Србија ги „отфрла“ своите стручњаци
22 март 2014Мирко Даутовиќ завршил мастер по меѓународни студии на Кембриџ, а потоа четири месеци стажирал во Лондон. Во моментов во Србија заработува како преведувач и предавач. Овој 32 годишен стручњак за Дојче веле истакнува дека луѓето како него системот „ги отфрла како туѓи тела“, бидејќи главен адут за успех е припадност кон политичка партија.
Даутовиќ повеќепати се обидувал да се вработи како државен службеник, вклучувајќи го и Министерството за надворешни работи, но без успех. Дури ниту неговите обиди со разни политичари на власт не вродија со плод: „Чувствуваш дека си одвишен, не си упатен (во работите, н.з.). Сакаш да работиш нешто, но не за нив лично, туку за функцијата на која се тие. Не сакав да работам за Борис Тадиќ, туку за претседателот на Србија“, објаснува Мирко. „Моите вредности и моите интереси се целосно поинакви од нивните“.
За разлика од Велика Британија во Србија, вели тој, не се исплати да мислиш со своја глава: „Но, не можам да воведам некоја цензура самиот на себеси во главата. Затоа се чувствувам како туѓо тело, бидејќи не припаѓам тука“.
Ситуацијата не е подобра ниту кога станува збор за наоѓање работа во академскиот сектор. Голем број професори се чувствуваат загрозени, ако младите стручњаци се покажат поспособни од нив, вели Мирко. Во таква ситуација, високобразованите повратници од странство немаат што да бараат. „Воглавно луѓето дојдоа, видоа дека нема место за нив и повторно отидоа“.
Јована Кокир од Белград слично гледа на ситуацијата. Откако дипломирала меѓународни студии во Србија, добила стипендија на Европската комисија за мастер во Германија и Холандија и стручно се усовршувала во Њујорк. По враќањето во својата земја се обидела да најде вработување во неколку големи фирми. Повеќепати стигнувала до пред крајот во процесот на селекција, но немала среќа.
„За работа единствена препорака ти е - врска, дали е тоа партиска, роднинска, кумовска, земјачка, швалерска - сеедно“, тврди Јована, „Иако сите меѓу политичката елита јавно се залагаат за таа т.н. 'департизација' и вработување без врски, мислам дека ситуацијата е полоша од кога и да е. Не постои ни малку надеж дека ситуацијата може да се смени“. Наместо да реагираат луѓето едноставно се помируваат со таквата ситуација на работите, подвлекува оваа 27 годишна девојка. Поради тоа Јована планира повторно да ја напуши земјата и веќе се подготвува за пракса во Варшава: „Се разбира, во случај да успеам овде да најдам работа во својата струка, радо би останала. Овде ми се пријателите, семејството, ова е моја земја, град во кој сум родена и место во кое најмногу би сакала да живеам. Но, доколку е тоа невозможно, а засега така изгелда, се разбира дека повторно ќе се обидам во странство“.
Не се проблем луѓето, туку системот
Сепак, има и позитивни примери. Во Србија делуваат бројни организации чија цел е да им помогнат на младите да стекнат квалификации во странство и потоа да ги вратат во земјата и со тоа го поддржуваат нејзиниот развој.
Матилда Шмит е регионален координатор на програмата за стипендии на фондацијата „Зоран Ѓинѓиќ“, која веќе десет години испраќа млади на стручно усовршување во Германија, но и во други западни земји. Таа укажува дека алумнистите од оваа организација, особено ИТ-стручњаците и инженери, имаат големи предности при вработувањето.
„Германија многу се почитува во Србија, има посебна вредност. Ако во биографијата Ви стои дека шест месеци сте работеле во германско претпријатие, за Вас е многу полесно да најдете вработување во Србија“, вели оваа Германка која живее во Белград. „Голем дел од нашите стипендисти веќе по шест месеци и пронаоѓаат работа, и во српски и во меѓународни фирми“.
Во рамките на програмата „Зоран Ѓинѓиќ“ постои и база на податоци со биографии на алумнисти, поврзана со претпријатијата кои се заинтересирани за стручњаци со одреден профил. Тука „врската“ не игра никаква улога, вели Матилда.
Еден од позитивните примери на програмата на фондацијата „Зоран Ѓинѓиќ“ е и поранешниот стипендист Марко Маринковиќ (на насловната фотографија), кој по стручната пракса во фирмата „Херенкнехт“ ја одби понудената работа во Германија и се врати во Србија. Марко моментално работи како асистен на Градежниот факултет во Белград и подготвува докторска дисертација. „Кај нас не се проблем луѓето, туку системот“, вели тој. „Во Германија постои добар систем кој не им допушта на луѓето да излегуваат од него, а кај нас системот е толку лош, што може да се рече дека не постои. Инаку сум сигурен дека во нашиот неуреден систем и Германците би ги правеле сите оние лоши работи, кои се случуваат кај нас“.
И Матилда Шмит е свесна за тие разлики меѓу Србија и Германија, но смета дека е клучно да се победи резигнацијата. „Не е важно дали говорам со таксист или луѓе на улица - сите негодуваат и се жалат, но никој ништо не прави. Кога сите би се однесувале како што сакаат да се однесуваат кон нив, сигурна сум дека Србија би се сменила“.
И Мирко Даутовиќ сака да придонесе за таа промена во главите на луѓето: „Она што навистина би ме задржало во Србија е да добијам работа со која можам да влијаам на тоа Србија вистински да се менува. Оние млакумина кои се вратија од странство и кои се вработени се само дел од сценографијата и немаат никакво вистинско влијание, ниту можат да ја променат ситуацијата“, вели Мирко.
Сепак тој не верува дека ќе се оствари неговата желба. Следен чекор во неговата кариера е да запише докторски студии во Берлин.