Систематско злоставување во католичка гимназија во Берлин
7 февруари 2010„Се срамам до небо“ изјави отецот Клаус Мертенс на 1 февруари во Берлин, на пресконференцијата која самиот ја свика. Тоа беше првпат една црквена институција да објавува скандал во кој самата е вмешана. Видно потресен Мертенс додаде дека се срами дека неговиот езуитски ред и црквата „капитулирале пред насилството и ги заштитувале сторителите.“
Гласини кои не му давале мир
Отецот Мертенс кој денес е ректор на приватното католичко училиште „Канизиус“, дошол да работи во него како учител во 1994 година. Благодарение на него, урнат е ѕидот на молчење за духовното и телесно злосторство кое го следело школувањето на младите езуити. Мертенс слушал гласини за сексуалните активности на неговите колеги и тоа не му давало мир. Повеќепати присуствувал на состаноци на поранешни ученици во гимназијата барајќи од нив соодветни информации се’ додека конечно во 2006 година еден од поранешните ученици кој трпел злоставување не му испратил писмо во кое ги опишал тешките искуства низ кои проаѓал.
Мертенс тие информации не ги изнел веднаш во јавноста, но ги известил старешините на неговиот ред и Ватикан. Притоа се изборил језуитите да добијат специјален ополномоштеник за случаи на сексуално злоставување, а започнале да се јавуваат и нови жртви.
Злосторниците мирно живеат како пензионери
Се покажало дека во злоставувањето имало систем, но досега откриените 22 случаи важат како застарени со оглед дека во Германија сексуалните деликти застаруваат десет години откако жртвата ќе стане полнолетна. Еден од обвинетите, поранешен наставник во „Канизиус“ денес има 65 години и живее во Чиле. Тој во писмена изјава го призна злосторството молејќи ги притоа жртвите да му простат, доколку можат. Вториот обвинет сега 69 годишен пензионер кој живее во Берлин ги отфрли обвинувањата.
Езуитите се инаку најброен машки црковен ред во рамките на католичката црква. Ширум светот имаат околу 19 илјади членови, а во Германија ги има околу 400. Тие ги слават аскетскиот живот, послушноста кон Папата и целибатот, но не се монаси кои живеат во манастири. Овој ред го основал Шпанецот Игнасио Лајола во 16 век.
Автор: Сандра Петерсмен/ Симе Недевски
Редактор: Александра Трајковска