Седум компании „заработија“ пријави за мазутот
9 јуни 2021Седум компании „заработија“ прекршочни пријави и добија казни од 55.510 евра, а изречени се и решенија за забрана за работа, забрана за пуштање во промет на мазут и покренати се барања за одземање на лиценците, по направената анализа на државните институции кај дел од компаниите увознички на мазут. Прекршочни казни се изречени против компаниите „РКМ ДООЕЛ“, „Супертрејд“, „Евротим“, „Пертинакс-Скопје“, „Ли-оил ДБ Кавадарци“, „Блу технолоџи“ и „Ка-оил Енерџи Кавадарци“, која вршела трговија на мазут без лиценца од Регулаторната комисија за енергетика.
-повеќе на темата: Аферата со увозот на отпадниот мазут ги крена институциите на нозе
Кај дел од нив биле констатирани неправилности во делот на законската обврска за чување залихи и правилно водење на сметководствената евиденција. Досегашните сознанија до кои дошле надлежните се доставени до Основното јавно обвинителство за утврдување на евентуална кривична одговорност.
Вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски и министерот за економија Крешник Бектеши на прес-конференција информираа дека кај компанијата „Евротим“ се констатирани неправилности и ѝ е изречена времена забрана за пуштање во промет на мазут, откако е утврдено дека увезениот мазут бил со вредности кои не одговараат со Правилникот за квалитет на течни горива.
-повеќе на темата: Последната европска депонија: Се печалат милиони на сметка на здравјето на македонските граѓани
Компанијата „Блу Технолоџи”, пак, продавала мазут ППД кој што не е деклариран во Правилникот и на оваа компанија, поради што ѝ е изречено решение за привремена забрана и пуштање во промет на пронајдениот производ. Кај компанијата „Санс АГ” е утврдено производство на мазут од отпадни гуми и ѝ е изречена забрана за работа. Поднесено е и барање за одземање на Б интегрираната дозвола.
Кај пет цистерни на Супертрејд, утврдено е отстапување на мерките, во делот на поголем дел на вода од дозволеното. При спроведената внатрешна контрола на Царинската управа кај РКМ ДООЕЛ е утврдено дека пријавил нафтен дериват кој не подлежи на акциза, но по контролата е увидено дека станува збор за мазут, што подлежи на акциза. Од фирмата е наплатен царински долг во вредност од над 24 илјади евра.
Вонредните контроли на увозот на мазут доаѓаат по истражувањето на ИРЛ за увозот на мазут. Според истражувањето, најмалку две години, во периодот од 2018 до 2020 година, граѓаните во повеќе македонски градови биле труени со опасен мазут, увезен и користен од фирми кои притоа направиле милионски профити.