласно се залагал за повлекување на државата од медиумите и учествувал во изработката на прелиминарниот нацрт-закон за медиумите. За слабиот интерес на приватните сопственици за купување на медиуми, тој коментира: „Луѓето немаат пари, а од друга страна се покажа дека медиумскиот бизнис во Србија и не е некој бизнис - од тоа не можат да се заработат пари. Во Србија има можеби два-три медиуми, кои можат нешто да заработат. Пазарот е мал, а има премногу медиуми.“ Но, тоа не го менува неговиот став дека сопственичката трансформација е неминовна, бидејќи „статус на јавно претпријатие е најлош статус за еден медиум“. Како пример, дека државата и локалните власти треба да ги држат рацете подалеку од медиумите, Вељановски го споменува „Студио Б“, некогашен светилник на демократијата, чија програма во последно време личи на ПР одделение на белградските и републички власти. „Медиумот е под апсолутен притисок и влијание од една политичка партија, која е на власт“, вели Вељановски.
Иако републичката власт повеќе пати го демантираше влијанието врз медиумите, од Министерството за култура и информирање за ДВ велат дека предноста на приватизацијата е „во намалување на влијанието врз уредувачкиот концепт по пат на директни државни субвенции на сите нивоа на власта“. Тој аргумент во основа е точен, но, не ја открива целата вистина за состојбата на медиумите во Србија, смета Зоран Николиќ, извршен директор на порталот „Цензоловка“: „Проблемот е тоа што преку огласувањето имаме поголем политички притисок врз медиумите. Веќе имаме влада која практично ги контролира агенциите кои се занимаваат со трговија на големо на рекламен простор и време. Тоа се агенции, кои се во сопственост или на високи функционери во партијата на власт, или се поврзуваат со луѓе од власта преку историја на вработување, пријателски или роднински врски.“ Николиќ вели дека со укинување на рекламите, практично ги замолчуваат „неподобните медиуми“ и дека тоа води кон целосна контрола.
Од Министерството за култура и информирање ги отфрлаат овие тврдења. Потсетуваат дека во Србија има 1.447 медиуми и велат дека во „споредба со таа бројка, 74 медиуми делува како цифра која никако не може да влијае врз достигнатиот степен на слободата на изразување во Србија“. Професорот Вељановски смета дека тој „достигнат степен на слобода на изразување“ не е баш сјаен, и дека моменталниот српски медиумски систем е најслаб. Но, додава тој, забележително влијание и врз приватните медиуми не може да биде аргумент за медиумите да останат државни. „Процесот е и во созревањето на свеста и кај политичарите, бизнисмените и јавноста. Ќе помине време додека отпорот на јавноста не’ стане постојан, додека јавноста не’ го препознае влијанието и не’ го одбие. Сопственичката трансформација мора да се случи, а потоа мораме да се бориме против влијанието на политиката и бизнисот.“
Германски модел?
Цензурата е дел од проблемот, од каде најчесто не се гледа суштината на јавното финансирање на медиумите - да известуваат во јавен интерес врз постулатите од учебниците за новинарство: навремено, целосно, точно и прецизно. Од Министерството објаснуваат дека јавниот интерес ќе биде сочуван со ткн. кофинансиран проект - медиумите и независните продукции ќе конкурираат за разни проекти и ќе можат да добијат до 80 отсто од потребните средства. Зоран Николиќ вели дека такво финансирање, даночните обврзници ќе ги чини отприлика два пати помалку отколку сега, но додава: „Формулацијата во законот е нејасна, бидејќи никаде не пишува дека локалните самоуправи задолжително мора да распишат конкурс. Исто така, никаде не се кажува дека медиумот мора да биде од одредено место, што значи дека некој од Суботица може да добие пари од конкурс во Прешево. А, вие сами заклучете колку некој од Суботица ќе знае како да ги информира граѓаните од Прешево.“
Николиќ стравува дека најсиромашните региони во Србија ќе останат без информации со јавно значење. Дури и двомилионскиот Белград ќе остане без свои градски медиуми. „Шест регионални сервиси беа предвидени со медиумската стратегија, но со нечие инсистирање и лобирање, тие исчезнаа од Законот за јавно информирање. Сега се препуштени на милост и немилост на пазарот“, вели Николиќ. Професорот Вељановски го лути идејата за мрежа на јавни сервиси. Фамата е, вели тој, дека Србија може да се угледа на Германија од проста причина: јавните сервиси се скапа работа. „Не разбирам како оние кои се залажуваат за голем број на јавни сервиси во Србија губат такво нешто од вид.“ Вељановски вели дека во Србија за 100 милиони евра за РТС и РТВ се говори како за „волшебна сума“, додека Германија за своите јавни сервиси преку претплата собира околу десет милијарди евра годишно. „Германија е богата земја. Апсурдно е да се бара инспирација за решение во германскиот модел.“
Вељановски ја критикува и неподготвеноста на новинарите и уредниците, сами да ги преземат медиумите за кои не постои интерес од купувачите. „Тоа говори за неписменоста на луѓето за земање на било што во свои раце и инерција се’ да им организира државата, а тие само да доаѓаат, работат и примаат плата.“ Професорот признава дека тоа се големи ризици во моменталната економска ситуација - премногу медиуми, а премалку пари од маркетинг, но, вели дека во случај на преземање на медиумите се’ зависи од самите вработени, кои имаат прилика да направат добра програма и маркетинг. Меѓутоа, Зоран Николиќ тврди дека новинарите практично се спречени да станат мали акционери, бидејќи законот, како што го толкува, забранува било кој граѓанин да земе акции, кој веќе земал бесплатни акции, да кажеме нафтената индустрија на Србија.
Досега меѓу новинарите и другите вработени не е забележана „трка“ по акции во медиумите. Поголемиот дел - ако нивните досегашни работодавачи пропаднат - ќе ја прифатат социјалната програма и ќе останат без работа во земја во која нова работа не е лесно да се најде.