Унгарската ограда за бегалците нема многу да промени
22 јуни 2015Оџакот на напуштената фабрика за тули во Суботица се гледа оддалеку. Од овој пограничен српски град до Унгарија има само неколку километри. Наоколу ѓубре и вреќи за спиење. Нема струја, нема водовод, само еден бунар. Еден од десетиците бегалци кои се сместени овде бара вода. Меѓу бегалците е и новинарот Аџмир. Тој има 25 години и доаѓа од Авганистан. Сака да продолжи натаму.
„Ми се допаѓа Германија“, вели младиот Авганистанец. Тој сака да студира, да се занимава со спорт. Аџмир верува дека во Германија ќе биде добредојден.
Во Кабул, како што тврди, бил загрозен. На пат е веќе два месеца. Бегалските рути се вообичаени: преку Турција и Бугарија или Грција се продолжува за Македонија, Србија, се‘ до Унгарија.
Во посета на бегалците еднаш неделно доаѓа Фабиола Гасперини. Белграѓанката со италијански корени работи за Лекари без граници. На почетокот бегалците биле скептични, раскажува таа. Сега се навикнале на нејзе. Најчесто доаѓаат од региони каде владее војна: Сирија, Ирак, Авганистан. Бегството ги разболува.
„Во зима доаѓаат премрзнати, имаат проблеми со органите за дишење: бронхитис, воспаленија на грлото, грип. Често имаат и мигрена поради храната која ја менуваат. Бегалците се под стрес, често мора да гладуваат. Поради долгото печшачење имаат болки во зглобовите, грбот и коските.“
Дел од болките се должат и на злоставувањето од страна на полицијата. Млад Авганистанец раскажува:
„Во Унгарија не‘ тепаа и не‘ вратија во Србија. Во Србија полицијата ни ги зеде парите. Секаде каде што ќе отидеме има проблеми, не‘ тепаат“, вели тој, додавајќи дека го боли целото тело.
На другата страна на границата, кај малото место Ашоталом, Золтан Сарингер патролира низ малата шума. Унгарецот е еден од оние жители од регионот кои ги чуваат нивите и шумата.
„Некои бегаат, некои остануваат на крајот на улицата“, вели тој за бегалците. Според него, тука не доаѓаат шверцери. „Се среќаваат на едно место на патот за Баја. Овде секогаш има еден кој ги придружува пеш“, вели Золтан Сарингер.
Во Ашоталом на власт е десен екстремист. Ласло Тороцкаи е градоначалник на малото место. Се жали на ѓубрето што бегалците го оставаат зад себе: пластични шишиња, кутии од цигари, се‘ она што е непотребен товар во текот на бегството. Поради илегалните доселеници во местото од 4 илјади жители не доаѓаат инвеститори, нема шанса за туризам, тврди градоначалникот. Сепак, на намерата на владата на Орбан за изградба на четириметарска ограда гледа со измешани чувства:
„Не се радувам многу на железната ограда, меѓу другото и поради тоа што ќе мора да ја гледам од мојот двор, како да сум во затвор“, вели тој. Сепак, десниот екстремист е уверен дека ограда е неопходна, зашто, како што вели, таков вид на миграција можел да предизвика општествени тензии, па дури и тероризам, како и да сее раздор.
Унгарските власти само годинава изброиле околу 50.000 доселеници. Повеќето и онака сакаат да продолжат натаму, нап ример кон Германија. Владата во Будимпешта го подгрева расположението против доселеници со кампања со плакати. Габор Ѓулаи од унгарскиот Хелсиншки комитет ја критикува планираната ограда како срам за земјата. Нема друг пример во Европа една влада да даде 5 милиони долари од даночните обврзници за кампања за омраза кон мигранти.
„Со кампања на омраза владата сака да си ја врати загубената популарност“, нагласува тој. „Со оваа кампања на омраза се покрива се‘ - корупцијата и сиромаштијата. Унгарската влада сака овие теми да ги сокрие зад темата со мигрантите“, оценува Ѓулаи.