Самоубиствата по Втората светска војна остануваат табу
4 мај 2015ДВ: Вашата книга „Дете, вети ми дека ќе се убиеш“ ја почнувате со малото градче Демин во Предна Померанија. Според Вашето истражување, во последните денови на војната, таму самоубиство извршиле меѓу 700 и 1.000 луѓе. Зошто токму Демин?
Во Демин тој феномен на самоубиства е особено изразен. Тоа има врска и со географската положба, бидејќи градот е на полуостров, меѓу три реки. Откако мостовите биле минирани, никој не можел да замине- ни војниците на Црвената армија кои го освоиле градот на 30 април. Покрај жителите на Демин, таму се наоѓале и илјадници бегалци од источните територии. Градот бил преполн, луѓето се наоѓале како во замка, на мал простор. Поради сложената ситуација и расположението кое се создало, на крајот тоа за многумина било фатално. Но Демин не бил изолиран случај.
ДВ: Што предизвикало толкав страв кај луѓето во текот на советската инвазија?
Луѓето со години ја слушале германската пропаганда, која ги плашела со тоа што ги очекува кога непријателот ќе влезе во Германија. Тоа било најстрашно опишувано: „монголските хорди“, како што ги нарекувале Русите, на децата ќе им ги сечат јазиците и ќе им ги вадат очите, ќе ги силуваат жените. Стравот бил огромен. Особено кога на тоа ќе се додадат и приказните на бегалците кои веќе ги доживеале стравотиите- и злосторствата и силувањата. Така стравот и реалното искуство на насилството го зголемиле очајот од кој, многумина биле уверени, можело да се побегне само во смрт.
ДВ: Дали масовните самоубиства биле резултат само на стравот од Црвената армија? Како било на Западот, каде напредувале Американците и Британците?
Тоа не бил страв само од непријателот и од советската армија. Многумина имале чувство на вина и вмешаност во злосторствата, па затоа и стравувале од она што може да следува. Многумина и не можеле да си го замислат светот по 12 години вонредна состојба. Тоа чувство на целосна пропаст и тага не постоело само на исток, туку всушност завладеало низ целиот „Рајх“.
ДВ: Каква улога имал примерот на Хитлер, кој си го одзел животот на 30 април 1945 година?
Хитлер се убил на 30 април, а веќе следниот ден на радио е јавено дека Фирерот паднал во херојска битка против непријателот. Самоубиството не е споменато. Неверојатно е дека митот за Фирерот, кого Германците толку многу го сакале и го обожувале како светец, речиси целосно изчезнал во последните недели од војната. Во ниту еден дневник од тоа време не пронајдов изрази на жалост поради смртта на Хитлер. Во периодот на целосна пропаст на Германија, тоа луѓето ги оставало рамнодушни. Значи, воопшто не е вистина дека Хитлер ги повел луѓето во самоубиство.
ДВ: Зошто ова, досега најголемо масовно самоубиство во Германија, остана непознато? Дали е тоа сѐ уште табу тема?
Тоа делумно може да се објасни со фактот дека во ГДР било забрането да се зборува за теми како што се Демин, бидејќи така на виделина би излегло нешто лошо за Црвената армија. Но, од обединувањето на Германија навистина мина доста време, па оттука единствено можам да заклучам дека самоубиствата не се вклопуваат во сликата за нашето минато, онаа што ја имавме во последните 20-30 години. Многу нешта се втурнати во крутата шема на злосторници и жртви, херои и крвници. Овие самоубиства го докажуваат спротивното. Тоа не биле само злосторници, имало секакви луѓе. Но тоа не биле жртви кои би можеле да се споредат со луѓето кои биле во конц-логорите. Тоа биле луѓе кои се убиле во екстремни околности.