Сараевскиот атентат дели и по 100 години
28 јуни 2014На стогодишнината од атентатот во Сараево се продлабочува јазот меѓу Србите и Бошњаците. Бошњаците во Сараево денеска (28.06.2014), во присуство на многу странски гости, ја одбележаа годишнината од убиството на Франц Фердинанд и неговата сопруга Софи од страна на Гаврило Принцип.
Србите во Босна и Херцеговина го бојкотираа официјалното одбележување на стогодишнината од атентатот врз австроунгарскиот престолонаследник. Наместо на церемонијата во Сараево, тие се собраа во источнобосанскиот град Вишеград, недалеку од српската граница. Стотици луѓе таму му оддадоа почит на атентаторот Гаврило Принцип како борец за слободата против странската власт од Виена.
„Никогаш не сме биле заедно, ни во тага, ни во радост“, го цитираат медиумите претседателот на српскиот дел на Босна и Херцеговина, Милорад Додик. „Немаме заеднички празници“. Додик уште рекол: „Тоа кажува сѐ за денешна Босна како држава со власт само со помош на меѓународната заедница“.
Претседателот на Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ, рече дека денеска сите требало да дојдат во Сараево на одбележувањето на Сараевскиот атантат и 100-годшнината од почетокот на Првата светска војна, не за да се преиспита историјата, туку на денешен ден да биде пратена порака за мир: „Би требало денеска сите да бидеме заедно во Сараево, а не да ги обновуваме препреките и караниците, кој за што е виновен. Гаврило Принцип е она за што го сметаат луѓето, за некои е херој, за некои атентатор, нека историчарите го кажат своето. Не сакам денеска да расправаме за тоа“, рече Изтебеговиќ, по што ја потпиша петицијата „Милион потписи за влез на БиХ во ЕУ“, започната денеска во Сараево.
Гаврило Принцип на 28. јуни 1914 година во Сараево го застрела австроунгарскиот престолонаследник Франц Фердинанд, кога тој со отворен автомобил се возеше низ градот. Атентатот доведе до меѓународна криза, која пет недели подоцна заврши со почеток на Првата светска војна, во која загинаа милиони луѓе.