Ципрас тактизира до крај
6 јуни 2015„Само нашиот предлог е реален“, изјави грчкиот премиер Алексис Ципрас на вонредната седница на Парламентот доцна синоќа. Тој од кредиторите побара натамошни отстапки, пледирајќи за „глобално решение“ на должничкото прашање. Освен тоа, тој апелираше за поддршка на својот курс до левичарските политичари и опозициските партии.
Лево-десната коалција во Атина од февруари преговара околу условите за исплата на преостанатата кредитна транша од 7,2 милијарди евра. Во пресрет на парламентарната дебата, владата ги изненади и приврзениците и противниците со најавата да не ги плати достасаните 300 милиони евра кај ММФ, но затоа на крајот на месецот да ја плати целата сума на достасаните рати. Следеа гласни шпекулации за крах во преговорите со доверителите и нови избори.
Со својот настап во Парламентот Ципрас сакаше да стави крај на гласините, вели политикологот Лефтерис Кусулис во разговор за Дојче веле: „Пораката на Ципрас гласи: водиме тешки преговори и сме на вистински позиции, разговорите продолжуваат“. Премиерот на ја затвори вратата, но и натаму ги држи отворени сите опции. Компромисот е исто толку можен, колку и скандал, а очигледно дека Ципрас работи на двата фронта“, вели Кусулис.
Растечки внатрешно-политички тензии
Ципрас мора да врши убедување и во своите редови. Повеќемина пратеници од неговата партија Сириза повикуваат на прекин на преговорите со кредиторите или се закануваат отворено со излегување од еврозоната. Министерот за труд Панос Скурлетис Грција ја гледа вовлечена во „необјавена војна“, која не се води со оружје, но со „сите средства на капитализмот“.
Со својот борбен настап во Парламентот, Ципрас сакаше да ја обедини околу себе својата фракција, смета политикологот Кусулис. Аналитичарот верува-шансите на Ципрас да спроведе компромис во Парламентот се добри. „Во левичарската фракција сигурно ќе има турбулентни дебати, но крајно веројатно само малкумина би гласале против договорот. Но, ако владата претрпи неуспех во Парламентот, на Ципрас не му останува друго освен нови избори.“
Во овој контекст, Ципрас не инсистира на постигнување се‘опфатно решение на должничкото прашање само од внатрешно-политички причини, убеден е коментаторот Павлос Цимас. „Во овој случај владата во сопствените редови може да го оправда компромисот со аргумет- така се регулираат старите долгови на грчкото стопанство и на тој начин му се нуди перспектива за во иднина“, изјави Цимас за ТВ Скај.
Досега доверителите одбиваа отпис на долговите на Грција. Ципрас од своја страна ја отфрли листата реформи составена од кредиторите, која во средата во Брисел му беше доставена на средбата со претседателот на ЕК Жан-Клод Јункер и шефот на Еврогрупата Јерон Дијселблом, а во Грција е позната како „Планот на Јункер“. Понудата од Брисел Ципрас во Парламентот ја оцени за „апсурдна“, зашто не ги зема воопшто во предвид последните резултати од преговорите. Ципрас се пожали-предлозите на Јункер биле „непријатно изненадување“.
Постојат тактички причини за вербалните напади, претпоставува коментаторот Павлос Цимас.
„Ципрас сега го користи планот на Јункер како средство за притисок за да постигне договор кој можеби би бил подобар од самиот план на Јункер, но многу би заостанувал зад неговите сопствени изборни ветувања“, вели Цимас. Во случај да не дојде до никаков договор, Ципрас веднаш би имал прирака виновник: лошиот партнер во преговорите, кој наводно покажува мала подготвеност за компромиси.
Апел за поддршка до опозицијата
Грчкиот премиер во Парламентот изричито побара поддршка од опозиционите партии во врска со преговарачкиот курс на својата влада. Конзервативниот лидер и екс-премиер Андонис Самарас се чини не е спремен да ја даде. Самарас постојано потсетуваше на блокирачката тактика на левичарската партија во времето кога Ципрас се‘уште беше на чело на опозицијата. Во тоа време посебно спорни беа предлозите за штедење од министерот за финансии Гикас Хардувелис, што не е заборавено. Тоа доминираше и во парламентарната дебата вчера во Атина.
Потсетник: на крајот на 2014 година кредиторите побараа од премиерот Самарас дополнителни резови од над две милијарди евра. Министерот за финансии Хардувелис преку електронска порака изрази подготвеност за зголемување на даноците и кратење на пензиите, но за возврат замоли за излегување во пресрет и сакаше гласачите да ги убеди на заштеди во висина од 980 милиони евра. Левичарската опозиција тогаш јурна против „е-меилот на Хардувелис“ и предизвика бес кај народот против коалционата влада. Кога стана јасно дека дури и ублажените предлози за кратење од Хардувалис се осудени на неуспех, Самарас „ја фрли крпата“ и го ослободи патот за Ципрас.
Пет месеци подоцна, Самарас, сега во опозициската клупа, не заборави: познатиот злогласен „меил од Хардувалис“ е само оаза во споредба со мерките на штедење кои сега и‘ претстојат на левичарската партија, предуреди тој во Парламентот. Тоа го претпоставува и коментаторот Цимас: нов договор би бил уште поболен отколку тогашните планирани мерки за штедење, и само поради тоа што состојбата на грчкото стопанство минатите месеци значително се влоши.