Нови повици во Европа за ставање ограда
13 јуни 2015Патување од Лисабон кон Атина, од Палермо кон Стокхолм, беа притоа да има контрола на границите - со Шенгенскиот систем тоа е можно. Пред 30 години претставници на пет држави во луксембуршкото гранично место Шенген се договорија да ги укинуваат постепено контролите на лица на своите внатрешни раници. Оттогаш Шенгенскиот систем постојано се проширува и надградува и се докажа како една од најголемите и најомилени придобивки во ЕУ. Но Шенген е омилен и кај луѓето за кои ваквата слобода на патување не беше наменета, на пример мигрантите од трети држави. Тие на територија на Еу влегуваат на пример во Италија и потоа, често со дозвола на тамошните власти, продолжуваат натаму кон север, на пример преку Австрија кон Германија. Омилена е и балканската рута преку Грција, Македонија, Србија во Унгарија, а оттаму кон Запад. Секој мигрант мора да биде регистриран во земјата во која прпват стапнува на територија на ЕУ, но кога веќе е влезен во Шенгенскиот простор тој има добри шанси да ги заобиколи контролите.
Колкави се размерите на илегалното минување на границите откри баварската полиција за време на самитот на Г7 во Елмау. На вакви големи настани полицијата смее привремено да го стави вон сила Шенген системот и да врши контроли. Таков е случајот редовно на пример при големи спортски настани. Полицијата, според сопствени наводи, од 26 мај констатирала повеќе од 10.000 илегални премини на границата, или „двојно повеќе отколку што во тој период би се констатирале на ниво на цела земја“, нагласува Јерг Радек од Полицискиот синдикат. Притоа се утврдени и деликти со дрога или прекршувања на правото на зил. Андреас Шојер, генерален секретар на баварската ЦСУ (Христијанско-социјална унија) за весникот „Билд“ изјави: „Надворешната граница на ЕУ има ’дупки’, а нашите соседи го вртат погледот. Ако одговорните во ЕУ наскоро не дозволат многу повеќе контроли отколку досега, тогаш и самите ќе станат соучесници на шверцерите, трговците со луѓе и другите сторители на кривични дела.“
Моника Холмајер е од истата партија како Шојер, но е пратеник во Европскиот парламент. Можеби тоа го релативизира критичкиот поглед. „Шенген е огромен успех. Никој не сака повеќе километарски колони камиони на граница“, нагласува таа за ДВ. Но таа додава дека Шенген не смее да биде простор без контрола. „Шенген треба да биде простор на безбедност и на слобода. Во моментов за него се дискутира само како за простор на слобода“, вели Холмајер.
Притисокот врз Шенген се зголемува и тоа не само во Германија. Матео Салвини, шеф на италијанската десничарска партија Лега Норд, уште во мај побара укинување на Шенгенскиот систем со оглед на бегалските бранови и опасноста од џихадисти. Во Франција шефицата на Националниот фронт, Марин Ле Пен, по нападите во Париз на почетокот на годинава побара: „Мора да ги контролираме нашите граници, мора да го запреме веднаш доселувањето и да го укинеме Шенген за да можеме да вршиме надзор на тоа кој ја напушта земјата и кој влегува.“ Ле Пен во ваквите свои барања има поддршка и од своите сограѓани. Во анкета спроведена на крајот на мај, 60% од Французите го ставиле под знак прашалник Шенгенскиот систем.
Оваа тема игра голема улога и во Данска. Таму на 18 јуни ќе се избира нов парламент. Деснориентираната Народна партија, која е критички настроена кон ЕУ, според прогнозите би требало да смета со голем плус на гласови - речиси 20%. Оваа партија исто така се залага за редовно контролирањена границата со Германија, за, како што се вели, да се преземат мерки против илегалното доселување и криминалот. Народната партија како коалиционен партнер во 2011 година веќе успеа во барањето данските цариници да смеат да контролираат возила од Германија, што предизвика бура во Брисел.
Шенгенскиот систем зависи од квалитетот на контролата на надворешните граници. Доколку само една единствена земја ја запостави задачата, а тоа шверцерите брзо го дознаваат, тогаш последиците ги чувствуваат сите други држави од Шенгенскиот простор. Моника Холмајер се залага за „масивна контрола на надворешните гранции“ на ЕУ. Освен тоа, ЕК треба да им остави на земјите членки повеќе простор за одлучување за тоа кога би ги контролирале внатрешните граници. Освен тоа, земјите членки треба да се договорат за тоа полицијата да може да ги следи осомничените и во одреден коридор преку граница, вели Холмајер.
Но, за такво нешто ќе мора да се „промени Шенген“. Ако Комисијата не направи отстапки, Холмајер е убедена дека „земјите членки во делот на тие прашања некогаш ќе се збогуваат од ЕУ“ и ќе си ги решаваат работите меѓусебно. Тоа, според нејзе, би бил многу лош развој. Таа нагласува дека за да се спаси Шенген, тој мора да се промени. Холмајер оценува дека проблемот на доселување нема да се реши само со промени на Шенген.
Други пак, во тој дел одамна преминаа во офанзива. Унгарија со својата деснонационална влада сега сака да преземе особено остри мерки против бегалците. Земјата е цел за мигрантите, кои пред се‘ ја користат како транзит на патот кон Запад и е на надворешната граница на ЕУ. За да го спречи бранот бегаци, владата на Орбан има намера да ја прогласи Србија за „сигурна трета земја“ и со тоа да им до одземе правото на бегалците да поднесуваат барања за азил во Унгарија. Портпарол на владата во Будимпешта неодамна не исклучи можност и за изградба на ограда од бодликава жица на границата кон Србија. Со тоа Унгарија, која во 1989 година стана симбол на исечена бодликава жица за бегалците од ГДР, може да стане предводник на ново европско оградување.