Конечно домашна правда
19 март 2015Хашкиот трибунал го означи убиството на околу 8 илјади Бошњаци во Сребреница како геноцид. Речиси 20 години по тој масакр, уапсени се неколку лица под сомнение дека учествувале во убивањето во јули 1995 година. Тоа е добра вест, бидејќи извршителите на злосторствата ни во Србија не смеат да минат неказнето. Лошата вест е дека со апсењето се доцни две децении. Доцнењето е толкаво што еден од осомничените, со симболичен прекар „Касап“ во меѓувреме во Србија стана успешен бизнисмен. Колку такви „угледни граѓани“ сега се тресат при помислата на она што го правеле во мрачните денови на кои не сакаат да се присетат?
Волја за убивање
Доколку трезвено се разгледа целата работа, мораме да дојдеме до заклучок дека за убиството на толкав број луѓе е потребно да се обезбедат политички, логистички и оперативни претпоставки. Најпрво некој мора да одлучи дека е потребно тие луѓе да се уништат. Од оние кои ги носеле одлуките во моментов им се суди на Караџиќ и Младиќ. И двајцата до апсењето, до 2008 односно до 2011 година, се криеја во Србија, при што очигледно им помагале делови од тајните служби. А сите влади во Белград долго го игнорираа проблемот, делумно и од погрешно сфатениот „патриотизам“, а делумно и од страв дека израчувањето на Караџиќ и Младиќ за нив би било опасно. Имено, убиството на Зоран Ѓинѓиќ според една теорија се доведува во врска со одмаздата на семејството Милошевиќ или неговите симпатизери поради израчувањето на автократот во Хашкиот трибунал.
Со оглед на тоа што на Милошевиќ пресуда никогаш не му беше изречена бидејќи смртта беше побрза од правдата, а на Младиќ и на Караџиќ се уште им се суди, излегува дека во овие две децении ниту еден носител на политички одлуки се уште не е осуден за злосторствата во Сребреница.
Логистичарите на смртта
Втората претпоставка за смртоносната ефикасност на масакрот е во добро организираната логистика. Воените логистичари на убивањето за носителите на политичките одлуки се од суштинска важност. Хашкиот трибунал ослободи некои Срби со второстепена пресуда од вината за геноцид, но ги осуди според други точки од обвинението, од кои на нормален човек исто така му се дига косата на главата. Еден од нив е бригаден генерал осуден на 35 години затвор за соучесништво во геноцидот. Уште двајца високорангирани офицери на Војската на Република Српска се осудени на доживотна казна за геноцид. Но тоа е се што се однесува до логистичарите на егзекуциите.
Третата претпоставка за масовното убиство на невооружени луѓе во толкави размери е на „работа“ да се упатат голем број воени извршители. Во случајот на Сребреница тоа се оние кои пукале до изнемоштеност, оние кои ги товареа луѓето во камиони, оние кои ги одвојуваа мажите од жените и ги испраќаа- едните во смрт, другите во прогон. Стотици такви „ситни риби“ кои помагале во извршувањето на злосторствата или директно убивале сѐ се уште на слобода.
Крај за изместената правда
Во првата деценија по војната, во Србија, како и во останатите држави кои произлегоа од Југославија, правдата со задоволството беше испраќана во Хаг- други нека ја завршат валканата работа. А на тоа долго се собираа и политички поени, бидејќи беше популарно Хаг јавно да се нарекува „антисрпски“. Меѓутоа, тоа се смени. Работата на Трибуналот наскоро ќе биде завршена. Со тоа ерата на „изместување“ на правдата во странство исто така завршува. Домашните судови ќе ги снабдуваат сопствените граѓани со правда и право. И ќе бидат надлежни, во прв ред, за „оперативците“.
Најдобрата вест во овој случај е тоа што овие апсења се плод на соработката на белградското и сараевското обвинителство. Доколку е тоа најава за консеквентно гонење на сите недела сторени во текот на 90-те, тогаш тоа е конечно реална шанса за Србија да постигне вистинско помирување со соседите. А на семејствата на жртвите таквата пракса конечно би им дала чувство дека правдата е достижна.