Тензии меѓу Албанците и црногорските власти
21 септември 2011Сите претставници на политичките партии на Албанците го напуштија парламентот во моментот на гласањето за изборниот закон, изјавувајќи дека се „излажани и понижени“ и дека „отсега поинаку ќе разговараат со властите во Подгорица“. Реагираше и Националниот совет на Албанците во Црна Гора, кој новиот закон го оцени како „антиалбански и дискриминаторски“.
Некои политички партии веќе со години седат во црногорската влада и беа силна поддршка на владејачката коалиција.
Политичка трговија на штета на Албанците
Шефот на клубот на пратениците на националните албански партии во Собранието во Црна Гора, Васељ Сиништај, вели дека по две полни децении парламентаризам, Албанците во земјата дошле во позиција повторно да се борат за своите основни права. Тој за Дојче веле истакнува дека правата на Албанците биле подобро заштитени во државната заедница на Србија и Црна Гора отколку во независна Црна Гора, која на референдумот Албанците едногласно ја поддржаа.
„Последната седница на црногорското собрание е најдобар доказ дека опозицијата и власта во земјата не може ништо толку добро да ги обедини освен одземањето на правата на Албанците. Тоа беше политичка трговија со цел да ни се нанесе директна штета. На трговијата се‘ уште не и‘ ја знаеме цената. Се плашам дека во случајов е разбиен концептот на Црна Гора како граѓанска држава“, вели Сиништај.
Според црногорскиот устав, во државните институции и органи мора да постои пропорционална застапеност на малцинствата и ним да им се обезбеди принцип на афирмативна акција.
Од 1996 година Албанците во Црна Гора практично имаат своја изборна единица во која беа избирани петмина пратеници. Од нив, по правило двајца беа од редовите на Демократската партија на социјалистите на Мило Ѓукановиќ.
Барање помош од Тирана и од Приштина
Одбраната на стекнатите права ги обедини сите национални партии на Албанците во Црна Гора, па Сиништај верува тоа секако да доведе до промени во донеодамна складните односи меѓу неговата национална заедница и црногорските власти.
„Таквото расположение на власта ни наметнува потреба од обраќање за помош не само кон матичната држава Албанија, туку и кон владата на Косово, за во односите, макар и во поглед на реципроцитетот, да се почитуваат правата на Албанците како автохтон народ во Црна Гора“.
Претставниците на Албанците одлуките за натамошните конкретни чекори ќе ги донесат на седницата на својот Национален совет, кој ќе се одржи следната недела. Една од разгледуваните опции ќе биде и бојкот на државните институции.
Нема да има радикализација
Политичкиот аналитичар Дритан Абазовиќ за Дојче веле оценува дека ситуацијата е многу неповолна и за црногорските власти и за Албанците во Црна Гора. Меѓутоа, уверен е дека тоа нема да води кон пораст на радикализмот кај припадниците на оваа национална заедница во Црна Гора.
„Што се однесува на Црна Гора, таквата приказна може само да ги полни весниците, но без конкретно влијание во општеството. Нивната реална сила во моментов не е политички релевантна, дури мислам дека не е релевантна ниту статистички“, додава Абазовиќ.
Според резултатите на последниот попис на населението од април годинава, Албанците во Црна Гора сочинуваат вкупно пет проценти од вкупната црногорска популација.
Автор: Мустафа Цанка/ Жана Ацеска
Редактор: Александра Трајковска