Филипче не исклучува воведување рестрикции
6 март 2021Засега во ниту еден град во земјата не се исполнети условите за ограничување на движењето, но ако се одлучи дека тоа може да има ефект, предвид доаѓаат и такви мерки, вели министерот за здравство Венко Филипче, додавајќи дека ситуацијата се следи и дека болничките капацитети во моментов не се загрозени и секаде има слободни кревети.
Досега се одржани повеќе состаноци со Комисијата за заразни болести, а анализата за трендот на Ковид-бројките треба да заврши следната недела, кога ќе биде соопштен и ставот по ова прашање:
„На почетокот на следната недела ќе го кажеме ставот согласно анализата. Засега нема потреба од воведување дополнителни рестриктивни мерки, но воопшто не ја исклучувам можноста од такво нешто“, истакна Филипче, одговорајќи на новинарски прашања по посетатата на локацијата на која е во тек изградба на нова поликлиника во Сарај.
Повеќе:
Вирусот беснее, бројот на заболени ја отвори модуларната болница
Вакцините како геополитичко оружје
Вакцинската дипломатија и македонскиот дебакл
Вакцините ќе стигнат „деновиве“
Министерот информира дека, според анализите, голем број од новите случаи се должат на т.н. британскиот вурис - над 70 проценти - посебно во Скопје, Кавадарци, Неготино, Прилеп и Охрид. Според него, денеска треба да се стави во функција модуларната болница во Скопје, до Инфективната болница. Медицинскиот персонал треба да работи по принцип на ротација.
Вакцинацијата се очекува да почне во среда
Министерот за здравство се осврна и на проблемот со вакцините и соопшти дека вакцинацијата ќе започне веројатно во среда:
„Многу веројатно дека во среда ќе почне вакцинацијата, а утре треба да пристигнат (вакцините, н.з.) на Скопскиот аеродром околу 14 часот. Ги добивме од руската компанија сите потребни документи за да се подготви административната процедура во Агенцијата за лекови, што значи увозна дозвола и сега во текот на викендот и непосредно по доаѓањето и дозволата да се стави во употреба“, информира министерот.
Вчера премиерот Заев најави дека во недела се очекуваат првите количества од руската вакцина Спутник V, наменети за три илјади граѓани.
Во однос на кинеската вакцина, министерот за здравство денеска објасни дека биле завршени сите потребни административни работи: „Ги завршивме сите потребни административни работи, размената на документите и сме во комуникација. Очекуваме тајминг за нивно доаѓање“, рече Филипче.