Грција должничка криза
20 февруари 2015Спорот околу долгот на Грција и натаму ја остава Европа без здив. Вчера (19.06.2015) Атина побара продолжување на европската помош. Претседателот на Комисијата на ЕУ Јункер во барањето препозна готовност за компромис. Германскиот министер за финансии Шојбле, напротив, не гледа „никаков супстанцијален предлог за решение“ и е против натамошно давање пари на Грција. Дојче Веле за ова разговараше со економскиот експерт Михаел Хитер.
ДВ: Господине Хитер, како ја оценувате ситуацијата?
М. Хитер: Писмото навистина покажува приближување, ако како мерило се земат претходните екстремни позиции на новата грчка влада. Но, тоа сепак не содржи елементи што би одговарале на условите врз кои се базира досегашната кризна политика и логика на Еврогрупата. Тоа само претставува барање за продолжување на кредитните рамки за шест месеци, за да се добие време за преговори околу други услови. Еврогрупата, меѓутоа, за тие други услови не е подготвена да преговара и има добри причини за таквиот став.
Наместо тоа, мора да се постави прашањето, како Грција може да го најде патот што ќе ја води напред. Новата влада досега застапуваше политика која побргу опишува елиминирање на шансите за стопански пораст. Поради тоа е разбирливо дека господин Шојбле многу критички гледа на писмото и го отфрла. Патем, господин Јункер во оваа работа воопшто не е надлежен. Овде станува збор за Еврогрупата, а не за Комисијата на ЕУ.
ДВ: Тогаш, што би морало сега да се случи?
М. Хитер: Би морало да стане јасно видливо дека грчката влада на крајот сепак го прифаќа она, што досега не сака да го прифати. Имено, дека за помошта има и придружна рамка која ги дефинира прилагодувањата што Грција мора да ги направи, која го опишува консолидирањето на буџетот и среднорочниот развој на државните долгови.
Мора јасно да се согледа: во наредните десет години земјата не треба да ја отплатува главницата на долгот. Грција од 2012 година ионака плаќа многу силно субвенционирани камати, чиј просек изнесува 2,4 проценти. Тоа само по себе не е преоптоварување. На друга страна, недозволиво е како Грција се обидува во детали да ги реализира тие буџетски цели. Тука мора да се поразмисли дали е правилно микронасочувањето од страна на Европа. Од друга страна, ставот на Европа не е ништо друго, туку одговор на потфрлувањето на државните институции во Грција. Вакво нешто не паѓа од небо. Во Португалија и во Ирска поинаку се постапуваше.
ДВ: Каква е Вашата прогноза, ќе остане ли Грција во еврозоната?
М. Хитер: Грчката влада за тоа ќе мора многу внимателно да размисли. Оти, ако се реши да излезе, тоа ќе значи многу нагол, многу длабок, многу голем пад на благосостојбата, кој не може во краток рок да се коригира и залечи. Една влада всушност не смее на своето население да му го стори тоа, таа нема мандат за тоа.
Затоа сега прашањето е дали на крајот сепак ќе можат да се усогласат за принципиелните перспективи. Мислам дека секој во Европа ќе биде подготвен да преговара за тоа, како Грците да ги остварат нивните буџетски цели, како да постигнат консолидација. Но, првите мерки на владата се токму спротивни; пумпање на државниот сектор, откажување од приватизација или враќање кон подржавување - ова е токму спротивното. Грчката влада кога и да е мора да ги прифати основите, оти алтернативата е поднослива за Европа, но не и за Грција.
ДВ: Вие, значи, сметате дека Германија треба да остане цврсто на својата позиција?
М. Хитер: Германија нема никаква причина да ја промени позицијата и не е осамена во тоа. Очигледно погрешна проценка на новата грчка влада е верувањето дека Берлин би можел да биде изолиран. Тоа не и’ успеа ни во поглед на поранешните кризни земји, ниту кај Италија и Франција, а дотолку помалку пак со сите други членки на еврозоната. Имено, сите тие истоветно гледаат дека овде на оган се веродостојноста на Европа и на европската валута. Поради тоа, време е грчката влада да ја прифати реалноста.
Михаел Хитер (52) е економски истражувач и директор на Институтот на германското стопанство од Келн, близок до работодавачите.