Стотици бегалци непречено влегуваат во Македонија
23 август 2015Бегалците кои во Македонија влегуваат од Грција, по повеќедневниот престој во меѓуграничната зона, во Гевгелија ги очекуваат вонредни возови и возила донесени од целата земја за да ги пренесат натаму кон Србија. Оттаму бегалците, кои потекнуваат претежно од Сирија и другите кризни региони од Блискиот Исток, Африка и Азија, патуваат преку Унгарија кон Западна Европа.
На македонско грчката граница и натаму се присутни интервентната полиција и војска. Меѓутоа, тие денеска непречено ги пуштаат бегалците да влезат на македонска територија. Во петокот и вчера беа употребени шок бомби и солзавец за да се запре неконтролираниот наплив на масата бегалци. На стотици бегалци вчера сепак им успеа да го пробијат полицискиот кордон и блокадите и да влезат во земјата. Илјадници луѓе ја поминаа ноќта спроти саботата под отворено небо на дожд и со недоволно згрижување со вода и храна на т.н „ничија земја“.
Македонија е преоптоварена
Полицискиот кордон кој беше пробиен од мигрантите кои се наоѓаат во пограничниот појас на грчко-македонската граница, како што синоќа од Гевгелија изјави македонскиот министер за внатрешни работи Митко Чавков, не беше поставен со цел да ја затвори јужната граница со Грција, туку напротив со цел на поорганизиран и редуциран начин да се пропуштаат дел од мигрантите и да се врши соодветен трансфер до местата за регистрација и за јавен превоз.
„Практично тоа беа планирани мерки и активности во контекст на две комплементарни цели кои си ги поставивме како Влада на Република Македонија. Примарната цел е хуманитарен пристап или соодветно хуманитарно згрижување на мигрантите за што сведочи и бројката на мигранти кои во текот на вчерашниот ден и од сабајле се трансферирани од граничен камен 59 до железничката станица во Гевгелија, каде што беа регистрирани и примарно згрижени околу 900 мигранти, претежно жени и деца како ранливи категории, рече министерот Чавков.
Вториот аспект е безбедносниот, кој, како што истакна, е неопходно потребен во контекст на мерките и активностите што ги презема Владата за заштита пред се на граѓаните во Гевгелија. Тој ги повика граѓаните на Гевгелија да бидат смирени, притоа упатувајќи уверување дека на соодветен начин и со соодветен пристап ќе се успее да се амортизираат проблемите кои се наметнуваат од вчера.
Министерот Чавков укажа на фактот дека Македонија делува самостојно без никакво содејство од која било држава од ЕУ, а најмалку од страната на Грција.
„И понатаму продолжува трендот на неконтролиран трансфер на мигранти од Грција спрема Македонија. Тоа е основната и главната причина да не можеме на соодветен начин да одговориме на тој неконтролиран трансфер. Неопходна е потреба од координација со грчките полициски структури,“ рече Чавков.
Вчера на оперативно ниво, на македонска иницијатива, на граничниот премин Богородица е остварена средба со грчките полициски органи, на која присуствувале полициските аташеа на Грција и на Србија во Република Македонија.
„Очекувам да наидеме на разбирање од грчка страна, иако имаме разбирање и за нивниот проблем со мигрантите, но не е решение на дневна основа тие да ни пуштаат по пет до шест илјади мигранти. Очекувам од овие состаноци на оперативно ниво да почне да се нормализира состојбата,“ рече Чавков.