Тоновите од Берлин и Брисел не се во хармонија
27 ноември 2008Весникот „Ди Велт“ критички подвлекува:
„Во вчерашната дебата за буџетот во Бундестагот, Меркел опстоја на својот став за отфрлање на идејата за итно намалување на даноците. И, притоа не протестираше само ФДП. Своја тема тука најде и ЦСУ и јасно се огради од канцеларката по ова прашање. Сето ова е поврзано со настаните во Брисел. Претседателот на ЕК, Жозе Мануел Барозо најави конјуктурна програма од 200 милијарди евра, што ќе треба да ја финансираат пред се‘ земјите членки на унијата, и тоа во голем дел од намалување на даноците и намалување на издатоците на платите. Меркел е можеби повеќе лидер на ЦДУ отколку канцелар, зашто останува крута и сака да ги намали даноците дури во наредниот легислативен период. Колку е веродостојно ветувањето дадено на избирачите во изборната борба за растоварување на дел од нивните давачки, кога во политиката на големата коалиција, под раководство на канцеларка од ЦДУ, од такво нешто не може да се најде ништо?“
„Мителбајерише Цајтунг“ предлага:
„Вистинска програма за пораст и вработување би била онаа која би предвидела намалување на данокот на додадена вредност за три проценти, за период од 12 месеци. Со тоа, владата со еден удар би убила неколку муви. Прво, од тоа би профитирале сите домаќинства, а не само оние кои заработуваат добро. Второ, тоа би ги охрабрило потрошувачите во 2009. година повторно да имаат поголеми планови за трошење, со оглед на тоа што намалувањето на данокот би важело само една година. Вакво намалување на даноците би било подобро од секаков чек во кеш. Тоа би ја поттикнало приватната потрошувачка така што би можела да се покаже како вистински конјуктурен столб во време на рецесија.“
„Фајненшл Тајмс Дојчланд“ доаѓа до следниот заклучок:
„Тоновите што вчера се слушаа од Берлин и Брисел не можеа да бидат поразлични. Претпладнето, канцеларката Ангела Меркел во текот на дебатата за буџетот во Бундестагот, ги вложи сите напори да го истера стравот од рецесија во земјата и да ги смири граѓаните. Нејзината порака гласи: Германија е многу силна, со политика на мирна рака може да се излезе од кризата. Многу подраматично звучеше она што можеше да се слушне напладне во Брисел. Европа е исправена пред невообичаена криза и соодветно на тоа мора да даде невообичаен одговор, предупреди претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо. Како доказ за тоа колку, според него, е сериозна ситуацијата, Барозо предложи конјуктурен пакет кој со своите 200 милијарди долари тежи многу повеќе од она што првично се планираше.“