Тајната револуција на државите во засилен економски развој
6 мај 2014Целта на земјите во засилен економски развој е јасна: тие сакаат промена на глобалниот поредок со САД како хегемона сила.
„Државите БРИКС се форум од земји незадоволни од меѓународниот поредок. Во случај да продолжи долготрајно исклучувањето на Русија од Г8, значењето на БРИКС ќе расте“, прогнозира Петер Бирле, раководител на истраќувачкото одделение на Иберо-американскиот институт во Берлин.
Според него, петте земји во засилен економски развој сакаат трајна промена на во 1945 година етаблираните односи и релативирање на позицијата на САД.
„Сите овие држави се сметаат себе си за потенцијални сили, чија перспектива ја гледаат допрва во иднина “, објаснува експертот на 15. Штутгарски дворски разговори, чиј фокус е односот меѓу Бразил и Европа.
Земјите во подем ги покажуваат мускулите
Бразил посебно инсистрира на растечка соработка меѓу земјитево засиле економски развој. Непосредно пред Светското првенство во фудбал и само три месеци пред претседателските избори во октомври, на 15 и 16 јули Бразил во Форталеца ја организира следната средба на државите БРИКС. Најважната тема притоа е создавањето заедничка банка за развој со сопствен капитал од 100 милијарди долари.
Во бразилското министерство за надворешни работи владејат големи симпатии за оваа идеја.
„Банката за развој е знак на економската сила на БРИКС-државите и на нивната подготвеност да ја продлабочат меѓусебната кооперација“, објаснува висок по ранг дипломат, кој работеше на основачкиот текст за банката за развој уште на минатиот самит на БРИКС во март 2013 година во Дурбан.
Фрустрација поради реформската блокада во ММФ
Најновиот конфликт меѓу државите од БРИКС и САД беше неодамна. На пролетното заседание на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд во средината на април во Вашингтон, поради вето во американскиот Конгрес не успеа реформата на ММФ, договорена уште во 2010. година.
Притоа, членките на ММФ уште во 2010 година се договорија за зголемување на гласовите на земјите во засилен економски развој за шест проценти. Зашто, само во последните десет години уделот на БРИКС-државите во глобалниот брутодомашен производ од 18 порасна на 28 проценти.
Ледено доба меѓу Бразил и Вашингтон
Ветото од американскиот Конгрес во Бразил предизвика неразбирање и огорчување. Тоа предизвика влошување на и онака веќе затегнатите односи меѓу двете земји.
Откако поранешниот соработник на американската тајна служба НСА, Едвард Сноуден, го разоткри скандалот со прислушување, бразилската претседателка Дилма Русеф, која исто била шпионирана, јасно се дистанцира од Вашингтон и во септември 2013 година ја откажа веќе планираната посета кај претседателот Барак Обама во САД.
Уште претходникот на Русеф, Луис Игнацио да Силва преку создавањето на т.н. соработка југ-југ, изгради рамнотежа во однос на политичката доминација на САД во Латинска Америка. Растечката меѓусебна трговска размена на БРИКС- државите доведе до тоа Кина во 2009 година да ги замени САД на првото место како најважен увозник во Бразил.
Уште поважна од растечкиот трговски волумен меѓу Кина и Бразил за бразилската претседателка Дилма Русеф е политичко-стратешката соработка со Кина. Учеството на кинескиот претседател Си Џинпинг на самитот во Форталеца во Бразил има исклучив приоритет. Имено, посетата на Џинпинг на Бразил и на регионот е прва на кинески претседател досега. Во продолжение на самитот на БРИКС е предвидена средба на претседателите на држави на Заедницата на латиноамерикански и карипски држави.
Молчење и работа
Стратешкото свртување на Бразил кон Азија и Африка е забрзано од укаинската криза. Колку е поголемо изолирањето на Москва, се чини се‘ поголема е координацијата во рамките на членките на БРИКС. Така, ни Бразил ниту Кина, Индија или Јужна Африка не ги коментираат настаните во Киев или на Крим. Принципот на немешање воочливо ги приближи инаку хетерогените држави.
„БРИКС-државите за Бразил се платформа за сопствено профилирање на меѓународна сцена како посредник и реформатор“, смета Кристина Пецеквило, политиколог на Универзитетот Сао Паоло. Во очите на експертката, исклучувањето на Русија од Г8 не е трагично:
„Земјите во засилен економски развој преку БРИКС се подобро застапени отколку преку Г8“.