Црна Гора зависник од странски инвестиции
24 април 2011За да се одржи макроекономската стабилност во Црна Гора, годишно се потребни 330 милиони евра странски директни инвестиции, што претставува една четвртина од државниот буџет на земјата, велат властите во Подгорица. Тие сметаат дека во оваа земја има добра клима за инвеститори, но дека во последниве години, поради негативните медиумски кампањи, пропаднаа тендерите за компаниите, од кои мнозинството се во државна сопственост.
Дефицит покриен со сомнителни ресурси
Сепак, и површните анализи покажуваат дека црногорската влада ќе продолжи со политиката на распродавање на "семејното сребро", со цел да го пополнат дефицитот во државната каса, како и дека постапките на приватизација се уште нетранспарентни. На тоа укажа и усвоената Резолуција на Европскиот парламент во Црна Гора. Имено, во процесот на приватизација на државните претпријатија во системот на јавни набавки и тендерите често се јавуваат и случаи на корупција на високо ниво, која во Црна Гора ретко се гони, а уште поретко се казнува.
Постои ли стратегија?
Претседателот на Одборот за буџет и финансии во Собранието на Црна Гора, Александар Дамјановиќ, за Дојче веле изјави дека е отворено прашањето дали црногорската влада има стратегија за привлекување на кредибилни странски инвеститори. "Досегашното искуство со странски директни инвестиции, како што се Алуминиумскиот комбинат во Подгорица, Железарата во Никшиќ или обидот за закуп на заливот Валданос во близина на Улцињ, покажува дека ние во Црна Гора едноставно немаме сигурни партнери. Можеби ни самите ние не сме доволно сигурен партнер и можеби ја немаме таа законска и регулаторна рамка, која би обезбедила добра клима за странски инвестиции", вели Дамјановиќ.
Нови стандарди
Професорот по економија на универзитетот „Медитеран“ во Подгорица Миленко Поповиќ, за Дојче веле истакнува дека неодамнешниот развој влијае врз формирањето на квалитативно подобри стандарди, кога станува збор за странски инвестиции. „Тоа е нешто што е добро и на долг рок ќе донесе резултати, ако се истрае докрај. Никој не е против странските инвестиции. Напротив! Тие се потребни за забрзување на економскиот развој, бидејќи нашите домашни заштеди не се доволни да го сторат тоа. Тие ни се неопходни, но исто така потребно е да се има добар квалитет на странски инвестиции и добар квалитет на странски инвеститори, од една страна, а од друга страна, пак, потребно е да се има и домашни заштеди и домашен сектор, кој ќе се развива полека и заедно со странските инвестиции ќе придонесе за развојот и просперитетот на Црна Гора“, вели професор Поповиќ.
И Дамјановиќ смета дека црногорската влада мора да се сврти повеќе кон домашниот пазар. "Се разбира дека странските директни инвестиции се секогаш добредојдени, особено оние кои носат нови знаења, нова интелигенција, нова технологија, но растот на мала земја како Црна Гора да се базира исклучиво на странски инвестиции претставува ризик, во што не` убеди светската економска криза", вели Дамјановиќ.
Автор: Мустафа Цанка / Марија Пешовска
Редактор: Симе Недевски