Црногорскиот автопат во неизвесност
28 декември 2014Црна Гора е единствената земја на Балканот која нема автопат. Тоа би можело да се промени за четири години, кога, како што ветуваат владата и Кинезите, би требало да биде завршен првиот дел од автопатот Бар-Бољари, од Смоковац до Матешево. Дека работата може да почне, потврдија и пратениците од владејачката коалиција, кои на почетокот на декември го изгласаа Законот за автопатот.
Кинеско, а наше
За црногорската „работа на векот“ пари дадоа Кинезите. Државната кинеска Ексим банка одобри кредит од 687 милиони евра, додека пак, преостанатите 120 милиони, ќе ги обезбеди владата на Црна Гора. Отплатата на вкупните средства во текот на 20 години ќе чини преку милјарда евра.
Според договорот за финансирање на првата делница, домашните компании ќе изведат третина од работите, додека поголемиот дел, 70 отсто, ќе ги изведува компанијата „China Road and Bridge Corporation“ (CRBC). Кинезите во Црна Гора се ослободени од плаќањето на ДДВ-то, придонеси за вработени и царина. Владата не направи анализа, која би покажала колку државниот буџет губи поради тоа.
„Во текот на преговорите разгледавме неколку исклучувања од данокот и владата на Црна Гора вложи доста напор во тој дел на преговорите. Од претходно е познато дека Владата има ослободено од плаќање пет видови на такси, а Кинезите бараа 11“, им рече генералниот директор на компанијата CRBC, Лу Шан, на црногорските новинари во текот на нивната посета на Кина.
Соседите работеа поинаку
И владата на Србија преговара со компанијата CRBC за делот од Белград до Обреновац и од Прељина до Пожега. За другите делови од автопатот ангажирани се кинеските „Shandong Hi - Speed International“, азербејџанската „Azvirt“ и домашните фирми „Putevi Užice“ и „Planum Beograd. „Азербејџанските и кинеските компании се врз основата на Меѓудржавниот договор, ослободени од плаќање на ДДВ-то и царината“, беше соопштено за ДВ од прес-службата на министерството за транспорт на Србија.
Претходно наведените ставки од договорот кој владата на Црна Гора го потпиша со партнерите на туѓа територија, во кинеската амбасада во Подгорица, се само некои од посебностите на првиот црногорски автопат.
Еден километар од идниот најбрз пат во земјата ќе чини околу 20 милиони евра. За споредба километар од автопатот на српската страна, од Белград до црногорската граница, ќе чини три пати помалку - 7,2 милиони. Просечната цена на километар автопат во Хрватска, која со тоа започна пред 20 години, изнесува 4,1 милион, додека пак, највисоакта беше 17 милиони евра. Црногорската влада ја правда високата цена со „предизвикувачкиот“ терен, затоа што повеќе од половината на првата делница ќе го сочинуваат тунели и мостови.
Финансиски (не)исплатлив
Иако ДВ подолго од три седмици чекаше одговори од црногорското министерство за транспорт, за да ја објаснат исплатливоста на најскапиот проект во историјата на државата и неговата економско-општествена оправданост, тие до објавувањето на овој текст не стигнаа. Во меѓувреме, објавени се информации дека периодот на враќање на инвестициите е 17 години од почетокот на градбата, односно 13 години од почетокот на експлоатацијата на автопатот.
Пратеникот на СДП, една од владејачките партии во Црна Гора, Дамир Шеховиќ, претходно соопшти дека последната студија правена за Ексим банката покажала дека, 350 милиони евра е вкупната корист за Црна Гора, односно дека е за толку поголема користа од трошоците кои ќе ги имаат за изградбата на автопатот. Како, не е објаснето, а ниту владата и покрај барањата, не објави јавно ниедна студија за финансиската или општествено-економската оправданост на автопатот.
Од почетокот на приказната за самиот проект во 2006. година, во прв план се истакнува како автопатот ќе ги поврзе развиените јужен и централен дел на земјата со осиромашениот север. Првиот дел, меѓутоа, нема да оди подалеку од Колашин, кој сега е оддалечен од Подгорица еден час возење. Никој не спомнува ни кога ќе почне да се гради делот од патот по 41 километар, колку што ќе биде направено во наредните четири години.
Хрватска не може да ги отплати долговите
Дека Хрватска се пресметала додека го градеше автопатот од, преку 1.200 километри, покажува неотплатениот долг од 4,3 милјарди евра. Само идната година за наплата доаѓаат близу 600 милиони евра, наведуваат хрватските медиуми. Затоа владата во Загреб одлучи да ги даде автопатите под концесија, за да добие свежи пари за отплата на кредитот. Во планот ја кочи петицијата против давање на автопатите под закуп.
И додека се чека исходот - дали владата во Загреб ќе се откаже од автопатите на 30 години - хрватскиот економски аналитичар Анте Бабиќ за ДВ објаснува зошто автопатите ги чинеа прескапо: „Пред се’ затоа што правевме автопат со целосен профил, многу пред да сообраќајот самито да го побара тоа. Имаме автопат од Загреб до Сплит, од Загреб до Ријека и од Загреб кон исток. Од тоа, Загреб-Ријека е исплатлив половина година“, вели Бабиќ и додава: „Можевме да заштедиме ако одевме по фази, но, беше поубаво да изградиме патишта и да ја сечеме лентата, без оглед кој ќе го плати сето тоа“.
Бабиќ не спори дека на секоја земја и’ е потребен автопат и дека користа од поврзувањето на градовите е на тој начин неспорна. Тој, меѓутоа, тврди дека постојат поевтини алтернативи за земји како нашите: „Треба да гледаме што се случува во окружувањето. Ако ние не го повлековме автопатот од Плоќ преку Дубровник до Црна Гора и го чекаме Јадранско-јонскиот автопат за некаков подобар сообраќај, тогаш би се исплатило Црна Гора да почека да се изгради тој дел, бидејќи нема да има доволно сообраќај“, заклучува Бабиќ.
„Ќе ја јадат црногорската храна“
Автопатот ќе го градат околу 4.000 работници. Значаен дел ќе го сочинува работната сила од Кина, па генералниот директор на CRBC од Кина им порачува на домаќините барем овде да можат да заработат: „Колку што сме досега запознати, контролата на квалитетот и безбедноста на прехранбените производи во Црна Гора е на високо ниво и веќе ги достигна европските стандарди. Затоа не ја разгледавме можноста да увеземе храна, освен оние производи кои се дел од кинеската традиционална кујна и кои во Црна Гора ја нема. Затоа можам да кажам дека не е економски исплатливо, а и неопходно, да се увезува вода, пијалоци или храна од Кина“, објасни Лу Шан.