Тврдоглави граѓани или неспособна власт?
20 мај 2014Во информативните емисии временската прогноза по правило доаѓа на крај. Кога се емитува на почеток, тоа значи дека нешто не е в ред. Минатиот вторник (13.05) беше последниот ден кога временската прогноза се емитуваше на крајот на Дневникот на РТС. Уште тогаш на гледачите, а особено на надлежните, мораше да им биде јасно што се подготвува. „На европскиот метео-аларм, поголемиот дел од Србија- Срем, Поморавјето, западот и југозападот на земјата, беа обележени со црвена боја што претставува највисок степен на предупредување, овојпат за обилни врнежи. Од среда до петок во Србија ќе падне дожд колку што вообичаено паѓа за два месеци- 120 литри на квадратен метар“, рече водителката. Иако прогонозата се покажа неточна, за три дена паднаа 170 литри вода, таа беше доволно апокалиптична за претстојното невреме да се сфати сериозно.
„Три дена пред катастрофата луѓето беа повикувани да се евакуираат и тие одбиваа. Тоа е српската недоверба во власта“, вели Предраг Мариќ, началник на секторот за вонредни состојби. „Луѓето чекаа водата да им дојде до нос, а потоа излегуваа на терасите и бараа помош. Тоа ја предизвика трагедијата. На крајот полицијата мораше насила да ги извлекува“, тврдеше Мариќ за српските медиуми. Премиерот Александар Вучиќ беше уште поостар, изјавувајќи дека „таква неодговорност на возрасни луѓе, никогаш не видел“. Дали навистина се работеше за неодговорни граѓани кои одбиваат евакуација, или за дилетантска реакција на надлежните, кои не ги информирале граѓани навреме за она што се подготвува?
Немаа поим што прават
Александра Вуковиќ не делува како неодговорна граѓанка. Оваа девојка со својата мајка во центарот на Обреновац чекала повик и упатство за евакуација. Во четвртокот следела како низ градот се шират дезинформации и гласишта. На локалната телевизија слушнала дека центарот на градот не е загрозен. На Фејсбук ја забележала преписката меѓу Војин Несторовиќ, директор во Термоелектраната Никола Тесла кој предупредува дека е пробиена заштитата и дека водата доаѓа кон Обреновац. „Предложив да се вклучат сирените, но градоначалникот на општината Мирослав Чучковиќ смета дека тоа ќе предизвика паника“, пишува Несторовиќ. Градоначалникот инсистира информациите да се пренесуваат само преку локалната телевизија која граѓаните, во ноќта од четвртокот кон петокот, повеќе не можат да ја следат. Струјата е исклучена.
„Во петокот наутро ме разбуди свирење од автомобилите и врева на улицата“, раскажува Александра. „Тогаш се уште можевме пеш да ја напуштиме зградата, но не знаевме каде да одиме. Ги спакував моите и работите на мајка ми, а соседите буквално ми се смееја“. Додека на улиците се уште можело да се вози, Александра забележала единствено неколку воени камиони кои евакуирале деца. Ги возеле до едно локално училиште кое неколку часа подоцна ќе биде целосно поплавено. Потоа децата биле префрлени во друго училиште. „Тие всушност немаа поим што прават“, вели Александра. Еден жител на Обреновац ни раскажува дека многу негови сограѓани утрото во петокот се уште ги носеле децата во градинка. Никој не знаел колку е всушност сериозна состојбата.
Марија Периќ (вистинското име познато на редакцијата) ни самата не била информирана за размерите на поплавата, иако во општина Обреновац е задолжена за комуникација. „Добив задача да ги примам пријавите за тоа каде се наоѓаат загрозените кои треба да се евакуираат. Не сфаќав колку е состојбата сериозна додека не почнаа да доаѓаат вознемирени луѓе, опишувајќи дека нивото на водата е дојдено до првите катови на куќите“, вели таа.
Повик да не се напуштаат домовите?!
Неорганизираноста која владеела и три дена откако метеоролозите практично ги најавиле поплавите го илустрира и повикот до жителите на Обреновац да не ги напуштаат своите домови кој дојде директно од градоначалникот на Белград Синиша Мали. Таа вест од официјалната интернет-страница на градот Белград во меѓувреме е тргната. Мали денеска демантираше дека испратил таков повик, а повиците за негова одговорност ги оцени како „безобразлук“.
Самите на себе во голема мерка се препуштени и граѓаните ширум Србија, кои се обидуваат да се солидаризираат со настраданите. „Ова што сега го гледаме најмногу личи на граѓанска самоорганизација“, пишува Дејан Илиќ на Пешчаник. „Ако не може подобро, тоа е одлично. Но, зошто ни се тогаш државата и нејзините чиновници? Да ги враќаат авионите со спасувачите? Да не плашат со Библијата и со милениумските катастрофи? Да ни објаснуваат дека ние сме подобро организирани од другите, иако нашата несреќа е десетпати поголема? Не гледам зошто од нив да не бараме и повеќе?“
Александра е лута, затоа што и денес илјадници жители на Обреновац чекаат помош, а немаат ни храна ни вода. Лута е затоа што верува дека Обреновац бил жртвуван за да се спаси Белград. Лута е затоа што „на важни места седат неспособни партиски кадри, наместо стручни луѓе“. „Луѓето кои не евакуираа беа професионалци. Беа прекрасни и се направија без паника. Единствено се прашувам зошто работата им беше препуштена на професионалците толку доцна?“