Секој деветти Германец има проблем со конзумирањето алкохол
29 јуни 2007Парадигмата со добрата и лошата вест, секако може да се примени и на полето на конзумирањето дроги во Германија. Добрата вест од годишниот извештај е дека младите се‘ помалку конзумираат хашиш. Само 13% од младите меѓу 14 и 17 години, што е критичната возраст за почнување, пробале канабис. За споредба: пред три години нивниот број изнесуваше цели 22 проценти. Опаѓање се забележува и кај 18 и 19-годишните Германци, каде пред три години статистиките тврдеа оти цели 40% имале искуство со оваа дрога. Оваа година процентот опаднал на 32. Ова се објаснува меѓу другото и со успешната кампања против пушењето, бидејќи младите пушачи многу полесно посегаат по хашишот од непушачите.
Сега и лошата вест: во Германија се во мода т.н. “флетрејтпартис“. Зад овој англицизам се кријат забави во кои организаторите, дискотеки, клубови исл. ги привлекуваат младите со понуда за неограничен конзум на алкохол за платена паушала. Јавноста сериозно се вознемири дури откако пред неколку недели еден млад човек падна во кома по 50 испиени алкохолни пијалоци на таква забава – и не се разбуди повеќе.
Лина Елтер подготви прилог за проблемот со алкохолот, како притаена и дотолку многу поопасна дрога во Германија.
Алкохолот ужива општествена легитимација
Здравствените и психички проблеми поради претерано конзумирање алкохол во Германија се‘ повеќе се перципираат како сериозен општествен проблем. Од вкупно 82 милиони жители, 1,6 милиони се водат како зависници од алкохол. Натамошни 2,7 милиони имаат проблеми со разни видови на штетно конзумирање алкохолни пијалоци, додека уште 5 милиони се во групата на рискантни конзументи. Сума сумарум, цели 9,3 милиони Германци, значи речиси секој девети до десети граѓанин на земјата, има проблеми со алкохол. Вкупните штети за земјата се проценуваат на околу 30 милијарди евра годишно.
Според експертите меѓутоа најголем проблем претставува ставот на општеството и јавноста кон конзумирањето алкохол. Тој е длабоко вкоренет во германското општество и има голем број луѓе кои го користат како средство за развеселување, но и за надминување на проблемите и животниот стрес, нагласува Ахим Шефер, раководител на специјализираната амбуланта за проблеми со алкохолизам на Каритас во Бон:
“Уште од деца па се‘ до зрелото доба на секаде гледаме дека се пие алкохол и дека тоа се смета за нормално, општествено прифатливо. Значи растеме со културата на пиење, во која никој не не‘ предупредува дека со тоа може да оболиме, да ја загубиме контролата врз сопствениот живот, па дури и да умреме.“
Според статистиките со кои тој располага годишно од алкохолизам во Германија умираат 42.000 лица.
Шефер меѓутоа посочува на невидливата граница меѓу нормалниот, општествено легитимиран конзум на алкохол и патолошкиот. Преминувањето на оваа граница можат да го предизвикаат многу фактори, како особено тешки животни ситуации, преголем стрес на работното место или на училиште, проблеми во партнерството исл. Кога веќе постои навиката да се пие алкохол, тогаш во вакви ситуации неговата употреба за подобрување на расположението лесно се претвора во злоупотреба и зависност со многу тешки последици.
За тоа сведочи и Маркус, кој со години веќе посетува група за самопомош:
“Здраво, јас сум Маркус, јас сум алкохоличар, денеска не морав да пијам алкохол и за тоа сум многу благодарен...“
Веќе седум години Маркус не пие. Редовно да пие почнал на 16-годишна возраст. Дури цели 20 години подоцна, кога неговото семејство се наоѓаше во распад, најде сила да го прекине вителот на зависноста.
“Секогаш си мислев: ма, можам јас сам да го надминам тоа. На жена ми исто постојано и‘ велев дека ќе излезам на крај со алкохолот, но тоа се покажа како најголемата заблуда во мојот живот!“
Дури по третманот и со помош на групата за самопомош на поранешни алкохоличари, кои се среќаваат еднаш неделно, тој успеал да го стави под контрола тешкиот проблем. Разбирањето и поддршката на луѓето кои и самите минале низ пеколот била пресудна и за Ања, која исто со години го криела проблемот од својата околина, но што е уште полошо и од самата себе.
“Кога признав дека боледувам од оваа зависност, многумина беа зачудени, бидејќи пиев дома, сама. На вечер имено често бев многу осамена. А кога имав посета, тогаш исто беше нормално да се напиеме нешто и така полека, полека зависноста ми се вовлече во животот.“
Опивањето во младоста создава подлога за сериозна зависност подоцна
Опивањето кај младите и во Германија спаѓа во редот интересни искуства во пубертетските години, тоа е своевидна авантура, испит на зрелоста. Во општеството ваквиот менталитет е прифатен или барем се толерира. Но, пијанството во раните години од животот, доколку се повторува полека ја формира подлогата за потенцијален зависнички синдром во подоцнежните години.
Статистиките велат дека посебно кај постарите луѓе алкохолизмот зема сериозни размери. Дури една третина од сите алкохоличари во земјата спаѓаат во старосната група преку 65 години. За нив опасноста е дури и поголема, бидејќи кај постарите лица слабее способноста на црниот дроб да ги разгради отровите што ги содржи алкохолот. Освен тоа ним им се потребни и лекови за разни заболувања во староста, со кои алкохолот создава нездрави комбинации, се‘ до фатални труења на системот.
Ситуацијата е дотолку посериозна што лекарите и стручните служби не го земаат доволно сериозно проблемот со алкохолизам кај сениорите. Од една страна не сакаат на “кутриот дедо“ да речеме, да му го одземат можеби едно од последните мали уживања во квечерието на животот. Но, од друга страна и загриженоста за здравјето на постарите лица, кои веќе го дале максимумот во смисол на работоспособно население, постепено се намалува, колку и тоа да не го правиме свесно.
Дотолку повеќе меѓутоа загрижува вовлекувањето на алкохолот во свеста на младите мајки. Додека во повоена Германија алкохолот кај бремените жени беше апсолутно табу поради откриените здравствени проблеми и деформации кај плодот, денес новите генерации полека го напуштаат ваквиот категоричен став. Така една мајка од Келн раскажува како за време на првата бременост не се напила ни капка алкохол. Под крај на втората знаела да се напие по некоја чаша вино, тукуречи во чест на приновата што ќе дојде. А во третата бременост редовно си пиела по една две чаши вино уз јадење.
Поради конзумирање алкохол во бременоста годишно во Германија се раѓаат по 20.000 бебиња со полесни и потешки телесни и психички деформации. Медицински тоа се објаснува со фактот што алкохолот влегува директно во крвта на ембрионот и го попречува растежот на ќелиите. Освен тоа го оштетува нервниот систем и посебно мозокот. Забележани се и патолошки промени во развојот на срцето, бубрезите и половите органи на плодот. Конечно, 90 од децата чии мајки конзумирале алкохол во одредено количество подоцна имаат проблеми во развојот на интелигенцијата и учењето, така што мораат да посетуваат образовни установи за ментално заостанати деца.
Дека опасноста од алкохолот во германското општество е потценета сведочи и следната анкета спроведена на улиците на Келн:
“Мислам дека алкохолизмот е општествен проблем, затоа што конзумирањето алкохол е општествено прифатено. Затоа не постои доволна свест за последиците и опасностите...“
“Тоа е особено така кај младите. Кога еднаш некој ќе западне во таа навика, тогаш ја губи поддршката од околината.“
“Тие ни не си ги познаваат границите. Мислам дека опасноста е навистина голема кога така се опиваат за да мораат да завршат в болница во бесвесна состојба.“
“Само малкумина можат да уживаат во оваа дрога со претпазливост, што значи со мерка!“
Што презема политиката?!?
Делови од германската јавност вината ја бараат кај одговорните политичари. Тие не се осмелуваат алкохолот да го наречат со вистинското име, имено дека станува збор за вистинска дрога! Политичарите меѓутоа тој чекор не го прават од сосема јасни причини: државниот буџет преку данокот на алкохолни пијалоци годишно заработува милиони - појаснува коментаторот на весникот “Абендцајтунг што излегува во Минхен. Ова не е заложба за прохибиција, се вели во статијата, туку повик за општествена осуда на опивањето и засилена кампања што на широката јавност ќе и‘ ги објасни здравствените опасности. Само со таква кампања, како што беше и онаа за користење кондоми како мерка против ширењето на сидата, може да се запре, а можеби и искорени алкохолизмот како општонародна болест!