Семејниот накит за спас на државата?
7 април 2015На многумина од помислата да го заложат семејниот накит за да ја спасат државата им се крева косата на глава. Но токму тоа се случи во 1997. година кога многу Корејци за време на азиската криза ѝ помогнаа на својата земја да се извлече од финансиските проблеми.
Накит и медали за државата
Кјонг Сук Сунг, денес професорка за кореанистика на Универзитетот во Бон, се присетува како јужнокорејската влада во екот на кризата ги извести граѓаните дека од меѓународната заедница побарала огромен кредит за да се извлече од неволја. Меѓутоа, 58. милијарди американски долари меѓународните финансиери ги поврзаа со строги услови: програми за штедење и структурни реформи. За граѓаните на Јужна Кореја настапија тешки години, невработеноста тројно се зголеми а јавниот сектор беше драстично намален. Но тоа не беше се’. За да го отплати побрзо кредитот и да се ослободи од огромниот финансиски товар, јужнокорејската влада од граѓаните побара да го донираат своето семејно злато: венчалните прстени, накит од наследство и златните фигури кои во Кореја традиционално им се подаруваат на малите деца. Па дури и спортските медали.
Рецепт за Грција?
И граѓаните одговорија на повикот на владата. „Моите родители го подарија накитот кој го добив за мојот прв роденден“, се присетува Сунг денес. Семејството на нејзината најдобра пријателка го дало своето семејно злато. Во рок од неколку месеци на државата ѝ се предадени над 227 тони злато. Тоа ѝ овозможи на земјата во дел да го покрие кредитот од Меѓународниот монетарен фонд веќе по три години.
Многумина сега со право се прашуваат дали овој рецепт може да се примени и на Грција: „Замислата е во основа добра: конечно станува збор за тоа средствата од приватниот да се преточат во јавниот сектор за да може државата да ги исполни своите обврски“, вели Ролф Лангхамер кој за време на азиската криза беше директор на Економскиот институт од Кил. Тоа може да се одвива на неколку начини: „Најнормален“ начин е секако граѓаните да плаќаат данок. Другиот начин е грчката држава да се задолжи кај граѓаните продавајќи им државни обврзници. Тоа веќе функционираше на пример во Јапонија. Но во Јапонија довербата на граѓаните во државата е огромна, затоа програмата со обврзници и функционира. „Искрено се двоумам околу прашањето дали грчките граѓани имаат доверба во својата сопствена држава. Да имаа доверба, тогаш граѓаните би плаќале данок и не би имале имот во странство“, вели Лангхамер. Овој економист споменува и уште еден „вечен“ проблем на Грција. „Во оваа земја многумина живеат на државни јасли но не се’ подготвени на таа иста држава да ѝ дадат ништо“.
Чувство на заедништво
Во Јужна Кореја ситуацијата беше поинаква. „Чувството на заедништво во Кореја е силно бидејќи нашите проблеми секогаш сме морале да ги решаваме сами“, вели професорката Сунг. Опкружени со велесилите Кина и Јапонија, на Корејците во текот на вековите им се создало чувство на заедништво. Во историјата има многу примери каде државата своите граѓни ги повикала на материјална солидарност. За време на Првата светска војна, Германија со слоганот „Злато за челик“ ги повика своите граѓани со семејниот накит да го финансираат вооружувањето.