Црна Гора: забрзани чекори за признавање и меѓународна интеграција
24 мај 2006Премиерот Воислав Коштуница искажа подготвеност Србија да го признае исходот – каков и да е, по прогласувањето на конечните резултати на референдумот во Црна Гора, но дотогаш нема да се изјаснува за конкретни потези. Српската влада беше подготвена на двата можни исхода, рече Коштуница по разговорот со пратеникот на ЕУ за референдумот Мирослав Лајчак во Белград. Коштуница искажа очекувања дека евентуалната разделба на двете држави нема да претставува особен проблем и потсети дека според одредбите на уставот Србија би била наследничка на сите меѓународни права и обврски.
Претседателот на Србија Борис Тадиќ ги призна прелиминарните резултати на референдумот во Црна Гора и им порача на граѓаните на Србија дека сега, со почетокот на обновата на српската независност, судбината на земјата е во нивни раце. Тој најави дека во наредните денови ќе ја претстави својата визија за иднината на земјата.
Претседателот на досегашната државна заедница Србија и Црна Гора и на нејзионот Советот на министрите Светозар Маровиќ, според сопствена најава, в четврток, на последната седница на Советот, ќе поднесе оставка на двете функции. Тој најави и дека ќе закаже седница на Врховниот совет за одбрана за да бидат прецизирани подробности во насока кон пренесување на надежностите. Маровиќ размислувал да престане да се занимава со политика.
Црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ синоќа рече дека веќе преземал „први чекори за да се консолидира процесот на преговори“ на Црна Гора со ЕУ за склучување Договор за стабилизација и асоцијација. Ѓукановиќ разговарал со еврокомеасорот за проширување Оли Рен. Црна Гора брзо ќе работи на формализирање на резултатите од референдумот и ќе побара меѓународно признавање, рече црногорскиот премиер и порача дека Србија треба „да се соочи со новата реалност“ и да започне преговри за идните односи со Црна Гора.
Владата на Црна Гора, веднаш по прогласувањето на независноста во собранието, ќе започне процедура за зачленување во меѓународните финансиски организациии, најави министерот за финансии Игор Лукшиќ. Тој процес ќе се одвивал паралелно со процесот на приклучување на Црна Гора во ОН, иако двете работи не се меѓусебно условени.
Лидерот на блокот за зачувување на државната заедница Предраг Булатовиќ оцени дека референдумот не бил ни фер, ниту слободен и демократски. Според него, властите се однесувале незаконито во време на предреферендумскиот молк и вршеле притисок врз граѓаните на денот на гласањето. Тој најави барање за повторување на гласањето на оние места, каде ќе се утврди дека имало неправилности.